Марија Прличкова Нешовска: Поради сопругот, станав подобра верзија од себе
Денот обично и почнува околу 9-9.30 часот. Важи за голема спанка, но и за ноќна птица. Марија Прличкова – Нешовска првото утринско кафе речиси секогаш го пие со својот сопруг Емил.
- Уште додека бевме дечко и девојка, кога и да преспиев кај него, тој ме будеше со кафе. За среќа, таа пракса ја задржа и во брачниот живот – открива девојката, која и тие што не ја познаваат, ќе ја почувствуваат нејзината искреност, убава енергија и добра мисла, ако ги прочитаат статусите или ги погледнат ете фотографиите кои ги објавува на социјалните мрежи.
-Ме мотивира општеството, но најмногу најблиските, особено Емил кој отсекогаш веруваше во мене. Поради него станав подобра верзија од себе. Научив што значи да сакаш некого и да бидеш сакан. Всушност, со самата љубов стануваш подобар и поуспешен, имаш наплив на самодоверба. Откако сум со Емил, осознав многу работи за себе и направив нешта за коишто никогаш не сум била свесна дека можам да ги направам само затоа што сум се чувствувала несигурна. Така што, заклучно, би рекла дека љубовта е мојата најсилна мотивација – открива Марија.
Во моментов го завршува својот дипломски труд по психологија, кој во септември планира да го одбрани.
- Бидејќи не сум работно ангажирана, целосно сум посветена на домот и Емил. Мојата најголема маана беше готвењето, па сега, кога имам помалку обврски, се трудам да се поправам во тој аспект. Би сакала кога ќе се остварам како родител, моите деца да јадат вкусни, здрави и квалитетни оброци. Денот речиси секогаш ми завршува во кревет, гледајќи филм со Емил. Понекогаш излегуваме во некое кафуле со друштво или сами. Но, обично сме дома пред телевизорот. Тогаш разговараме како ни поминал денот, дискутираме околу ситни проблеми со коишто моментално се соочуваме и слично.
- Додека студирав не читав книги бидејќи имав доволно книги од факултетот, па тогаш повеќе гледав филмови и серии за опуштање. Многу сакам да читам книги и постојано ја надополнувам својата библиотека. Иако во последно време не купувам романи, туку исклучиво стручна литература за психилогија и модерна психологија. Последна книга која ја прочитав изминатиов месец е „Умрен човек“ од нашиот сакан Игор Џамбазов – посочува Прличкова-Нешовска.
С.А.Н