МОИТЕ ПАТИКИ ЌЕ УСРЕЌАТ НЕКОЕ ДЕТЕ: ХУМАНА АКЦИЈА НА ПРОЕКТ СРЕЌА И НА СПОРТИСТИТЕ
На 340 деца од Македонија кои живеат во социјален ризик ќе им биде подарена бесплатна спортска опрема и бесплатна членарина во спортски клубови, објави Кристина Арнаудова, претседател на здружението „Проект среќа“ на денешниот настан „Шампионите за вас“ во скопскиот хотел „Парк“.
Скопскиот градоначалник Петре Шилегов со спортските шампиони и со претставници од здружението „Проект среќа“
Настанот го поддржаа кошаркарката и фитнес шампион Едина Муса, ракометарите Дејан Манасков и Филип Миркуловски и автомобилистот Игор Иџе Стефановски, кои се дружеа и се фотографираа со фановите. Секој посетител, донираше по 100 денари за децата кои живеат во социјален ризик. Спортските шампиони, својата најдрага опрема ја донираа на онлајн аукција, а собраните пари ќе одат за помош на истите деца.
„Ги подарувам моите патики и мојот најдраг дрес. Тие за мене значат убави спомени, но уште посреќна сум што со нив ќе усреќам некое дете. Едвај чекам да дознаам во чии раце ќе заминат“, изјави Едина Муса.
На 340 деца ќе им биде донирана спортска опрема.- Кристина Арнаудова со водителот на настанот Ване Марковски
Акцијата „Шампионите за вас“ е во рамките на проектот „Здраво шампиони“, кој „Проект среќа“ го започна пред неколку месеци. На дружбата со спортистите беше и скопскиот градоначалник Петре Шилегов, која ја поддржа оваа акција, како и Агенцијата за млади и спорт. Дел од акцијата се и Перо Антиќ, Филип Кузмановски и Аљоша и Дејан Недеви.
Следен хуман проект на здружението е детскиот камп „Шарено лето“, кој ќе се одвива во две смени во Маврово и е бесплатен за децата чии родители не можат да си дозволат да ги однесат на летување.
М.Џаровска