Не биди ѓубре, седи дома!
Да, знам дека е мачно. И мене ми фалат моите самувања на сонце во кафуле, пишувањето надвор и фотографирањето. Ми фали таа слобода која ја имав за да можам во моментот да одлучам да правам она што ќе ми падне на ум. Ми фали Скопје раздвижено и насмеаните лица на луѓето. Ми фалат прошетките со ќерка ми, седнувањето на кафе со моите, ручеците со Биба, собиранките со моите другарки. Да, и јас како и сите вие го мразам вирусов, ја мразам тензијата и исчекувањето дали имаме новозаболени и дали конечно некој ќе каже “дечки, помина....одиме понатаму”. Но, ова не е време кога моите хедонистички желби и потреби се поважни од здравјето, моето, на Нина и на моите родители кои спаѓаат во ризичната категорија. Ова е најмалку време кога се накривува капата и се оди со идејата дека мене нема ништо да ми биде, тоа таму некому се случува и баш ми е гајле. Оти гајле ми е! Гајлето го берам и за домашните и за сите луѓе кои живеат не само тука, туку и оние кои се наши, а живеат надвор. Не ги сакам муабетите полни предрасуди, обвинувања, озборувања. Не сакам да се претвориме во народ кој сам себе се уништува, туку во овие тешки мигови да се најдеме едни на други и да излеземе од ова најбезболно што може.
Не можам, а и не сакам да ја сфатам онаа себична жичка кај нас која не’ прави да сме бесчувствителни дури и кон оние кои се грижат за нашето здравје. Не се крие пред доктор ако сте патувале надвор. Не се крие ако сте биле во контакт со заболени лица. Побогу, не е срамота ако сте заболени, срамота и грев е ако го криете тоа и директно ги загрозувате медицинските лица кои во оваа ситуација се сега најизложени и директно загрозени. Менталитетот наш е таков (за жал) веднаш да осудуваме. Заболените не се за осуда! За осуда е да се даваат лажни информации и податоци. Не сте украле, не сте убиле. Мора да бидеме одговорни и да се чуваме едни со други. Впрочем, во оваа ситуација можеби и треба да се просветлиме дека единственото нешто што вреди ни е здравјето, нашето и она најблиските. Парите ќе дојдат и ќе заминат, со нив не се купува животот. Славата е дури и смешно да ја спомнувам во овие моменти. Помагајте! Прво на докторите, со тоа што ќе бидете одговорни, а потоа и на оние на кои им треба помош. Тука, пред се’ ги ставам оние кои реално не можат сами да испазарат. Оние на кои треба до дома да им се однесе нешто, секако со соодветна заштита. Не бидете себични со тоа што ќе изнакупувате маски и ракавици ко да ќе живеете 200 години. Имајте малку усул дека џабе ќе би бидат ако бројот на заболени расте рапидно.
Не купувајте побогу храна ко да ќе биде крај на светот, оти нема да биде! Природата само не’ потсетува дека сме гости на планетава и дека треба со почит да се однесуваме кон неа, ако не сакаме да бидеме истребени. Можеби ова е вистинското време за да се подзамислиме сите како да си го олесниме животот, наместо да бидеме свртени само кон себе.
Јас сум оптимист, со сите сознанија кои ги имам, а кои се сериозни. Оптимист сум дека ова ќе мине и дека ќе ја научиме лекцијата која сме ја заборавиле. Ве молам да престанете да гледате се’ и сешто на интернет и да ширите дезинформации или лажни лекови. Ете, лукот не помага, ниту топлата вода. Ама помага да сме одговорни, да седиме дома, да ги одложиме сите оние работи кои можат и треба да се одложат додека трае ова.
Зауздајте си ги децата кои се собираат надвор. Да, забранете им излез и да се собираат. Приберете си ги повозрасните од клупите од парк. Мора да се создаде колективна свест и совест. Ќерка ми и вашите деца имаат уште многу да тераат низ животот. Родителите да си ги сочуваме за да исчекаат внуци, па и правнуци. Грижата за себе е примарна во овие мигови. Нема да сопре животот, ако не излеземе извесно време. Или, како што рекоа некои наши познати личности за Женски Магазин, седам дома за да можам после да излезам.
Читајте книги, пишувајте, цртајте, гледајте филмови, играјте карти (само да ви кажам дека уште победувам и тоа толку многу, што мајка ми ми се налути), најдете занимација, па и пцујте малку.....АМА СЕДЕТЕ ДОМА!
Колку сме подисциплинирани, толку поскоро ќе бидеме пак слободни да правиме се’ што сакаме и да се вратиме во нормала.
И се разбира...без паника!
Стравот никому не донел арно. Од стравовите умот се поболува. Имам една теорија дека нема ништо случајно, дека ако било пишано да не’ снема, ќе било така. Тоа е како болестите кои доаѓаат оти сме си го измачиле телото и душата. Предупредување дека е време да ја смениме матрицата на однесување. Сега е моментот кога секој од нас треба да се преиспита со што придонесува за да се распаѓа планетава и со што може да придонесе за да се сочува. Доста беше со ноншалантен однос кон се’ што е околу нас. Имаме одговорност и да ја прифатиме за да не биде уште полошо.
На нашите лекари не им требаат организирани аплаузи или гасење и палење светло. Не им требаат хвалоспеви ниту воздигнувања. Им треба нашата поддршка преку грижа за себе, седењето дома и разумно однесување.
И на крај, за сите оние кои мислат дека се Супермени и останати херои, фраери, Итар Пејовци.
Не бидете ѓубриња! Ако не се грижите за себе, баш ми е гајле...ама во нормални услови. Во овие, вашата негрижа за себе се рефлектира директно на сите нас. Вашата дрскост уште и насмеани да се подбивате со ситуацијава ме вади од кожа. А секоја дрскост се плаќа, вака или онака. Секоја негрижа се плаќа, вака или онака.
Јас не сакам да го плаќам вашиот цех, не сакам да го плаќа ниту било кој од нас кој и покрај сета тескоба слуша и почитува она што е неопходно да се прави во моментов.
А вие останатите, да сте ми живи и здрави. ЌЕ МИНЕ...и повторно ќе се гледаме надвор, насмеани. Повторно ќе се радуваме едни на други и ќе се дружиме. Дотогаш, чувајте се за да се сочуваме. Или да парафразирам еден мој стих...ОД СЕДЕЊЕ ДОМА ДА СЕ “УБИЕМЕ”, ЗА ЖИВИ ДА ОСТАНЕМЕ. Ве љубам!
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска