Мобилност Македонија успешно ја организираше седмата по ред „Масовна средба на лица со телесен инвалидитет”

Добивај вести на Viber

Оваа сабота, Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет – Мобилност Македонија, ја организираше седмата по ред Масовна средба на лица со телесен инвалидитет во земјава. Настанот оваа година се одржа во дворот на Центарот за ортотика и протетика  „Славеј АД Скопје” и помина во добра забава и рекреација за повеќе од 200 лица со телесен инвалидет од целата држава. 

Масовната средба на лица со телесен инвалидитет традиционално се организираше под мотото „Сплотени, достоинствени и силни“, со што овие лица испраќаат порака дека обединети и организирани ќе продолжат да се борат за своите права и подобра позиција во општеството, на основ на еднаквост со останатите. Тема на средбата беа и активностите за измена и дополнување на Правилникот за индикации за остварување на право на ортопедски и други помагала за овие лица.

За време на средбата, Македонскиот параолимписки комитет одржа прес конференција на која беа презентирани заклучоците од спроведениот проект „CHANGE YOUR MINDSET-SPORT4EVERYONE“ поддржан од спортската програма на Ерасмус+, во кој учествуваа голем број на млади лица со инвалидност (15-29 години). Проект преку кој се делуваше на подигнување на нивото на јавната свест за потребата од вклучување на овие лица во телесни активности како здрав начин на живот и можност за социјална вклученост преку спортот.

Средбата беше одлична можност за директна интеракција помеѓу членовите и раководството на Мобилност Македонија, како и можност за размена на искуства и сугестии за активности кои во иднина треба да се преземат за подобрување на правата и положбата на лицата со телесен инвалидитет во Македонија. Учество на средбата земаа повеќе од 200 лица со телесен инвалидет од целата држава.

Главен покровител на овогодинешната средба беше Центарот за ортотика и протетика „Славеј АД Скопје“, кој го обезбеди и организира просторот во рамки на нивниот двор, заедно со тематските и забавните содржини за сите присутни. Ручекот за присутните беше донација на месара „Промес“, пијалокот донација од „Пивара Скопје”,  додека „Град Скопје” го обезбеди автобускиот превоз на учесниците од внатрешноста на Македонија.