Мора да имаме ист кармин и маникир: Ивона Стоименовска за животот на една стујардеса

Добивај вести на Viber

За да бидете стујардеса не е пресудна убавината. Треба да бидете професионални, комуникативни и толерантни, но и да умеете да помогнете и одговорите во секој момент, да бидете прибрани во кризни ситуации и способни бргу да реагирате. 

Девојката која го има светот на дланка 29 годишната Ивона Стоименовска од Делчево за Женски магазин ни раскажува кој се грижи за шминката на стујардесите, каков маникир и кармин треба да имаат кога се на лет и колку треба да внимаваат на линијата. Ивона веќе 5 години живее во Доха и лета ширум светот благодарение на професијата која ја избрала сосема случајно. Таа вели дека работата како стујардеса е прекрасно искуство кое и отворило можност да го запознае светот. 

Вака изгледа бизнис класата во авионите на Катар Ервејс


-Оваа професија за мене отсекогаш претставувала синоним за гламур и работа од соништата па решив да аплицирам. Во Македонија проблем се егзистенцијалните проблеми но и неможноста за напредок за кариерата па бидејќи ги имав годините и ги исполнував критериумите станав дел од една од најголемите авиокомпании во светот „Катар ервејс“. 

Сами се шминкаат, но маникир и кармин треба да имаат во иста боја

„За шминката и фризурата стујардесите се грижиме сами, но имаме "grooming“ тим кој пред секој лет врши проверка на нашиот изглед. Постои кодекс спрема кој строго треба да се придржуваме.


Најважно е да бидете добро одморени и да изгледате уредно. Маникирот и карминот треба да кореспондираат едни со други. Дозволени се неколку бои мегу кои: црвена, циклама, бордо, што значи ако имате црвен кармин и маникирот мора да биде во црвена боја. Дозволен е и класичниот француски маникир во комбинација со било која од наведените бои. Задолжителни се и обетки кои мора да бидат во форма на златни топчиња или бисери. Мора да носите часовник кој може да биде со црни раменчиња или да биде во златна или сребрена боја. Не смеете да имате рани или гребнатинки на видливи места од телото бидејки се работи со храна. Откако ќе добиете одобрение од "grooming“ тим спремни сте за летање“, вели Ивона.

Постојаната изложеност на разни временски промени а воедно и воздухот во авионот кој е доста сув бара стујардесите да посветуваат големо внимание на хидратација и нега на кожата. 

„Најпрвин темелно го чистам лицето со пилинг, нанесувам тонер, серум за очи и витаминска крема која содржи хијалурон и спф 30. За да избегнам дехидратација на кожата 2-3 пати во неделата употребувам и маски за хидратација“, ни објаснува Ивона. 

Оваа стујадерса во чантата постојано има антибактериски гел за дезинфекција на раце, фацијален мист за хидратација во текот на летот, крем за раце, лабело и парфем.

Ивона нема многу време за спорт со оглед на динамичното темпо и нејзината работа, сепак вели дека линијата ја одржува така што секоја прилика ја користи за пешачење и да биде физички активна.

„Кога времето ми дозволува одам и да пливам. Се трудам да се хранам здраво и да пијам многу вода. Избегнувам да конзумирам брза храна и газирани пијалоци“, раскажува Ивона.


Ни раскажа и интересна случка, односно чудна навика за патниците кои се возат со компанијата во која работи...

„Се сеќавам кога за прв пат на некој од летовите за време на бординг во кабината се појави господин кој на својата рака имаше ракавица и држеше сокол. Причината зошто некои авиокомпании им дозволуваат на своите клиенти да ги понесат со себе овие птици лежи во тоа што соколот претставува национална птица на Обединетите Арапски Емирати, Катар, Оман и Саудиска Арабија. Воедно со милениуми соколот се користел за ловење плен во пустината и претставува симбол за храброст, сила и благодет. Интересен е фактот што сопствениците за своите „миленичиња“ мора да резервираат уште едно седиште“ , вели Ивона.


За Ивона оваа професија е се, само не монотона. Таа ни раскажа и дека во еден ден може да се најдете дури на три континенти.

Во една недела можете да се најдете на три различни континенти, да запознаете луѓе од сите страни на светот, да ги посетите сите егзотични дестинации за кои одсекогаш сте сонувале, да пробате најразлични светски специјалитети, да одите на "шопинг" во најпознатите трговски центри , како и прилика за добра заработувачка и одлична егзистенција.


Ирена Ставрова