Не е добро родителите да го заспиваат детето навечер: Тоа е аларм на кој треба да се внимава, предупредува д-р Рајовиќ
Доктор Ранко Рајковиќ, невроендокринолог и професор на
Факултетот за образование во Љубљана, ги урива сите предрасуди за воспитувањето
на децата и не се согласува со многу современи начини на водење на децата.
– Првото вистинско движење се случува кога детето лази. Тоа одеднаш ги притиска дланките на подот и тоа првпат се случува, да ја притисне целата дланка на подот. А кој не дозволува дете да лази? Мама и тато. Кога прашувам зошто, или ми велат да не земе нешто од подот и да го стави во уста, или затоа што може да има вирус или бактерија таму или нешто друго. Но, таа позиција кога лазат е многу важна, бидејќи мозокот има свои прецизно дефинирани фази на развој и ако нешто прескокнеме, не можеме да го вратиме - рече доктор Ранко Рајовиќ, како гостин во подкастот на „Растејќи со деца“.
Меѓу другото, тој зборуваше за важноста на движењето и за тоа кои видови на движење се клучни за развојот на децата. Како што објасни, истражувањата покажале дека доколку нема доволно движење, базалните ганглии се намалуваат.
- Кога зборувам за движење, не мислам само на одење. Движење на главата лево и десно, скокање, трчање, работа со раце, па дури и џвакање храна, ова се сите видови на движење. И ако детето не го направи сето тоа кога требало, нема да има милијарди импулси - рече Рајовиќ.
Тој се присети и на периодот кога неговите деца биле мали, и кога морал да ги балансира студентските обврски и грижата за нив.
- Се сеќавам, Ива беше мала, лазеше по целиот стан, а јас требаше да учам, кој ќе ја следи цело време? Потоа ѝ создадов простор за движење, територија, со помош на тросед, двосед и фотелја. Ја ставив внатре, да ми биде под око и ѝ дадов две-три работи да не ѝ здосади. И таа лазеше таму. Меѓу другото, уфрлив топка и ставив пречки на таа топка. Таму беше и мајка ми и кога виде дека Ива се обидува да ја дофати топката, таа побрзо и ја додаде. Рече 'за да не страда детето'. Потоа, го направив спротивното, врзав конец за топката и, како што Ива стигнуваше до неа, ја повлекував, таа повторно како што стигнуваше, јас пак малку го повлекував конецот - се присети Ранко Рајовиќ и додаде дека не знаел се‘ што знае денес, но дека инстинктивно го направил тоа што му било логично.
Како што вели, разбрал дека е подобро да се работи малку отколку да се добие се‘ веднаш и сега.
– Истото важи и за се‘ во животот. Затоа, не му помагајте на детето во сè. Покажете му малку и пуштете го. Воопшто не е тортура – истакнува Рајовиќ.
А кога ќе заврши таа фаза и кога ќе му стане лесно лазењето на детето, на ред е одењето, а потоа скокањето. Скокањето е особено интересно за децата, вели д-р Ранко Рајовиќ.
- И денес ги имате оние „експерти“ кои тврдат дека мозокот не се развива преку движење, туку преку размислување и истражување. Но, и размислувањето и истражувањето треба да се потпрат на некои базални ганглии во мозокот. А како, ако нема движење? Дали се намалени базалните ганглии? Па, каде ќе добиеме повеќе докази? А кога зборуваме за скокањето и зошто е тоа важно, кога детето скока, сите мускули работат и мозокот го контролира сето тоа. Таквото движење е многу важно. А кој не дозволува децата да скокаат? Па родителите – рече д-р Рајовиќ.
Секој родител знае дека скокањето е една од омилените активности на децата, а вирчињата на децата им се особено привлечни.
- Можете точно да видите кога родител го држи детето за рака, а тие се приближуваат до локва вирче, како детето го влече кон водата, а родителот го трга детето, за случајно да не скокне во вирчето. Па кој нас ни забрани да скокаме во вирови? Па нека скокаат! Пуштете ги. Сакаат да скокаат на слама, на песок, нека. Не треба да скокаат од петтото скалило, ќе се повредат, но можете да ги пуштите да скокаат на креветот. А најмногу треба да скокаат во ПРИРОДАТА. Во плитко, на слама, во песок, на сено“ – објасни овој експерт за развој на деца.
Тој се осврна и на неодамнешниот тренд, а тоа се трамбулините, за кои вели дека може да бидат опасни.
- Имаме се‘ повеќе скршеници од трамбулина, не од деца кои испаѓаат, туку од скокање, скокање и се јавува скршеница на бутната коска. Имаше дури и скршеница на тибија, коска на долниот дел на ногата, што е најболна скршеница. Исто така, колеги од Германија забележале случаи на скршеници на хумерус поради паѓање на рацете. Сега, замислете како пукаат коските од скокање на трамболина и фрлање на рацете?
Зборувајќи, понатаму, за важноста на движењето, Ранко Рајовиќ повторно ги спомнува приказните од камповите, каде децата со песочен часовник кој ги брои километрите, комплетирани без форсирање и притисок, поминувале по 20 или повеќе километри дневно. И тоа деца на возраст од шест години. Ова, вели тој, е движењето што им треба на децата.
- Се сеќавам една година, последна смена, имаше 8-годишно девојче. Имавме работилница во природа, децата седеа и пишуваа. Таа прва ја извршуваше задачата, стануваше, ги гледаше, за тоа време правеше два круга околу групата пред следната задача. После тоа, таа повторно ќе ја сработеше задачата прва, повторно ќе станеше и ќе направеше уште два круга. По третата задача и здосади одењето, па почна да трча. Син ми Вук, кој беше таму, ѝ предложи утре да и ставиме часовник за да видиме колку километри ќе помине. Таа помина повеќе од 35. А како би изгледало тоа на училиште? 'Седи таму, не мрдај, имаш пауза, истрчи, како изгледа ова, нека дојде мајка ти...' Детето има потреба за движење. И тоа мораме да им го обезбедиме - објаснува овој експерт и додава:
- Најголемата животна енергија ни е дадена од 7 до 12 години, токму за да го придвижиме и развиеме мозокот. А ако детето пешачи 3 километри дневно, што мислите, каде е сета таа енергија што природно ја има? Па, во него. А дали може да заспие во 9 навечер? Па секако дека не може. И тогаш родителите го заспивале детето. Ова е првиот знак дека детето нема доволно движење. Нека се сетат родителите - кој не заспивал? Никој. Цртани, вечера, легнување во кревет, и заспивавме за 5 минути. Затоа што трошевме енергија. Никој не мораше да не заспива час или два, како што родителите денеска ги заспиваат децата - објасни д-р Ранко Рајовиќ.
Како резултат на тоа, вели тој, мозокот не се развива, не се троши енергија, децата на училиште не можат да следат на часови, а когнитивните способности опаѓаат.
- И она што е важно да се има предвид е дека ова е нов проблем. Недвижењето и сè послабите моторни и когнитивни способности на децата се проблем во последните десет години. А може ли да бараме решение во начинот на работа и книгите од пред 20-30 години? Јасно е дека не можеме. Затоа мораме многу побрзо да го анализираме новото знаење, да го вградиме во работата и да им помогнеме на децата што е можно поскоро
Фото: Youtube - screenshoot