Три места во Скопје што мора да ги посетите викендов

Добивај вести на Viber

Познато е дека сите едвај го чекаме викендот, секако за барем малку да одмориме од работните обврски и да не размислуваме стресно. Времето во Скопје е доста променливо, и ако се навикнавме на дождови, сега може да се пофалиме со пеколни температури. Како и да е, доколку се наоѓате во главниот град и се мислите каде да го испиете првото утринско кафе, каде да имате вкусен семеен ручек или пак каде вечер да излезете... ние имаме 3 топ предлози за вас. Локали кои сигурно ви се познати, а можеби и се наоѓаат во листата на ваши омилени.

Кафе Горки

„Кафе Горки“ се наоѓа во срцето на градот само две минути од градскиот плоштад. Тоа е урбано место кое се отвора рано наутро и каде едвај може да најдете место доцна навечер. Локалот нуди уникатно и вкусно искуство на добро пиво во кригла и одлична храна во секое време од денот. Во менито на денот можете да ги најдете сите видови вкусни супи, познатиот помфрит со оригано и сосови, како и најсочните фурнаринки. 

Улицата што води од градскиот плоштад до „Кафе Горки“ е една од најубавите улици во Скопје, особено во пролет, кога ќе расцутат јапонските цреши и се ќе стане розово.

- Луѓето сакаат да доаѓаат тука, можете да нарачате сè од пиво до коктели и храната е одлична. Слушнав дека се добро познати по помфритот, но и сите други јадења дефинитивно вреди да ги пробате! Само застанете на балконот и сте направиле супер избор - коментира еден задоволен турист од Словенија.


The Loft

Дали сте се запрашале каде може да го имате совршениот поглед додека ручате или пак додека сте на ноќна журка?  Ресторанот „The Loft“ го има одговорот на ова прашање.  Веќе една година над катната гаража „Солунски Конгрес“  се наоѓа модерно уреден локал со преубав поглед кон Скопското Кале.

- Овој ресторан со висок покрив и бар со прекрасен поглед на градот е едно од најдобрите места во градот за да излезете во Скопје, да јадете квалитетна меѓународна храна, да пиете добри пијалаци и да слушате музика од некои од најреномираните млади диџеи и артисти од Македонија и од странство. Како што ноќта се спушта во градот, Лофт станува повеќе клуб отколку класичен ресторан - го опишува локалот Ана од www.likealocalguide.com 

Имено менаџментот на овој отмен ресторан има свој пропишан  „Dress code„  кој го носи името „smart casual„ стил. 

„Дозволени се фустани, фармерки,патики, но ве замолуваме да не се носат искинати алишта, спортски маици или искинати шорцеви. Се стремиме да го подигнеме нивото на професионалност во поглед на угостителството ставајќи акцент на нашите гости. Бидејќи не можеме да ја гарантираме БЕЗБЕДНОСТА не се препорачува внесување на деца под 5 години и домашни миленичиња.“ - стои во препораката од менаџментот.

Инаку овој ресторан може да го посетите само доколку сте девојка над 21 година или машко над 23 години.

Concept 37

„Концепт 37“ стои рамо до рамо со најголемите промотори на современите културни трендови во Скопје. Од своето отворање на улица „Рузвелтова“ ужива огромен успех, главно поради својата поинаква средина. Кафе-бар и мисија која им овозможува на идеите да оживеат, а производите и луѓето да станат подостапни за пошироката јавност.

Локалот е вистинска инспирација за посетителите, кои може со себе да понесат и нешто од дизајнерката продавница сместена внатре. Во својата агенда нуди многу фин простор за изложби, живи свирки, промоции на книги, филмски проекциии и најразлични активности. 

Ентериерот е нешто што носи приказна сама за себе. Удобните софи, шарените ѕидови, најразличните столчиња и места за седење, дозволуваат Concept37 да стане ваше работно место, место каде ќе ја читате вашата омилена книга или пак ќе испиете пијалок со пријателите на шанк.

- Најнеобично и дефинитивно најдобро место во Скопје кое е „must visit“. Љубезни келнери, сладок ентериер со секогаш вкусно кафе - вака раскажува за својот омилен локал, една скопска студентка.


Д.К.