Македонија има потенцијал за давање љубов. Имаме семејства кои ги пораснале своите деца и тие можат да станат згрижувачи и споделат љубов со децата што денес живеат во институции, изјави денеска министерката за труд и социјална политика Мила Царовска на почетокот на кампањата „На секое дете му треба семејство“.
Кампањата со пораката „Дали имате љубов за давање“ ја спроведуваат МТСП и УНИЦЕФ со цел граѓаните да станат згрижувачи на деца без родителска грижа и мобилизирање на поддршката за решение за грижа за деца во семејно опкружување на ниво на заедница наспроти институционално згрижување.
Царовска посочи дека оваа кампања значи многу за Македонија и има за цел да се обезбеди семејство за секое дете во државата.
Таа ги повика сите граѓани што имаат љубов да ја споделат и да придонесат во системот на социјална заштита, да се регистрираат како згрижувачи и да поминат обука, да добијат дете и за него да се грижат додека тоа не порасне, бидејќи како што рече, таа љубов секогаш се враќа.
Почетокот на кампањата беше означен денеска на плоштадот „Македонија“ со „Галебе мој тажен“, која е дел од кампањата „Дали имате љубов за давање“.