Милчо Манчевски: Мислев дека одам на разговор, ми доделија награда

Добивај вести на Viber

На јубилејниот 30-ти Mеѓународен филмски фестивал во Трст, Италија на македонскиот филмски режисер Милчо Манчевски му беше доделена наградата Eastern star за достигнувања во областа на кинематографијата. Досегашни добитници на оваа награда се италијанската актерка Моника Белучи, француската актерка Ирен Жакоб и хрватскиот актер Раде Шербеџија.

Во чест на заслужниот македонски уметник беше прикажан неговиот најнаградуван филм „Пред дождот“ кој го освои „Златниот лав“ на Филмскиот фестивал во Венеција, беше номиниран за Оскар и освои уште 30 меѓународни награди, а Њујорк тајмс го вброи во 1.000 најдобри филмови на сите времиња.

Манчевски ја прифати поканата да земе учество како почесен гостин на филмскиот фестивал на кој му беше само најавено дека ќе биде прикажан „Пред дождот“ токму на јубилејното издание на фестивалот. Проекцијата на овој класик беше распродадена, а авторот поздравен со неколкуминутен аплауз.

Раководството на фестивалот му подготви пријатно изненадување на Манчевски поканувајќи го на сцената за време на свеченото затворање на фестивалот за да му ја врачат наградата Eastern star без претходна најава.

- Ме поканија да го одбележиме нивниот 30-годишен јубилеј со „Пред дождот“. Мислев дека одам во Италија на разговор со публиката и на добра паста, ама организаторите ми спремиле изненадување со наградата - по тој повод изјави режисерот.