,

Моите креации ги чувствувам како да се личности, како да се живи: Тетка Ратка од Кичево за техниката на плетење Амигуруми

Добивај вести на Viber

„Периодов плетам само кукли бидејки тие сега ми се најголема љубов и задоволство, но порано плетев буквално се‘ од облека за моите ќерки како џемпери, шалови, шапки, па дури и завеси, чаршафи за  маси, торби и што уште не‘. Речиси да нема плетка или техника која не ја владеам и од која не сум изработила барем еден предмет“, вака ја започнува својата приказна за Женски магазин тетка Ратка Петреска од Кичево која изработува, односно која плете кукли со техниката амигуруми.

За себе вели дека е и сликар-аматер, црта различни техники на картон и платно, а до пред неколку години изработувала и декоративни свеќи од пчелин восок. „Тоа е исто многу интересна и креативна работа бидејки восокот како медиум е многу благороден и ви дозволува да ја пуштите фантазијата на најјако“, вели Петреска и додава:  „Пријателите кои доаѓаат во мојот дом велат дека се чувствуваат како да се во музеј. Но за моите слики можеме да зборуваме во некоја друга прилика“. 

Ратка од неодамна е пензионер, но љубовта кон плетењето ја добила од својата баба кога била дете. „Бев воодушевена од нејзината вештина да создаде употреблив предмет,  како на пример топол џемпер за некое од нејзините внучиња, од еден мнооогу долг конец. Тој процес ми изгледаше како некаква магија, а баба ми беше магионичарката. Силно сакав и јас да бидам како неа, бев многу љуботитна и брзо учев така што уште пред да почнам со училиштето јас веќе бев вешта во некои основни плетки. Баба ми ме учеше на се‘ што знаеше до крајот на нејзиниот живот, а потоа процесот на усовршување го продолжив сама и трае се до денес“, се сеќава Петреска и тврди дека љубопитноста и големата потреба за креирање ја водат постојано во нови вештини во различни области, па така стигнала и до јапонската техника за изработка на различни тридемензионални декоративни предмети, најчесто како што вели плете кукли, изработка која е позната како амигуруми. 

„Денес во Јапонија оваа прастара вештина се смета за уметност, исклучително е ценета и субвенционирана. Западниот свет ги запозна Амигуруми играчките во последниве две децени и одушевено ги прифати. За прв пат Амигуруми кукла видов кај една моја пријателка и буквално не можев да се смирам додека не исплетов своја. На почетокот процесот одеше тешко и бавно, но по неколку месеци ги совладав техниките и создадов мој сопствен модел за телата на куклите“.

Плетењето не ви дозволува да бидете депресивни или тажни 


*  Изработките се навистина оригинални и според ова што го гледаме се трудите до најситен детал. Колку време е потребно да се изработи една плетена кукла и колку материјал е потребен?
„ Изработката на Амигуруми куклите е бавен поцес, бара многу трпение и вештина. За една кукла со облека потребни ми се околу 7 дена работа по неколку часа на ден. Просечно плетам по 5 часа на ден.
Откако ќе се научи, самата работа и не е така тешка колку што е проблем да се дојде до квалитетни материјали.
Кај нас нема соодветни конци за оваа работа па често ги носам или ги нарачувам од странство. Минативе две години поради корона кризата тоа одеше навистина тешко.
Јас сакам да го допрам конецот, да ја видам бојата, да ја почувствувам густината, а тоа не е можно кога некој друг купува за вас или кога нарачувате од фотографија“.

*  Од каде црпете инспирација за различните ликови?
„ Ме инспирира младешката убавина па така најчесто куклите претставуваат убави девојчиња и момчиња но понекогаш плетам и некои ликови од анимирани филмови како играчки за моите внуци. Во моментов ја имам мексиканската сликарка Фрида Кало. 

Неколку пати сум плетела од фотографии по нарачка. Таквите кукли ако бидат подарени на личноста според чија фотографија се изработени предизвикуваат бура од одушевување па дури и солзи радосници. Една госпоѓа која доби кукла од својот сопруг за годишнина од бракот ми се јави и ми рече дека поубав подарок не добила во животот.
Ваквите изјави ме прават среќна и ме мотивираат да ја усовршувам мојата работа“. 


* Велат дека плетењето е еден вид медитација, дека смирува и релаксира. Колку има вистина во овие зборови?
„Плетењето е навистина своевидна медитација. Тогаш сум сама со своите мисли кои се трудам да бидат што по ведри и со мојата креација. Плетењето не ви дозволува да бидете депресивни или тажни. До сега не ми се случило да плетам и да бидам тажна во исто време. Ти две работи не одат заедно. Плетењето за мене е извор на мирна и спокојна среќа. Понекогаш се наоѓам себеси како им се смешкам на моите кукли, на новото раче или главичка создадени од конец.

* Кој најчесто ги порачува и ги купува вашите кукли?
 „ Најчесто ги нарачуваат странци преку разни групи во кои членувам. Понекогаш навистина со тешко срце се разделувам од моите креации, ги чувствувам како да се личности, како да се живи. Секоја има специфичен израз, нема две исти и како да добиваат карактерни особини. Но само добри особини кои ги среќаваме и кај луѓето. Откако моите клиенти ќе ги добијат порачките ми испраќаат пораки со милион пофалби и изрази на задоволство што особено ме радува. Тоа е вториот најдобар момент во целава работа.  

Тетка Ратка и покрај обврските како сопруга, мајка и баба наоѓа време и плете амигуруми. Нејзините кукли израдувале неколку Англичани, Французи, Германци и Бугари. По една нејзина кукла има пратено и во Србија, Хрватска, Романија, Шведска, САД и во други држави. Но, исто така таа има порачки и овде: „Имам порачки и од Македонија. Најчесто тоа се подароци по некој повод,  но има и такви кои се одушевени од техниката и изгледот на куклите па си купуваат за себе. И секако, на моите драги луѓе кои го оплеменуваат мојот живот, им ги подарувам во специјални прилики со посвета колку ми значат“, искрена е Петреска.


Наталија Миланова

Фото: Приватна архива

ГАЛЕРИЈА: