Модерната жена во фокусот на второто издание на „Профемина“
Во хотелот „Александар Палас“ утре по вторпат ќе се одржи „Профемина“, регионална конференција што се организира во повеќето земји каде се издава магазинот „Убавина&Здравје“.
Убавина, мода, нега, здравје, љубов, партнерства, мајчинство, професионален развој, финансии, се темите што ја засегаат модерната жена и токму тие ја наметнаа идејата и потребата да се направи еден поинаков концепт за дискусија – отворени панели. Целта е да се обезбедат повеќе различни аспекти – стручни мислења, искуства на учесниците во панелите, ставови, дилеми и прашања од присутните гости, бидејќи не секоја жена ги поседува истите шанси да ги добие одговорите на прашањата што ја засегаат.
Во фокусот ни е здравјето, на тие теми ние постојано инсистираме следејќи ги и доближувајќи ги модерните трендови во медицината, но и негата, убавината, а и можностите секој од нас да ја искористи моќта на социјалните мрежи на свој начин, па и за финансиски цели. Исто така естетските корекции и психолошките аспекти што ги предизвикуваат новите стандарди за убавина, правилната нега на зрелата кожа, потоа современата очна дијагностика и модерна хирургија, проблемите со детската и чувствителна кожа и дилемите на родителите за третман и нега, негата на скалпот и косата, приказни на жени што може да послужат како инспирација за негуван изглед во секое време. Здравата и актуелна храна во фокусот на социјалните мрежи, како и актуелните инфлуенсери, нивното влијание, заработката што се прави на социјалните мрежи.
Секој од панелите е конципиран да опфати повеќе различни ставови и аспекти, но свој удел ќе има и женската публика на панелите, која ќе има можност да поставува прашања и да сподели искуство или став. Ова е ретка можност директно да добиеме совет од лекар за прашањата од нивната област во состав на темите, од професионалец за нега, професионалец за шминка, за разубавување, од најактуелните и успешни јавни личности и нивните приказни, од производителите и покровителите.
Ги покануваме сите наши читателки да се придружат, влезот е бесплатен, а бесплатни се и советите. Важно е само да го најават своето присуство на електронската пошта event@colormedia.com.mk најдоцна до денес.