МОЈ ОХРИД, ЧИСТ ОХРИД: Голема еко-акција пред стартот на туристичката сезона
Охрид ќе се чисти. Акцијата закажана на 9 јуни е иницирана од „Супер радио“, со поддршка на локалната самоуправа, бизнис секторот, охридските медиуми и еколошките и спортски друштва од Охрид.
- Основната идеја е да се анимираат граѓаните на Охрид, посебно учениците од сите основни и средни училишта за чистење на централниот дел од градот. Особен акцент ќе им се даде на плажите, каде е најголемата фреквенција на туристи во пресрет на главната туристичка сезона. Огромно е задоволството за нас што не наидовме на затворена врата секаде каде се обративме за поддршка на акцијата. Спортски, еко-друштва, студенти и средношколци се нашите партнери во акцијата. Она што е особено важно е што акцијата би сакале да ја прифатат сите и во сабота да дојдат на една прошетка по плажите со семејството и сите заедно да помогнеме и со дружба да направиме Охрид да блесне во целата своја убавина пред оваа туристичка сезона - велат од „Супер радио“.
Во акцијата активно ќе се вклучат и нуркачите од клубот за подводни активности „Охрид“, кои ќе го чистат дното на езерото на потегот пред селото Пештани.Потегот од населбата Воска до хотелот „Десарет“ ќе биде поделен на 8 реони во рамките на големата еко-акција.На овој начин групите кои ќе ги чистат плажите ќе можат поефективно да го исчистат својот реон и ќе може полесно подоцна да се собере ѓубрето од страна на одговорните лица.
- Првиот реон е комплетно чистење на плажата кај Воска, следен реон е Стариот град, потоа потегот од мостот до плажата „Golden Beach“, потоа до „Славија“, зона 5 е од „Славија“ до хотел „Гранит“, потоа до хотел „Метропол“, зона 7 е од хотел „Метропол“ до плажа „Атлантис“ и последниот реон е до Пештани и хотел „Десарет“. За сите учесници се обезбедени вреќи, вода и ракавици, а посебни екипи на охридскиот Црвен крст со медицински ранци ќе се при рака при евентуални поситни повреди. Исто така е обезбеден превоз до подалечните плажи - информираат организаторите.