Ми требаше пауза: Даниел Кајмакоски се враќа на сцената

Добивај вести на Viber

Даниел Кајмакоски кој во екот на популарноста се повлече од јавноста откако минатата година стана татко, конечно ќе промовира нова песна. Популарниот пејач ќе се натпреварува на јубилејното 25-то издание на фестивалот „Охрид фест-Охридски трубадури“ закажано на 6,7 и 8 септември. Фановите со нетрпение очекуваат нов материјал од Кајмакоски кој по победата на „Х-фактор“ ја обедини публиката од сите генерации.

- Мислам дека ми требаше мала пауза од сè бидејќи не сакав да пропуштам ниту еден миг од искуството да бидеш татко. Се надевам дека мојата публика има разбирање за тоа. Јас со големо срце ќе им се оддолжам на фановите. Нов материјал дефинитивно ќе има, тоа им го должам на сите - изјави тој за „Женски Магазин“ во февруари годинава.

„Охрид фест-Охридски трубадури“ ќе се одржи пред хотелот „Нова Ривиера“ на кејот на Охридското езеро. Манифестацијата традиционално стартува со детските рефрени, втората фестивалска вечер е посветена на фолк-пејачите, претпоследниот ден од програмата е резервиран за поп-изведувачите, а крајот им припаѓа на интернационалните ѕвезди. Годинава во Охрид ќе допатуваат Жак Худек, Владо Калембер, Ален Исламовиќ и српските евровизиски претставниви, етно-составот „Балканика“.

- Годинава одбележуваме значаен јубилеј. Можам да откријам дека сме во сериозни преговори со уште две големи имиња кои сакаме да ги донесеме. Станува збор за британскиот пејач, композитор и музичар Пол Јанг кој во 80-те години на минатиот век беше идол на тинејџерите во цела Европа. Преговараме и со менаџментот на американско-францускиот диско состав „Санта Есмералда“ - ни откри Копров неодамна.

Ѓ.С.