Матуранти, со среќа!

Добивај вести на Viber

Толку ми беа убави социјалниве мрежи периодов со матурските што ми идеше дури и да запеам, ама после ми текна дека Биба моја кога ме слушна еднаш ми рече “среќа детето ти е на мене во пеењето, не повлекла на тебе”. Абе да ти е мерак да отвориш постови на кои блеснува сиот младешки ентузијазам и верба во иднината. Дотерани, среќни, еуфорични, преубави млади луѓе. И нормално, како и за сé, така и за ова имаше многу коментари за тоа како се облекуваат децата за матурските. Налетав на пост од еден чешит човек кој имаше напишано “прво извајте слики од вашата матура па после објаснете им на матурантиве како требит да се облеквет” (ах, тој наш преубав дијалект кој потекнува од Охрид-Струга). Како бумеранг ме врати на моите 18 и на возбудата која ме фати уште од почетокот на четврта година средно. Ехееееее, матурата ми беше како предвесник на нова страница од животот, ненапишана а имав толку многу да изнапишам. И веќе во второ полугодие започна кулминацијата за тоа кој што ќе носи, кој ќе ни биде партнер и како ќе си поминеме. Мене, ко што ме дал горниот, до сам крај ич не ми беше во глава што ќе носам. Во последен момент почнав да паничам и на крај завршив во еден комплет од некоја мешавина на свила и сатен, во боја на мрсул (6-ти ден кога се оздравува од грип). Ја знаете таа боја, нели? Уште е зелена, ама оди накај жолто...извинете на описов, ама немам во глава соодветно име на бојата.

И ми беше супер, си поминав преубаво во Охрид, чинам дека славевме во Десарет. Матура за паметење, со сите салтанаци и славење на нашето созревање. Мала неизвесност бидејќи нашите другари се соочуваа со војска (тогаш беше уште ЈНА и војската значеше дека нема да одат секој ден дома на ручек, како сега)...е после сé отиде бестрага и чинам дека како генерација не заздравивме од шокот дека довчерашните браќа и сестри, станаа крвни непријатели. Од денешен аспект, знам дека само ни се чинело оти сме зрели и знаеме што сакаме, ама тогаш бевме сите убедени дека сме способни за носење одлуки. Во мое време, немаше полагање матури, туку полагавме само приемен на факултет. И сега, кога ги читам “модниве критичари” по интернет кои се нималку компетентни да критикуваат, си велам аман, оставете ги децата да си се стросаат како што им е ќеф, оти веќе почнува стресот со полагање матури, па факс и општо животот. Ако им е убаво да се облечат во тоалета која изгледа како да одат на Оскар, оставете ги. Ако им е убаво да одат во старки и фармерки, нека одат така. Впрочем, имаат право да изгледаат токму онака како што се чувствуваат. Па биле како тетки, па биле како певаљки, дрндрн. Сиот живот понатаму ќе мораат да се придржуваат на некаков кодекс на облекување, барем сега нека одат онака како што сакаат. Како да не им е малку притисокот од тоа што ги чека понатаму.

И кога пак ќе се вратам во минатото, ми излегуваат слики пред очи од тоа дека сум била како камелеон во различни периоди од животот. На 20 изгледав многу сериозно во костими, со огромни обетки кои ми ги правеа ушите партали и кои ми беа на крај забранети од доктор да ги носам. Па згора на сé, носев и соодветни марами и брошеви за после драстично да сменам начин на облекување. Кога ги открив долгите фустани доживеав откровение и ден денес сум натната во нив преку лето. Носев и толку високи потпетици, што сега ме болат нозе само што ќе помислам на нив. Ама во тоа време, можев и сакав, дури бев толку испраксирана во одот што и калдрмите не ми беа проблем. Стилот се менува, се гради и никогаш вкусот не останува ист. Ама да се зборува дури и погрдно за младоста која е сама по себе убава дури и без да се земе предвид кој како е облечен, е малку злобно. Пардон, многу е злобно и неубаво. Тоа е како оној коментар “абе се гледа оваа на огледало пред да излезе?”, кој е врв на ФУЈ. Да, се гледа и сигурно си се бендисала штом излегла како што излегла и не, не и’ паднало на памет да ве праша за мислење или совет.

Можеби грешам и нека ми простат оние кои професионално се занимаваат со мода, ама чинам дека модата не е само слепо следење на трендови, туку наоѓање начин како да се истакне автентичноста или карактерот. Не сум стручна за ова прашање, ама дома имам тинејџерка која има сосем различен вкус за облекување од мојот. И кога ми иде да отворам уста и да си го кажам мислењето, си го подгризувам јазикот и си велам “Ано кочи, крени рачна”. Не дека стално бендисувам што се купуваат маичиња за папокот да е гол, ама па кога ќе ги носи ако не сега? Кога ќе е на работа или на деловен состанок?Она што ми е важно е да знае сама да одлучи дали во тоа што го носи ќе биде своја. Тоа значи дека ако не сака фустан со светки, да не го носи оти сите носат...или обратно, ако сака широки, панталони да ги облече иако не се баш модерни во моментот.

И кога веќе се коментира за матурантите, еве и јас да кажам неколку збора кои се наменети за нив и кои ич не се однесуваат на нивната облека. 

Да бидете секогаш свои, дури и тогаш кога ви се чини дека ќе бидете осудени од околината. 

Да си ја негувате храброста да кажете што сакате и што не сакате, за да не завршите во животот на работно место или покрај партнер од кој ќе ви се наткрева желудникот. 

Да се борите за себе, но и за оние кои немаат сила да се изборат за своите права. 

Да си одберете професија која ќе прави со насмев да одите на факултет и на работа. 

Да не потклекнувате на малограѓанштината и простаклукот и да стоите позади своите одлуки. 

Да си ја слушате интуицијата, оти таа никогаш нема да ве излаже колку и да ви е во моментот неприфатлива. 

Да инвестирате во себе и во своето знаење, оти таа инвестиција секогаш ќе се исплати. 

Да не “трпите” ништо заради тоа што тоа ви го налага воспитувањето.

И тогаш кога вашите амбиции се големи, да памтите дека некогаш ќе имате и падови од кои ќе научите нешто ново, за себе и за другите.

Да си го пазите здравјето и срцето, за да не ви го поганат лоши луѓе кои ќе ве убедуваат дека не заслужувате ништо подобро.

Да си ја негувате душата со музика, книги и уметност од секој вид.

Каде и да ве однесе животот, да си ја зачувате човечноста и секогаш, ама секогаш пред да осудите некого да се ставите во неговите чевли.

Полесниот пат не значи дека е секогаш подобар и потешкиот пат не значи дека треба да се обесхрабрувате, напротив. 

Да не се пазарите дури ни со себе ако е во прашање вашето ментално здравје, чистете си ја околината и умот од негативни мисли и луѓе.

Да го зграпчите животот со двете раце и да го вдишете максимално оти ви е еден и единствен. Ви сакам иднина која ќе ве исполни со убави приказни кои ќе ги раскажувате на поколенијата. И запамтете, убави сте секогаш ако имате чисто срце и бел образ. 

Матуранти, нека ви е честито матурата и влезот во светот на возрасните. Направете го поубав...за вас и за сите нас!

Да сте ми живи и здрави, ви подарувам нова песна.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Иднината е во твои раце

Како парче глина 

Кое чека да го обликуваш

И што од неа ќе сториш

Токму тоа ќе живееш

Оти од тебе зависи

И во тебе изборот лежи

Иднината е во твои раце

И никому да не даваш да ја чепка

Да ти ја менува или погани

Да ти ја труе и оболува

Та да си храбар и да си храбра

За да кажеш НЕ на сите

Кои сакаат твојот живот да го живеат

Иднината е во твои раце

И држи ја нежно, со љубов

Ама и доволно цврсто 

За да не ја испуштиш

И да не ја запустиш

Оти сам на себе не ќе си простиш

И сама на себе лута ќе си

Иднината е во твои раце

И ич да не и’ се плашиш

Туку в очи да и’ се пулиш

И решително во неа да зачекориш

Со срце полно верба

И душа полна надеж

Чунки така се живее, така се љуби

Иднината е во твои раце

И навикни се на тежината нејзина

За дом да и’ бидеш

И на вкусот нејзин и мирисот

За да уживаш во неа секогаш

Оти само ако и’ се радуваш

Ќе знаеш да ја стокмиш по свое

Иднината е во твои раце

И да не заборавиш оти до тебе е

И дека никој нема право

Да ти ја одземе или 

Наместо тебе да ја живее

Та секој натрапник во мајчина да го отераш

И да си го штитиш она што твое е

Иднината е во твои раце

Направи ја вредна и достојна за себе

Стори ја полна приказни и ѕвезди

За еден ден кога веќе минато ќе ти биде

Да ја раскажуваш на своите деца

И потака на децата нивни

За ветар во грб да им дадеш

И во нив мисла да посадиш

Дека иднината нивна е во нив

И во рацете нивни 

Полни љубов за неа