Мое тело, мој избор (интимна приказна)
До моите рани 30-ти воопшто не размислував за раѓање, ниту
пак кога ќе ме прашаше некој дали сакам деца, имав што конкретно да кажам.
Едноставно, дете не беше во мојата агенда. Сакав да патувам, да сум слободна,
да немам обврски кон никој, особено не кон некој што ќе зависи од мене. Не бев
тип на жена која себе се замислуваше со сопруг, две или три деца кои ќе трчкаат
околу, среден дом и градина. Повеќе бев за онаа варијанта која влечеше накај
купување трејлер (мислам дека така се викаше) и акање од место до место додека
ми се прави ќеф. Мајка ми тоа го викаше живот на стап, а мене ми беше некако
синоним за слобода која отсекогаш ми била врежана во умот како нешто најважно
во животот на еден човек.
Дури и откако се омажив на стари години (оти по критериумот на баба ми веќе бев стара мома на 30), не брзав со реализација на онаа вообичаено последователна одлука да се има дете. И ден денес ако ме прашате, мислам дека прашањето околу имање или немање деца е многу чувствително и прилично неуместо да се стави на астал од пуста љубопитност. Тоа е она прашање кое е кошмар за сите оние кои се во брак, а немаат деца. Впрочем, причините за тоа може да се од едноставно немање желба за дете или од неможност да се има. И едната и другата причина е нешто за што мислам дека не е ничија работа, освен на двајцата засегнати. Седенките на кои е неизбежно она “ајде, кога дете?” ми биле, ми се и ќе ми останат како горчлив момент. Оти секогаш под превезот на некаква блискост се поставуваат прашања кои (најблаго речено) просто плачат за одговор од типот “ич да не ве боли за тоа”. Значи, да се разбереме, за мене е простотилак да прашам двајца кога ќе се земат, откако ќе се земат кога планираат деца, откако ќе имаат дете да прашам за второ, па ако се разведуваат да очекувам одговор “зошто”. Никој никому не му е во кожата, а причините за и против стапување во брак или имање деца се подеднакво валидни. Почесно ми е да се нема потомок, отколку да се има за да се задоволат некои општествени норми кои се воспоставени токму од оние кои живо се заинтересирани за животот на сите околу нив.
Да скратам. На 34 сакав дете, почувствував дека имам не само желба, туку и спремност да бидам мајка. Пред 15 години, жена во прва бременост секаде беше заведувана како стара прворотка и ризична бременост. Останувам бремена и започнува едно ново поглавје во мојот живот. Можев да ги осетам сите промени во и на мене. Луѓе, цутев! Бев полна енергија и сила, немав напади на мачнина, а подоцна ниту напади на глад и посебни желби (за кои тврдам дека се нереални и претерани). Немав порив да јадам лубеница во зима, ниту побарав баклава во 1 часот наутро. Бременост како по учебник, исхрана здрава, физичка активност голема, иако и јас бев огромна. Килажата ми беше накачена само 9 кг, а одзади изгледав како да не сум бремена, дур не се завртам. Стомакот ми беше огромен, а мака имав само со градите кои мислам дека ми беа зголемени x3. За жена која цел живот носела прслуци 75Б, имав мака со габаритноста на градите и нелагодност оти немав врска што да им правам од што се големи. И дојде време кога мојата докторка ми рече оти заради годините, ќе мора да се направи испитување дали со детето е се’ во ред. Едната процедура беше земање плодова вода со шприц и испитување, а другата беше со земање крв. Со оглед на тоа дека сум коркач, се решив за второто, оти и вака и така на сите контроли ме боцкаа. Но, тогаш во земјава немаше начин како да се испита преку крв дали бебето се развива нормално, па се праќаа примероците во странство. Крв земена, во очекување на резултатите јас си терав како дотогаш.
Еден ден, се јавува мојата докторка и уште по гласот и’ ја осетив загриженоста, а уште повеќе ме стресе кога сериозна ме повика да одам во ординацијата оти резултатите стасале. Знаев дека нешто не е како што треба, знаев. Како стасав дотаму ден денес не паметам, само знам дека бев многу вознемирена. Нејсе, резултатите катастрофални, односно, шансите да родам дете со аномалии беа невообичаено високи. Моментот кога ми беше соопштено тоа, како и опцијата дали да се размислува за евентуален абортус ми беа страшни. Дома бев потполно нема, без волја и желба за било каква комуникација. Цело време во главата ми се вртеше она прашање, што да се прави. Како да постапам, а да не згрешам, оти сите одлуки си ги носиме со себе сиот живот. Окапав на интернет, додека не добив забрана од докторката да престанам да читам се’ и сешто. Оти знаете, ако искуцате главоболка на нет, веднаш се појавуваат сите најлоши прогнози. Додека чекав да поминат неколку денови за преглед кај најпознатиот гинеколог чија специјалност беше откривање на аномалии кај плодот, мислам дека главата ќе ми експлодираше од мисли. Првпат се почувствував немоќна да можам да решам некаков проблем кој ме засегаше. А знаете досега, јас сум контрол фрик кој не може да поднесе да му се случуваат работи за кои нема никаква контрола.
Ноќта пред закажаниот преглед, се разбудив од сон кој не го паметам. Првпат после скоро една недела се разбудив спокојна и без страв. Мислата со која ги отворив очите беше дека без оглед каков ќе е исходот, тоа е мое дете и не џабе ме одбрало да му бидам јас мајка. Знам дека звучи чудно, но едноставно знаев дека работите никогаш не се случуваат туку така. Дека што и да е во прашање, има причина зошто токму тогаш забременив, зошто токму тој плод за кој уште од зачнување знаев дека ќе е девојче и дека е тоа мојот пат. Не судбина, туку пат. Отидов смирена, ослободена од милиони прашања на кои немав одговор, решена дека моето дете какво и да е, какво и да се роди ќе ја има мојата безусловна љубов. Не бев светица, не бев жртва, не бев маченик, ниту бев над ситуацијата. Бев Ана, жената која носеше во себе дете кое го сакаше и кое едвај чекаше да го роди.
Докторот по деталниот преглед рече дека е се’ во ред (дури требаше и да ме породи, но поради сплет на околности, ме породи друг), а мене само ми пролета дека и вака и онака се’ ќе беше во ред, оти во мене имаше само мир и љубов. И еве ја, наполни 14, бесна тинејџерка, ќерка, другарка и најголемата љубов во мојот живот. Сакам да кажам, мое тело, мој избор. Јас одбрав да го изодам она што го започнав и никому не должев објаснувања. Жени кои во такви ситуации се одлучуваат на прекин на бременоста не се за осуда, ниту за потсмев и да, не должат никому објаснување. Едноставно, секој од нас во одреден момент знае што може да поднесе, а што не. Некои одлуки немаат иста тежина кај различни типови на луѓе. Она што е за мене пфффффффффф-лесно, кај некој друг тежи ко црна земја. И обратно. Најважно е човек да е спремен да се соочи со себе, да се преслуша што може, а што не и да постапи онака како што му кажува целото негово битие. Нема тука одлука која е универзално исправна или погрешна. Има избор со кој секој од нас треба да е спремен да живее без да се јаде заради истиот. Јас имав среќа, а капата ја симнувам пред оние кои носат одлука да се соочат со грижа за дете кое ќе е посебно од многу аспекти, но и пред оние кои ќе одлучат да излезат од таа ситуација со лузни на душата. Оти силата не е во носење избор кој ќе е општо прифатен, туку во носење избор после кој ќе можете повторно да сте среќни и насмеани. За мене, мојот избор беше да се изоди патот кој ми бил послан. Мое тело, мој избор. А за изборот на другите не се зборува и не се дели ум. Само се почитува и молкум се стиска рака во знак на поддршка.
Да сте ми живи и здрави и памтете...правете го она што можете да го поднесете не само физички, туку и психички, ма макар немале поддршка од никого. Оти никој не е во вашето тело и никој нема право да одбере наместо вас.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Не суди
Никому да не судиш
Оти секој од нас свој судија е
И секој плаќа за својот избор
По цена која сам ќе ја одреди
Ниту си во нечиј ум
Ниту во туѓо тело си
И не знаеш
Никојпат не знаеш како боли
Кога тешки одлуки се носат
И како со нив се живее
Не само на јаве туку и на сон
Не суди
Оти никому во обувките не си му
И не знаеш чекорот каков му е
Дали лесен ко детски здив
Или тежок ко карпа над вода надвисната
Дали во чевлите свила носи
Или остар камен од кој стапалата му крварат
Не суди на другите
Ниту давај да ти судат оние
Кои во твојата кожа не се
Кои не знаат во душата што носиш
И како мислата ти шета
Дали од цветови направена ти е
Или од трње железни мозокот ти се дроби
Затоа патот твој гледај си го
И молчи над туѓата болка
Освен ако збор иљач за другиот имаш
И дел од болката сакаш да му земеш
За да вдише и издише без тежина
Не суди
И со прст на никој не покажувај
Ниту да дадеш да ти судат
Оние кои само за осуди знаат
Ниту прст нечиј да не даваш да те допре
Освен ако за галење е
И утеха да ти даде
Оти никој не знае
Никој жив на светов не знае
Кој од нас во себе што носи
И колку боли она што те мачи
Колку знае да измачува мислата
И колку секоја одлука го дели чоек надве
Не суди
Никому судија да не си
И подалеку од судии да седиш
Од оние кои ништо за тебе не знаат
А слобода џелати да се си даваат
Оти чоек за чоек тука треба да е
Со љубов и спокој
Со мисла нежна и питома
За да залечи рак рана
И да заздрави место поболено
Не суди
Никому не суди
Дури ниту сам на себе
Оти смртта во многу облици иди
Дури и ко мисла
Дури и ко лоша мисла и осуда