Минато, сегашност и иднина
Кога бев мала секогаш ми беше чудно како реагираа моите кога ќе кажеа на вести, или ќе прочитаа во штампа оти некој познат актер/актерка или пејач/пејачка починале. Тогаш немаше компјутери, ниту портали од кои денес имаме информации за сé, дури и само после неколку секунди откако се случила некоја драма. Во тоа време, главен извор (или поточно кажано) единствен прозорец кон светот беа телевизијата и радиото. И како сега ми доаѓа пред очи нивниот шокиран поглед кој ќе си го разменеа, кога ќе се чуеше веста за смртта на некој познат лик. Ок, иако имав само 8 години, јасно ми беше за Тито и за колективната загуба која ја чувствувавме сите кои живеевме во Југославија, затоа што беше скоро како да ти умрел некој од фамилија. Или поточно кажано, беше баш како да се простувавме со домашен човек и како да беше неговата смрт предвесник за некои нови и неизвесни времиња кои со себе донесоа раздор и војни. Новиве генерации не можат да го разберат ова, но мислам дека многу добро се разбираме со сите кои се родени во 70-тите години и претходно. Ние растевме со неговата слика, закачена во секоја училница и со паролата “Тито нé гледа сите нас”, растевме со штафетите, црвените марами и поинакви вредности. И кога зборувам за вредностите, не велам оти беа идеални (иако ама баш никој не се жалеше), ами дека беа таман за тоа време и животот во тие услови.
И како што реков, ако смртта на Тито беше нешто што нé потресе сите колективно, не можев да разберам што па толку моиве се депримираат оти си заминал некој како Џон Вејн, Ричард Бартон (кој патем речено, одлично го глумеше Тито во Битката на Сутјеска), Џони Вајсмилер (можеби најпознат како Тарзан, но и како врвен олимписки пливач), Лоренс Оливие (ненадминлив во Оркански Височини, Хамлет, Отело, Ребека), Грејс Кели (која стана принцеза на Монако), Орсон Велс со Граѓанинот Кејн, Фред Астер со неговите мјузикли во кои танцувањето беше доведено до совршенство и таму некои си други кои живееја во Америка. Немав ама баш никаков сенс за тоа што претставуваа овие ликови за моите и за нивната генерација. Отпосле, ми кажуваа што за нив значеше смртта на сите овие познати личности кои некако ја одбележале нивната младост и детство. Кога татко ми раскажуваше за Хичкок, секојпат се навраќаше на анегдотата кога се шмугнале со другарите во киното во Битола за да ја гледаат проекцијата на Психо и како ја кренал салата во вис од врескање кога редарот го зграпчил за рака, токму на легендарната сцена со завесата. И додека се смеев слушајќи го, не можев а да не приметам една доза на носталгија и не, не тага како загуба, туку како сознание дека тие времиња никогаш нема да се вратат. И многу ми беше симпатично како си се потсетуваа со мајка ми “а ти текнува на Бет Дејвис во Сé за Ева?”, или “Ех, Натали Вуд беше ѕвезда, Сјај во тревата беше филм кој немаше кој не го сакаше”. Јас веќе бев во пубертет кога почина и Енди Ворхол кој беше сензација во времето кога моите беа тинејџери и кој му донесе на светот еден сосем нов правец во уметноста. Искрено, после филмот Factory girl, ми се блуе од него.
Да ме прашавте тогаш, во времето кога ги гледав моите како реагираат на смртта на ликовите со кои растеле од големиот екран, ќе ви кажев дека е безвезе да се тажи по “стари” глумци кои играле во црно-бели филмови или чија глума денес којзнае дали би се ценела, како што било тоа во времето кога моите биле млади (после реченицава, очекувам Мајка да се јави и да ме потсети дека се сé уште во топ форма). Нејсе, има голема вистина во тоа дека никогаш не осознаваме било што додека не ни дојде на наша глава. И еве, пред една недела почина лик со кој мојата генерација растеше. Шенон Доерти беше Бренда во Беверли Хилс 90210, серија која сите ја чекавме како десерт после ручек. Случките на целото друштво средношколци беа не само откривање на еден сосем поинаков свет од нашиот овде, туку и едукација за теми како што беа развод, сида, хомосексуалност, полови болести, дисфункционални семејства, класни разлики, несакана бременост. Таа серија и мојата омилена, Мојот таканаречен живот беа нешто што ги одбележа 90-тите години од минатиот век. Ликот на Бренда ми беше омилен од многу причини, таа беше своеглава, храбра, со истенчено чувство за да истера правдина, спремна да се соочи со сопствените слабости. Таа беше она што потајно секоја тинејџерка сакаше да биде. И ете, не ми беа паднати на ум со години ниту серијата, ниту Шенон. Знаев, читав дека бие повеќегодишна битка со ракот и толку. Веста дека починала ме изненади само од аспект на тоа дека не очекував дека толку ќе ме погоди. Бев како моите кога јас бев на возраст на Нина и помала, исто како што сега Нина е на возраст кога мене не ми беше јасно зошто моите тагуваат по глумци и глумици.
Не тагуваме реално за луѓето кои сме ги гледале на екраните. Да, жал ни е што не се веќе живи, особено ако се помлади и ако имале уште да вкусуваат од животот....но, дотука е. Тогаш зошто тагуваме? Зошто кога се прочу веста за Шенон, многумина како мене се најдоа погодени, како да сме изгубиле некој близок? Тагуваме затоа што нивната смрт е по една мала смрт за нашата младост која била и е нераскинливо поврзана со нив. Тагуваме затоа што имавме идоли од кои учевме како треба, ама и како не треба.
Велат дека треба да се живее сегашноста. Да, секогаш сум за тоа да не се гледа наназад или нанапред, затоа што мигот “сега и овде” е најважното нешто во животот. Не за друго, туку дека она што било никогаш не може да се смени, па џабе тажење по млекото кое се истурило. Од друга страна, да се предвидува иднината е прилично неблагодарна работа од две гледни точки. Првата е дека иднината е пожелно да се дочека, ама не мора да значи дека ќе е така. Втората е дека ако се дочека, а не излезе онака како што сме испланирале разочарувањето ќе е огромно.
Но, да не заборавиме на една голема вистина, а тоа е дека минатото е тоа што нé избрусило да сме вакви какви што сме во сегашноста и дека секоја една работа која се случила пред години, е нешто што ако прочачкаме, ќе го најдеме и сега во нас.
Не жалам никогаш за она што минало, за постапките кои сум ги сторила, оти тогаш и во тие услови и не сум знаела поарно или поубаво да постапам. Не се каам ниту за сите работи кои сум ги утнала или сум брцнала во нешто како со “прст во лајно” (стара прилепска), оти да не било така, не би била сега ова што сум. Можеби би била поарна, можеби полоша...ама не би била ЈАС. Не кукам да се вратат “старите добри времиња”, оти сите времиња се добри ако човек знае како да ги живее и како да биде во спокој со себе. Ама...знаевте сигурно дека ќе дојдеме до фамозното АМА.
Ама има една жичка која секогаш ќе ме врзува со младоста и со спомените, а тоа се ликови кои сум ги гледала, читала, слушала во мојата рана младост, поточно, во периодот кога сум се оформувала како личност. И секогаш, смртта на тие ликови ми била како во сложувалката наречена “мојата младост”, некој да ми украл едно мало делче. И свесна сум дека со годините, ќе дојдам до онаа точка на која се моите сега, кога од сложувалката е останата само рамката, со голема празнотија внатре. А рамката? Па како да ви кажам, всушност таа е најважна оти е дом во кој се спастрени сите спомени.
Ја гледам Нина деновиве, додека муабетиме за нашите идоли, нејзините сега и моите од едно друго време и додека и’ кажувам за Шенон/Бренда знам дека не ме разбира...и си мислам, колку многу би сакала да не ме разбира уште долго време.
Да сте ми живи и здрави, ви подарувам нова песна.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Си дадов збор оти назад не ќе се пулам
Оти и сто рала очила да ставам
Не ќе видам нешто поразлично
Не ќе сменам ништо што било
Ниту ќе сторам нешто поинаку
Од она што сум сторила тогаш
Оти толку сум можела, толку сум знаела
Си дадов збор оти ќе живеам за денес
Токму во мигот што се случува
Додека воздух длабоко земам
И додека полека издишувам
Токму во тој миг кога мислата во глава ми иде
И бара на хартија да ја ставам
За да се запечати со мастило ОВДЕ и СЕГА
Си дадов збор оти иднината не ќе ја сонувам
Оти некојпат човек не стасува на јаве да ја види
Или кога од сон ќе се разбуди
Му се гледа грда и без мирис и вкус
Та си реков да бидам малку од малку мудра
И да ја оставам и нејзе раат
За да можам раат да заспијам
Си дадов збор оти за вчера и утре не ќе мислам
Ами само за денес ширум очи ќе отворам
Чунки никој убост не видел
Кога минатото го раскопал
Ниту пак ќар имал
Од иднината да си ја предвиди
И добро е...оди некако
Дур не ме фати некоја тага
Како јаже за душава врзано
Та ме носи во некои дамнешни времиња
Кога иста сум, а толку поразлична од сега
И во кои среќна сум
Ама некако поинаку среќна од денес
Та и тагата иста ми е
А пак како друга тежина да има
И тогаш знам
Знам зошто срцево ми бара
Изодениот пат повторно да го поминам
И со нови чевли на себе да го изврвам
За да се потсетам која сум
И зошто сум оваа која денес сум
Да ми се врати младоста
И да ми се подмладат мислите
Оние од вчера
Овие од денес
Оние за утре оставени
Како аманет...како љубов
За Женски магазин поетесата Анта Бунтеска