На сите сме им арни кога ќе умреме

Добивај вести на Viber

Отсекогаш ме чудел и згрозувал еден феномен кој само ми ги бетонира чувството и помислата дека сме арни на сите тогаш кога веќе не сме на овој свет. Лицемерието е пуштено на најсилно токму во моментите кога треба да си седиме со свиткани опашки ако претходно или сме го плукале оној кој починал, или не сме врзале два реда муабет со човекот кој заминал. Истото е и кога се точкаме по гробишта во деновите кога е тоа предвидено, со триста адети и тракатанци. Не ми е првпат (а веројатно ниту последен пат) кога отворено кажувам дека почитта и љубовта кон некого се покажува и кажува додека сме живи, оти после е сé бадијала. Никогаш не сум имала потреба да постирам слики или делови од преписки со оние кои веќе ги нема, оти и едното и другото ги сметам за приватни моменти кои нема зошто да ги пласирам во јавност. Правото на јавно искажување на тагата е резервирано само за најблиските, кои биле тука и за арно и за лошо.

Смртта на Зоки ме потресе заради неколку причини. Прво, затоа што до самиот крај беше борец и кај него гледав невиден оптимизам дека сепак...сепак ќе успее да го победи канцерот. Второ, затоа што колку и да беше (како што велат старите) пис на јазик, од многу страни слушав за неговата хуманост и несебичност. Трето, загубата на еден млад живот е секогаш колективна загуба оти пред него имаше уште многу пат кој за жал не го изоде. Со него не се знаев лично, иако бевме пријатели на ФБ долго време. Нашата преписка беше оскудна, ме задеваше дека во интервјуата кои ги правам (ТАА Е...) сум нежна со гостинките (иако знаеше дека мојата цел е да ја откријам душата на соговорничката, а не да вадам “скандали” на мегдан) но ми ја даде својата поддршка и ми кажа дека редовно ме читал. Мојата кон него беше приказната за татко ми со порака да не се предава, оти чуда се случуваат...за жал, не секогаш. Ми остави впечаток на човек кој знае да даде ветар во грб на многумина, човек кој знае да се шегува и на своја сметка, човек кој да живееше некаде на запад ќе имаше шоу од рангот на Опра или Елен.

Но, универзумот си има свои планови со секој од нас. Да се биде јавна личност овде, на мал простор и со менталитет ваков каков што ни е си има предности, но многу повеќе недостатоци. Секој знае сé за секого. Кој со кого спие, јаде, се дружи без оглед дали се тоа работи од рангот на рекла-казала или има вистина во тоа. Да се биде јавна личност овде е како да седите угол голи и чекате кога ќе ве удрат со збор или дела. Тажно е што изумуваме дека сите тие ликови кои стојат на тапет имаат семејства, чувства, ранливи се и ги боли секоја неправда. Но, секако дека тоа никого не спречува да продолжи да блуе, плука и озборува. И сето тоа некако магично исчезнува кога некој ќе почине. Пупупу, не важи веќе ништо што сме истропале дотогаш за некого. Тогаш величаме, вадиме преписки, фотографии. А единствените кои жалат се семејството и пријателите кои буквално го гледале човекот секој ден како се топи, како им бега во друг (се надевам), подобар свет.

И секако, тука е гневот кон неговите довчерашни пријатели кои станале непријатели со тек на време. А гневот е секогаш ист, дека не изразиле сочувство односно дека не биле доволно лицемерни да кажат збор-два кои на кантар ништо не тежат и не вредат, оти секако не би биле искрени. И сега се мислам, дали е почесно да глумиме нешто што не чувствуваме или да останеме доследни на себе. Ми текна на неодамна починатата Шенон Доерти, ѕвездата од серијата Беверли Хилс 90210 која пред да почине даде точни инструкции за тоа кој не сака да биде присутен на нејзиниот погреб. Да, кога веќе не можеше да им го одземе правото да ја озборуваат, да и’ ставаат сопки и да ја омаловажуваат, можеше да им го одземе правото на лицемерие и себепромоција. И така и беше, не дозволи да ја испратат оние кои своето присуство на погребот ќе го искористеа за сопствен маркетинг, или да остават слика пред јавноста дека се добри личности. Фер, нели? Не можам да го заборавам изразот на лицето на една нејзина колешка со која глумеше во серијата, а која на крај издејствува да ја избркаат од истата кога ја прашаа како се чувствува за нејзината смрт. Реченицата дека “бевме како семејство” да можеше да мириса, ќе корнеше на гној и лага.  

Како стареам, сé повеќе внимавам што кажувам некому, што муабети терам за некого. Станувам свесна дека животот е толку проклето кус што е арчење време и себе на гадости. Ниту имам корист, ниту ми е душата почиста, ниту ми е џебот подлабок ако озборувам. Она време кое го имам и кое ми останува сакам да го поминам во спокој, со себе и другите. Ако можам да сторам некое добро, ќе сторам. Ако не можам, ќе се потрудам колку-толку да сум од корист. А лаењето и лицемерието ќе го оставам на оние кои можат мирно да спијат и кога им е срцето валкано. И да знаете, најтешко се чистат душата и срцето од гревови. За сé останато еден долг туш и сапун вршат работа. Ама за да ви останат мислите и она што ви е во градите чисти треба многу труд, работа на себе и чесност.

Пред два дена беше задушница, време кога стануваме свесни дека сме смртни. Пред два дена беше ден во кој ги спомнуваме тие кои не се меѓу нас. Знам дека носи спокој палењето свеќа и одењето на гробовите на починатите. Но, исто така знам дека она што се важи и памти е колку сме биле тука кога сме биле некому потребни, колку ги спомнуваме во себе и во еден сосем обичен ден во кој сме пренатрупани со обврски. Гледам и знам колку им значи на моите кога ќерка ми и покрај сето она што и’ е во умот почнувајќи од училиште, па до социјалниот живот, наоѓа начин и време да се слушне со нив секој ден, да им раскаже што и’ се случило, да поминеме да ги видиме. Знам колку ни значи на сите еден ред муабет кога сме паднати со духот, една прегратка кога ни се чини дека сме партал во душата, еден збор со кој ќе ни кажат оти не сме сами. Ете, тоа се важи...само тоа се важи.

Починатите не можат да ги видат постовите со кои ги величаме, не можат да стават лајк на фотографиите од некое убаво и минато време, не можат ниту да искоментираат со шега на некоја случка која ја спомнуваме. На починатите им било срцето полно кога сме им кажале дека ги сакаме додека уште можеле да го слушнат тоа, им значел секој збор со поддршка колку и да биле свесни дека се сами во својата битка, им значеле тие една рака луѓе кои направиле да им е полесно во миговите кога знаеле дека се длабоко зачекорени на патот од кој нема враќање. Сé останато е гола вода, чудо кое минува за три дена...додека ФБ не нé потсети на денот кога си заминале.

Правото на вистинска жалост оставете го за семејството и за вистинските пријатели. Само тие ќе ја чувствуваат загубата и после 3 дена, 3 месеци, 3 години, 3 децении. Она што можеме ние останатите е да имаме почит и да си ги зауздаме јазиците додека се луѓето живи и тука. Оти устата од поган збор не се измива, никогаш.

Нека им е светол патот на сите кои не се повеќе меѓу нас. А нам, живите, нека ни е на ум дека од денот кога се раѓаме, ни почнува патот кон смртта. Да го чекориме достоинствено, со должна почит кон секој што ќе го сретнеме на тој пат. Слава им на починатите, да си го најдат спокојот и да ни ја простат неукоста ако не сме знаеле да ги љубиме и чествуваме додека биле живи.

Бидете живи и здрави, ви подарувам нова песна.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Кажи го зборот тивко

Кроце и со посветеност

Како што доликува на љубовта

Која ако не ја покажеш

Додека е човек тука

Ич не ја расфрлај кога ќе го нема

Ниту да се китиш со неа

Оти тогаш алтан не е

Туку евтина бижутерија

Која ќе пожолти со време

Кажи го зборот мудро

Со ниет да не повредиш

И никого да не навредиш

Оти душата човечка е како стакло

Кое кога ќе напукне

Само прашање на време е

Кога ќе се урниса

Без да може да се состави

За да личи како некогаш

Кога била мазна и сјајна

Кажи го зборот со почит

Како со себе кога зборуваш

Чунки сите исти сме

Кога ни треба нежност и рака

И кога страдаме со тело и мисла

Та секоја медена реч

Е како иљач кој барем малку зацелува

Кој барем малку олеснува

Тогаш кога боли сé однатре

Тогаш кога јаде сé во душата

Кажи го зборот тивко

Кажи го мудро и со почит

Оти на сите нам векот кус ни е

И во него место за поганлаци

Ниту треба

Ниту смее да има

За да не ни се залепат на сенката

И за да не ги носиме со себе

Како клетва од која бегање нема

И со која ќе нé закопаат

Кажи го зборот кој надеж ќе е

И кој верба некому ќе даде

Од кој очи ќе засветат

И усни ќе се насмевнат

За да знае човек оти сам не е

И дека во молитвите твои

И неговото име се спомнува

За убост и со убост

За здравје и благодет

За милост која не ќе се заборави

Кажи ги сите зборови

Со кои некому кураж ќе бидеш

За сите битки полесно да ги мине

И да знае оти сепак до себе луѓе има

Кои ќе го спомнат и кога не ќе биде меѓу нив

Ама кои мирисот ќе му го памтат

И целото негово постоење

Во нивното ќе се стопи

Оти човек е жив само тогаш

Кога споменот за него останува и после него