Не 2, туку три пати мери-еднаш сечи
Слика 1:
Многу, ама многу сакам да пазарам. Не да одам во шопинг, оти немам трпение да се акам по продавници, а ниту да пробувам гардероба во оние тесни кабини кои ми предизвикуваат клаустрофобија и на самата помисла, туку баш да пазарам. Одењето на пазар сум ви кажала дека ми е посебно доживување, иако сега со коронава ми се сведе на брзинско протрчување низ тезгите во кое повеќе се измачувам отколку што уживам. Така, застанувам на тезга на одредена дистанца од еден повозрасен брачен пар кој токму таму имаше потреба и желба да се расправа дали 1 килограм моркови се доволно или премногу за цела недела. Е сега, расправијата и немаше да ми одвлече внимание, доколку тој не и’ се обрати на жена му со зборовите “не тропај, морковите од минатата недела ги фрливме”, на што таа не му остана должна со “не чинеа тие, не си способен моркови да одбереш”. Налет и морков и се’, ме фати срам што воопшто присуствував на сцената и заминав, додека човекот што продаваше зеленчук воопшто не се припотресе. Не можев а да не помислам колку пати дотогаш слушал вакви муабети пред својата тезга.
Слика 2:
Викендите ми се резервирани секогаш и исклучиво за себе и семејството, или во превод, обврзно шетање со ќерка ми и моите, заеднички ручек и потоа доаѓа моето осамување кога пишувам или едноставно само седнувам некаде каде што нема скоро воопшто луѓе и уживам во есента и кафето. Денес (недела) сабајлечки одиме накај паркот, пеш, за да го искористиме сонцето. Со Нина одиме зад моите родители и муабетиме (за мангите кои ги чита и ликовите како Тендо, пардон Тендоууууу...на што секогаш превртувам со очи) кога во еден момент не’ прешишува мајка со две девојчиња од околу 6-7 години. Во моментот кога не’ одминаа, мајката се врти и на едно од девојчињата со лут тон му вели “Не ми се лигави глупава една”. Детево ја пушта раката од мајката и подзастанува додека таа не успорува со чекорот (модерното мајчинство подразбира оставање на детето зад себе ако кенка, иако јас никогаш не ја научив таа лекција оти ми било страв да не ми се изгуби Нина некаде, откако имав едно трауматични искуство кога ми исчезна во сред Веро и кога мислев дека во секунда обелев цела во главава) и си продолжува напред. Девојчето низ солзи само повторуваше “будала, будала”, додека не увиде дека никој нема да се подврати и се затрча за да ги стаса мајка си и сестричката. Нина ме погледна сета во прашалници, шокирана повеќе од односот на мајката, а јас само кренав раменици и молчев, не знаејќи што да кажам.
Слика 3:
Вртам низ социјалниве мрежи да видам што сум “пропуштила”, оти си ветив дека ќе пробам да ја сведам на минимум мојата “скролачка” вештина, односно дека ќе се сведе моето присуство само на постирање песни и фотографии, честитање родендени и она што во моментот ќе ми излезе како актуелно. Да, зависноста од социјални мрежи е подеднакво опасна како и секоја друга зависност. Ми излегува пост од една моја многу драга личност која е неверојатно интелигентна и своја и ми го задржува вниманието. Во постот кажува како некоја во некој коментар ја нарекла “стара мома” оти на свои 41 не е мажена, притоа срочувајќи го целиот пост со неверојатната дарба што ја има од се’ да направи приказна. Го читам и низ глава ми поминуваат сите етикети кои ми биле прилепувани, а и прашања кои ми биле поставувани во врска со работи кои не биле ничија работа, освен моја. Па како флешови ми идат...кога брак? Кога дете? Кога второ дете? Зошто развод? Кога партнер? Распуштеница си? Милфица, а? И си велам, простотилакот е нешто што тешко се искоренува кај луѓето, особено кај оние кои не знаат да живеат она што им е дадено од Бог или Универзумот.
Слика 4:
Сликава со број 4 не е врзана за одредена случка, туку се фрагменти кои вака или онака ме погодиле, од аспект на тоа што луѓето не научиле да си ја гледаат својата работа. Па тука имате мастурбација на “сензационални” вести и настани поврзани со скриншотови кои опфаќаа гнасни опаски и за двете страни, муабети од типот “ако и’ е што се зарази, само греота детето со таква мајка”, “пушти ја идиотката, прва нека ја чипираат”, “абе пе*ерче едно, ела излези ако си маж”, “абе к*р со очи нема видено таа бе, феминистка...мене ќе ми продава, се знае на жена кај и’ е местото”. За жал, сликава со реден број 4 е само мал извадок од секојдневието во кое живееме. И она што е најстрашно е дека ваквиот начин на комуникација по социјални мрежи е веќе толку многу одомаќинет што дури и не успева повеќе да ме изненади.
Нашиот народ има многу изреки и мудрости кои се пренесувале од колено на колено. Имаме обичај да ги користиме како одговори или констатации, но она што навистина ме интересира е колку всушност сме им навлезени во суштината и значењето на истите. ДВА ПАТИ МЕРИ, ЕДНАШ СЕЧИ е прекрасна, ама преееееекрасна поговорка. Во само неколку зборови лежи една толку моќна мудрост, што е просто фасцинантно. Она што не’ разликува од животните е токму способноста да не се водиме од инстинкти, туку да подзастанеме и трезвено да размислиме пред да кажеме нешто. И да, ако сечете пред да мерите, отиде рубата. Ако кажете нешто пред да размислите дали кажаното ќе предизвика штета од било кој вид, тогаш џабе ви е и образование и моќ, пари, убавина или фраерлук. Зошто не водиме сметка едни за други? Зошто воопшто имаме потреба да кажуваме работи кои се најмалку наша работа или грижа! Освен дека сакаме да се направиме паметни малку повеќе отколку што навистина сме, не ми текнува ништо друго.
За брачниот пар расправиите станале нешто толку нормално, што тие воопшто не бираат ниту место, ниту зборови обидувајќи се да го надмудрат оној другиот. А тој другиот, тој е оној со кој си ветиле “во добро и зло” и “додека смртта не не’ раздели”.
Мајката која во налет на нервоза му се обраќа на своето дете нарекувајќи го глупаво, не е свесна каков удар е тоа за развојот на нејзиното чедо. Истата таа ако всади кај својата ќерка убедување дека е сосем ок да биде нарекувана глупава, утре ќе си јаде од џигерот ако некој мангуп ја нарекува така, а ќерка и’ покорно молчи.
Мојата пријателка која одлучила како сака да живее, не е должна да го трпи простотилакот од некоја која за животно достигнување ги смета бурмата и децата, оти ниту едното ниту другото никого од нас не го дефинира како човек. Ова не го кажувам со мисла да го потценам бракот или децата, туку да ја истакнам преценетоста на одредени нешта кои се користат за некој да се чувствува надмоќен, поуспешен, реализиран или попаметен од другите.
Во последно време многу читам, слушам и гледам постапки и зборови кои се плукнати без да бидат измерени. И тоа ме погодува, оти гледам во каков свет ќе зачекори моево дете и децата кои примерот го земаат од нас, повозрасните. И не можам некако да се помирам дека ова е нашата реалност, дека ова е она што е толку нормално да се живее, оти не е. Не се понижува ниту дете ниту возрасен, не се етикетира, ниту се плука наоколу. Едноставно, по ниту еден човечки параметар за добрина, соживот, љубов не се постапува грубо и без осет кон било кого. Половина од вас, на ова ќе климнете со глава, а другата половина ќе си рече “види ја бе што глупости тресе”. Првите ми ја даваат вербата дека не е се’ отидено по ѓаволите.
Вторите се оние кои секогаш сечат, без оглед дали некогаш ќе пресечат и онаму кај што е најкревко.
Да сте ми живи и здрави, бидете нежни едни кон други...ниту еден од нас не е тука за навек, нека не ни биде животот пеколен за она време кое го имаме на земјава.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Дојде време во кое
Чоек од чоек ќе бега
И секој од секого ќе се крие
Секој сам по сам
Во своето дувло ќе спие
Со оголени песјаци на пружена рака
И молњи во очите кон нечија насмевка
Дојде време
Едно лошо и погано време дојде
Во кое невремето е како “добар ден”
Пцостите како “прости”
Злобата како “благодарам”
А омразата како “те љубам”
Та чоек со чоек грб си свртил
А на тилот очи си ставил
За да пази некој одзади
Нож в плеќи да не му зарие
И секој наместо со цвет
Со меч в рацете шета
Дојде време во кое
Солзите се потешки од камен
Со кој по другиот безмилосно фрламе
И зборот убав е поскап од сите дребулии
Без кои и онака ќе не’ закопаат
Та името Господово
Залудно се извикува со лажна скромност
Кога душите на ѓаолот сме ги продале
За малку моќ и неколку алтани
И џабе свеќите в црква запалени
Кога во душите кандилцата ни згаснале
И вратите едни на други
Пред нос сме си ги затвориле
И со катанци срцата сме ги заклучиле
За во неспокој да живееме
Лошо време дојде
Најлошото за оние кои нежни души имаат
Кои за зло не знаат
И кои на туѓата мака плачат
Оти само тие можат да видат
Дека во ова лошо време
Дури и волците од луѓето се плашат
И дека чоек во чоекот се’ помалку има
Дур ден не дојде
Кога и последниот ќе се истреби
Оти во времето во кое црно небо има
Ниту сонце огрева
Ниту ѕвезда засветува
Во тоа пусто време
Во кое се’ има
А ништо не ни остана