Не е важно колку, туку како ме сакаш!

Добивај вести на Viber

Кога ќе ми рече некој кој тукушто излегол од мачна и болна врска, дека најголема желба му е никогаш повеќе да не љуби, во себе си велам “никој нема толку голема среќа за да остане нечепнат од љубовта”. И не ни е љубовта виновна што сме го јаделе стапот, оти најчесто сами сме си барале со боринче да излеземе од некој однос како после долга и тешка битка, да не речам полуживи. Чудно како многу ретко ни доаѓа памет за некои работи, а особено кога е љубов во прашање. Камо да функционираше како кога децата ќе се џишнат на рингла, па после во широк лак го одбегнуваат шпоретот. Не, ние возрасните некогаш упорно и ноншалантно ќе си правиме џишшшшшш, оти ништо не научуваме од претходните искуства. Некогаш е токму тоа, ненаучувањето, а некогаш е и самобендисаноста и преголемата самоувереност дека овој пат ќе биде поинаку. Цврц! Поинаку е само тогаш кога ќе одлучиме да биде поинаку, а не оти мислиме дека сме семоќни. Некогаш поинаку значи и да одбегнеме да влеземе во однос во кој, оној од спротивната страна е искушение како јаболкото на Ева. Ама пусто, чоек ко чоек, па за едни исти работи паѓаме ко круши кои после свињите ги јадат (абе сум рекла дека целокупната наша живеачка се темели на народните мудрости, па можеби и затоа толку ги користам и при пишувањето песни, иако помладите генерации тоа го сметаат за старомодно).

Нејсе, сите сме пателе, а сосем сигурно е дека ќе си боледуваме и понатаму додека не разграничиме дека заљубеноста е пеперутки, слатка збунетост, исчекување....дека љубовта е одржување на пеперутките, труд и работа на себе и односот за да чекорите заедно и во иднина, дека бара трпение за туѓите маани и сопствените грешки, дека не признава суета и инаетење, дека не признава кога е тешко да се заврти глава и грб и дека никако не трпи мешање на трети лица (ко ќе кажат дека некогаш да се има љубовник или љубовница за да се освежи врската или бракот, ми е на ранг блуење). Од освежувања признавам заедничко патување-сами, секс шоп со купување долна облека за разбивање монотонија и искрен муабет (ама не ко парламентарниве седници, туку конструктивен и по можност не предолг за да се разводни). Она што дефинитивно не е љубов е чувството на страв, лоши мисли, тескоба и секако потценување, недостиг на почит, омаловажување, љубоморни испади и казнувања од типот молк или урлање. Секој оној кој ве убедува или ќе се обиде да ве убеди дека љубов е се’ освен спокој, радост и убавина, не е за вас и бегајте што е можно подалеку, за да не дојдете во ситуација да си ја трескате главата од ѕид.

Најчесто, прашуваме “колку ме сакаш?” и не дека не сум била токму од оние кои истото го поставувале на астал, но од денешна перспектива, прашањето ми било во најмала рака детско и несериозно. “Колку ме сакаш?” е прашање на кое секој одговор кој ќе се добие е неважечки. Зошто? Затоа што љубовта не се мери, или како што имам напишано:

...затоа никому не верувам

ама баш никому дека ме сака со кажана мера

небаре љубовта штоф е

па од неа одело ќе скроиме

или свечен фустан за забава

небаре љубовта течност е

та од неа ќе ги наполниме чашите

за живели со непознати да правиме

небаре љубовта храна на трпеза е

та како на скап коктел

ќе боцкаме и пребираме...

Мерката за љубов не е да се редат зборови, да се прават компарации. Интересно, ама како стареам мислам дека се’ помалку верувам на оние кои љубов ми изразуваат со светликави зборчиња, ставајќи ме на пиедестал. Жалам, можеби станувам циник, ама навистина повеќе не можам да верувам на она што се кажува, оти сум била паталец. Така што, оставете метрото и килограмите настрана и ако веќе љубите и сакате да видите колку ве љубат, внимавајте на делата и постапките. Одиме едно по едно...

Ако доживеете успех на работа, а партнерот не знае да се израдува заедно со вас и да го направи чинот кој ви значи уште поубав со својата реакција, нешто тука не е во ред.

Ако имате некаков проблем за кој се двоумите да разговарате со партнерот од сомнеж дека нема можеби да ве разбере, нешто тука не е во ред.

Ако имате проблем за кој сте разговарале со партнерот и наместо да се стави во вашата кожа и да ве разбере зошто се чувствувате онака како што се чувствувате, нешто тука не е во ред.

Ако секојдневно на секој ваш обид за интима или поминување повеќе време заедно, имате СТОП од страна на партнерот со изговори за умор, напнатост (а притоа нема муабет меѓу вас), нешто тука не е во ред.

Ако ви приговара партнерот дека се облекувате вака или онака, дека ставате премногу парфем или шминка, дека гардеробата ви е недолична (а ве запознал токму такви), нешто тука не е во ред.

Ако попатно партнерот ве нарече глупав/а, дебел/а, премногу слаб/слаба, нешто тука не е во ред.

Ако имате љубоморни сцени “зошто оној/онаа те гледа”, “дај да видам телефонот”, “која ти е лозинката на мејлот/фб”, нешто тука не е во ред.

Љубовта драги мои не е контрола над нечија интима, приватност и живот. Има граница која ако се премине, нештата стануваат грди. Довербата ако се изгуби или ако наместо неа на дневен ред се става под знак прашалник вашата чесност, не се правете слепи и глуви. Арно се вели дека подобро да се спречи, отколку да се лечи. Па јас на ќерка ми и’ ја почитувам приватноста, не па на партнер, другар/другарка. Однос во кој има доверба не трпи контролирање. Секој од нас доколку сака да стори нешто, ќе најде начин и тоа не може да биде спречено. Не е љубов кога се кажуваат лоши зборови, ниту добри. Не е љубов кога некој ќе крене рака со изговор дека толку многу ве сака, што ете од немоќ раката сама летнала. Не е љубов ништо од што ќе немате мирен сон и насмеани очи. Тоа се само нечии фрустрации и проектирања врз вас кои не сте должни да ги трпите под ниту еден изговор кој ќе ви го дадат или ќе си го сервирате сами на себе. Ако барем малку се грижите за себе и за оние кои ве сакаат (семејството и пријателите), ќе завртите грб и ќе си заминете, па макар зад себе оставиле и неколку децении. Нека не ве лаже никој дека подобро нема да најдете или дека подобро не заслужувате. Напротив, заслужувате најдобро и ако сами не си го приуштите тоа, нема никој да го стори тоа наместо вас. Не велам дека е лесно и едноставно, некогаш е многу тешко дури и да се распознаат знаците на нељубовта, оти се маскирани со лажна љубов. Оние кои малтретираат знаат да глумат до перфекција, да ве натераат да се чувствувате дури и виновни што воопшто сте помислиле дека не ве сакаат. Ако имате лузни однадвор или однатре од некого, не си замислувате дека не сте сакани, туку НЕ СТЕ САКАНИ.

Не ми кажувај колку ме сакаш, туку покажи ми како ме сакаш. Од тоа, ќе знам и колку.

Да сте ми живи и здрави и внимавајте на себе оти вие сте се’ што имате, треба да им траете на оние кои навистина ве сакаат...со дела.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Да не те лажи умот

Оти љубовта е збор

За зборој сите мајстори сме

Та ќе ги везиме и плетиме

Ќе ги тегниме и растегнуваме

Ќе им додаваме зачини

Од кои после блуткаво во устите ќе ни е

Ич умот да не те лажи

Оти љубов бол е

Или оти ударот од неа

Однатре или однадвор

Е нејзината моќ

Та да си дозволиш

Некому черга да бидиш

Од која калта од чизмите ќе си ги бриши

Немој да се лажиш себе

Ниту да се залажуваш

Оти љубовта е растреперени прсти

Кои играат од страв

И дека црните кругови под очи

Е силата нејзина

Дека љубовта ќе стори сенка да си

Со стиснати усни и грч во утробата

Не верувај на оној

Кој со уста полна шербет

Отров во тебе ќе внеси

За да те залаже и прелаже

Дека љубовта најмалку спокој е

И дека окото полно сјај

Од солза такво ќе свети

Дека модрото е нејзината боја

А солената вода низ образ

Е вкусот нејзин

Оној кој навистина ќе те љуби

Е тој кој тело ќе ти растрепери

Само во постела топла

И кој ќе те храни и пои со нежност

Оној кој сонот ќе ти го чува

За да му траеш и за на старост

Оној кој вистинска љубов за тебе ќе има

Ќе те насолзи само од среќа

И ќе те чува ко жеден чоек

Последната капка вода

Кој од тебе ќе се причести

И од телото свое тебе причест ќе ти даде

Оти во љубовта душите едно се

И срцата ист ритам фаќаат

Во љубовта здивот на среќа мириса

И од него никој не се донадишува

Оти љубов

Љубов е се’ од што животот ќе го славиш

И со насмев од овој свет ќе си заминиш

Рака в рака

Како од првиот ден

Како од првиот бакнеж


За Женски Магазин, Ана Бунтеска