На 2 јули со радост ќе се пее за Влатче: „Не желиш крај“ од „Дивље јагоде“ и уште 13 песни од омилениот музичар ќе се слушнат на денот кога е роден
Весел настан од отворен тип, ќе биде одбележувањето денот кога е роден Влатко Илиевски, на 2 јули, кога омилениот музичар на сите генерации ќе наполнеше 37 години. Влатче зад себе оставил уште многу необјавени песни.
Затоа на 2 јули, точно на пладне во ресторанот на ФК „Работнички“ во Градскиот парк, во присуство на неговите најблиски соработници и пријатели, за првпат ќе бидат претставени песните кои, пред неговото трагично заминување, беа подготвувани за неговиот нов студиски албум, ни раскажа таткото на Влатко, познатиот спортски работник Драган Илиевски- Вршац.
Албумот се вика „Последното танго“, ќе има 14 песни, и ќе се промовира на иницијатива на семејството на Влатко.
-Ова нешто несомнено претставува музички тестамент на нашиот Влатче“, велат од семејството Илиевски. Овој албум доаѓа по компилацијата со најголемите хитови на Влатко – „За љубов се пее до крај“, објавена во 2020-та година.
Колекцијата од 14- те песни, авторски ги потпишуваат Кристијан Габроски, Владимир Дојчиновски, Ристо Самарџиев, Дарко Тасев, Весна Малинова..., како и легендарниот лидер на „Дивље јагоде“ – Зеле Липовача.
Зеле и Влатко, на радост на многубројните фанови, заедно го снимија големиот хит на „Дивље јагоде“ – „ Не желиш крај“.
-Влатко многу ја сакаше и често ја пееше оваа песна. Со Зеле Липовача беа во постојан контакт“, ни изјави Драган Илиевски.
Албумот содржи до сега необјавени песни, (некои фестивалски, две со „Златните Славејчиња“), од кои половина се сосема нови, и никогаш не се најдоа ниту на еден албум, ниту се пуштени на домашните радио станици.
Албумот го отвора песната „Дајте му ја“, испеана на „Охрид-фест“ 2017-та, по која следат „Не постојам без тебе“, „Кој ли е ден“, „Со тебе најдов среќа“, „Се ќе покрие прашина“, „Вило вилена“, „Македонка“ (од фестивалот „Златен костен“ во Петрич, Бугарија 2016-та), „Комшивке убава“, „Љубов“ (дует со Јулија Димчевска), „Последно танго“, која доби награда на „Макфест“, за најслушана песна меѓу двата фестивала). Следи „Не желиш крај“, како и „Сети се“, „Божиќна песна“, снимени со хорот „Златно Славејче“.
На албумот ќе се најде и првата песна на Влатко, која ја снимил во студиото на Ангел Ќосев, неговиот професор по музичко, уште како осмооделенец) а се вика „Together Again“. Песната е негово авторско дело, за која самиот го снимил и соло делот на гитара. Освен него, во снимањето учествуваа и Урош Вељковиќ (тапани) и Марјан Петровски - Маци (бас), од групата „Steel Temple“.
-Саботната промоција на Влатко, во чест на неговиот 37-ми роденден, е замислена како весел настан од отворен тип, на кој ќе се соберат неговите пријатели, роднини, соработници, фанови..., кои, како што пееше Влатко во една своја песна, во спомен на него, „за љубов ќе пеат до крај“., велат од семејството Илиевски.
М.Џаровска