НА 11 АПРИЛ ВО КИНОТО „ФРОСИНА“: Премиера на српскиот рокенрол документарец „Заробено време“

Добивај вести на Viber

Филмот е носталгично патување на новинарот Пеца Поповиќ, низ шест држави од Вардар до Триглав, а интересни приказни му раскажуваат 40 соговорници од светот на музиката

Скопската премиера на српскиот долгометражен документарен филм „Заробено време“, ќе се одржи на 11 април во скопското кино „Фросина“ во МКЦ. Главен лик во приказната е Петар Пеца -Поповиќ, познат музички критичар и новинар од Белград, еден од најдобрите познавачи на рокенролот во поранешна Југославија.

Новинарот Пеца Поповиќ е еден од најдобрите познавачи на екс-југословенскиот рокенрол


Поповиќ тргнува на носталгично патување низ заробеното време, низ шест држави од Вардар до Триглав, и интересни приказни му раскажуваат 40 соговорници. Влатко Стефановски, Калиопи, Велибор Џаровски-Џаро, новинарот Иван Бечковиќ, Горан Бреговиќ, Саша Лошиќ, Јасенко Хоура, Јосипа Лисац, Дадо Топиќ, Џибони, Бајага, Јасен Зоран Предин, Гиле од „Електрични оргазам“, Корнелије Ковач, членови на групите „Тајм“, „Смак“, „Индекси“, „Ју група“ се дел од нив.

Пред Скопје, филмот својата премиера ја имаше на филмскиот фестивал „Соло позитиво“ во Шибеник, каде што доби специјална награда. Прикажан е и во Белград, Ваљево и во Чачак во Србија, а на 15 март, премиера имаше и во Виена, Австрија, каде што освен Пеца Поповиќ, специјален гостин беше и музичарот Дејан Цукиќ, поранешен член на „Бајага и Инструктори“. Во април, ќе биде прикажан и во Љубљана и повторно во Хрватска, во Истра. Скопската промоција е во рамките на манифестацијата „Денови на српската култура во Македонија“, во организација на културно-информативниот центар на Србите во Македонија, „Спона“.


(М.Џ.)