Мирисот на жената

Добивај вести на Viber

Високи, ниски, заоблени, тенки ко вретено, блондинки, црнокоси, црвенокоси, побелени...да, тоа се оние заради кои се воделе војни низ времето, кои побудувале желба и страст, за кои се убивало или самоубивало. Во различни доба, различни биле критериумите за тоа која жена се нарекувала убавица. Искрено, мене секоја жена која е сигурна во себе, која знае што сака, која знае да се носи со сопствените демони и која се чувствува удобно и убаво во своето тело, ми е секси и убава. Но, сепак јас сум жена и она што ми е мене убаво и секси кај некоја жена, не значи дека нужно и мажите би биле привлечени од истото. Па така, има некои истражувања кои велат дека мажите по дифолт бираат жени со пошироки колкови, кои отсекогаш биле синоним за плодност на жената. Па после оди она дека жените со поголеми гради би биле подобри доилки (за што најодговорно тврдам дека е мит, оти јас со моите 75Б имав млеко колку за 3 деца истовремено). Па после оди она дека интелектуалците сакаат бринети, оти блондинките биле неинтелигентни итн итн. Како да ви кажам, глупост до глупост и за сето ова (а да бидам искрена) и за други митови имам демант со примери од реален живот.

Првична за мене е хемијата. Флуидот меѓу двајца кој почнува со поглед и кој знае да направи чуда. Таа хемија која секогаш започнува или со поглед, или со нешто што ни се допаднало физички кај другиот, исчезнува многу брзо ако не се префрли на умствено ниво. Хемија меѓу умовите и водење љубов со умовите е возвишен чин кој може некој убавец или убавица да го направи потпросечен или некој сосем просечен да го направи да биде најубавиот и најсексипилниот човек на планетава. Колку пати ви се има случено кога ќе останете подзинати од некој кој разбудил мажјак или женка во вас, да ви пројде после 15 минути муабет? Па така и најзгодните луѓе го губат својот сјај ако не ве заскокоткаат онаму каде што според мене е најголемата ерогена зона, умот. Но, ние сме пред се’ битија кои реагираат на прва топка, а во случајов првата топка е физичкиот изглед. Сум седела со другари кај кои (се колнам) дека ликот им се менувал во зависност од тоа дали ќе здогледаат девојка/жена која сексуално ги интересира. Па после сме полемизирале дека уствари тоа и не е така едноставно како што ние жените си мислиме, демек “абе ај, може со секоја”. Не, не можат со секоја, исто како што и ние жените не можеме со секој. Физичкиот изглед е мамецот, ама хемијата на разговорот, флертот и менталниот секс е она што одлучува “дали” и “со која”.

И полека доаѓам до она за што сакав да зборуваме денес. Поттикната повторно од другарот (партизански кажано) Љупа, кој обожува да провоцира и мажи и жени со прашања и муабети кои држат вода и на кои секогаш има многу разновидни и интересни одговори, на ред доаѓа следново. ДАЛИ ЖЕНИТЕ ЧУВСТВУВААТ КОГА НЕКОЕ МАШКО ЌЕ СЕ СВРТИ ПО НИВ?

Ах, Љупа што бељи се овие работи во машко-женските односи. Жените секогаш, без исклучок знаат и чувствуваат кога се предмет на нечиј интерес. Е сега, тоа е нагонски и тој инстинкт го имаме, ама не е баш исто развиен кај секоја од нас. Жените кои обожуваат да флертуваат и кои ги сакаат овие игри, уживаат со сите сетила во неа. Значи, одење по улица со став и на начин на кој таа однапред знае дека ќе привлече внимание. Тоа е уметност на жената да направи цела приказна од флертот и да е тоа умерено и пристојно, секако. Жените кои се сигурни во себе, знаат како да го емитираат тоа и да го заробат окото на мажот. (Тука имам една мала анегдота за кажување, што ми ја има баба ми од Битола кажано за некоја мајтапџика чиј маж се загледувал по жени. За да му покаже дека и таа вреди и дека може и таа да заведува, му рекла еден ден ко ќе излезат да оди позади неа и да ги гледа реакциите на мажите кои ќе поминуваат покрај неа. Тој со смеење се согласил, ама смеењето брзо му поминало кога сфатил дека немало маж кој не се завртил по жена му. Така, малку си го прибрал опашот ама она што никогаш не дознал е дека жена му правела гримаси и се плазела на секој маж кој поминувал покрај неа, па сите тие всушност се вртеле по неа од што не им се верувало дека возрасна жена им се плази по улица.)

Сега веќе би го проширила муабетот малку и би додала “дали жените чувствуваат кога некое машко има интерес за нив”. Па, ако не сте ко мене, да. Правев муабет со една драга личност за тоа дека ако треба да сфатам дека се допаѓам некому со тоа што ќе трепне, јас прво ќе мислам дека така ми се причинило, па ќе мислам дека дотичниот има нешто во око, па ќе си речам “абе ај не се занесувај, не биди самобендисана”. Но, она што со сигурност го знам е следново. Не постои жена која не дава знаци доколку на неа и’ се допаѓа некој. Или, жена која не е заинтересирана за одреден маж, нема нешто што може да ја мрдне од место и да даде некаков ишарет. Значи, драги мажи, да ви помогнам...ако ТАА е заинтересирана за вас, ќе го знаете тоа без сомнение. Ако не е заинтересирана за вас, нема шанси да допрете до неа па макар дубеле на трепавици пред неа. Веројатно исто е и со мажите...ако му се допаѓате, ќе стори се’ за да го забележите и да ве освои, а ако не, џабе ги прчите градите напред и трепкате забрзано.

Уметноста на флертот и уживањето во него е една од највозбудливите работи во машко-женските односи. Особено флертот во кој се водат разговори кои имаат длабочина, а во кои има многу хумор и прикриена страст. Мислам дека секој од нас при таквиот флерт, светнува и однатре и однадвор. Тој, флертот...тој е еден од најголемите афродизијаци. И се разбира, не се флертува со секоја жена, ниту со секој маж. Сепак, треба човек да има усул и да не си игра со чувствата онаму каде што знае дека интересот му е сведен на минимум или го нема. А тоа се знае уште одма, се чувствува. Флертот не е спорт, тој е намирисување на двајца и игра која има суштина и длабочина. Токму тој го открива есенцијалниот мирис на жената за која тврдам и знам дека мириса поинаку, кожата и’ станува позатегната, очите и’ светат поинаку, доколку со сите сетила ужива во мажот карши неа и се “надмудрува”.

Уживајте во меѓусебното мирисање со оној кој го љубите, или ви се допаѓа. Не си го арчете времето флертувајќи со неважни луѓе, кои ќе ги заборавите за 5 минути откако ќе се разделите со нив. Секако сме кратко на светов, времето и себе дајте ги на оние кои ги сакате и со кои сте свои. Да сте живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Чоек со чоек да се најди

Расфрлани половинки

И од една душа

Две тела направени

Та едното со лик женски

А другото машко лице носи

И однесени на два краја

Со ниет да се најдат

За двете тела една душа да сторат

И како две страни од едно паре

Како сонце и месечина

Како ден и ноќ да се сторат

Секој еден од нас-половинка

И секој еден од нас

Другата своја низ животецот ја бара

За цел чоек да се стори

И мир во душата да има

За сонце да го огреј

За месечина да го осветли

За ден виделина да му даде

За ноќ воздишки нежни

Секој еден од нас

Во некој друг лик

Својата опачина ја бара

Та двајца ко ќе се најдат

Е тогаш и Универзумот танцува

И ѕвездите љубов водат

Морињата песни везат

Планините венци од полско цвеќе плетат

И земјата цути

Дрва стогодишни се зачнуваат

И пој од птици се врти

Оти толку ретко е

И толку скапоцено е

Чоек со чоек да се најди

Та ко ќе се гушнат

Срцата две во облик на едно да се

И ударите исти да им бидат

А душите една во друга да се вткајат

Небаре чаршаф

За постела свадбена да се исплел

Толку ретко е

И толку убаво е

Кога двајца ќе се најдат

И кога од милост небото плачи

Та топли дождови телата ги мијат

И рацете сами во молитва се токмат

За да трае

За тука да си бидат

Тие двајца

Кои ксмет имале да се најдат

И во љубовта живот да зачната

Тие двајца

Кои не сме ние

Кои никогаш ние не сме