Не сум социјален тип на човек. Како минуваат годините, станувам се’ повеќе свесна за тоа дека само малкумина можат да се справат со мојата асоцијалност и да го прифатат тоа како дел од мене. За луѓе кои се “дивтари”, голем напор е да се натераат себе да излезат, да се дружат, да се замешаат во одредено друштво. На страна тоа дека дел е табиет, а дека дел е веќе и влегување во колосек од кој тешко се излегува. Сега ако ме прашате, не сум сигурна дали моето неизлегување или недружење е резултат на тоа дека сум табиетлија или е делумно и заради мрзата да се спремам, шминкам, извлечкам од дома. Секако дека ми е полесно да останам покрај лаптопот гледајќи филм или серија, отколку да се прашувам за што ли ќе муабетам, па дали ќе треба долго да седам, па дали ќе можам да “киднам” ако не ми се допаѓа (а штом уште неизлезена мислам на тоа дека нема да ми допадне, сигурно дека ќе направам потсвесно да не ми се допаѓа). И пак ќе речам, колку е здраво по психа да се живее во свет во кој нема врата ниту за влез на непознати, ниту за излез од сопствената кожа, е дискутабилно.
Нејсе, викендов се случи роденден на другарка ми Сики. Сики е една жена-змеј-дете-заводничка, една преубава и чиста душа (башка што е преубава жена) и е мајка на најдобрата другарка на ќерка ми. По вторпат во животот станав другарка со некоја жена заради ќерка ми (првиот пат беше уште кога Нина беше во градинка), но не затоа што морав, туку оти се случи “клик” на прво видување. Она што го сакам кај Сики е дека можам да дрдорам или да молчам цело време, а таа не се чувствува дека треба да пополнува тишина со празни муабети или да и’ е непријатно. Искрено ви посакувам да си се опкружите со луѓе во чие друштво ќе си бидете свои и пред кои нема да се чувствувате дека “мора” да бидете со монтирани насмевки. По желба на Сики, бевме излезени за да го прославиме роденденот со сите тертипи. Во првиот момент кога ми кажа дека во сабота има резервирано во кафеана, ќе излажам ако речам оти не ме фати паника. Но, бидна саботата, ваша Ана не само што се нашминка (сум заборавила дека знаеле очите да ми бидат интензивно зелени кога ќе ставам потемна сенка), туку и облече црн костим со панталони (ах, тие неколку кила вишок ми се уште слаба точка, ама ќе ги средам оти мака мачев со патентот-да знаете дека функционира финтата легнување на грб и да се запетлате). И кинисав. Зборно место Ботаника, нормално дека првпат влегов внатре. Ретко ми се случува да се вљубам во место на прво влегување. Последен пат тоа беше со Сокаче (уште не можам да го прежалам), а после 8 години со Ботаника. На страна тоа дека местото е на Софка и Дани кои ги обожувам, дека внатре од секое ќоше се чувствува енергија и љубов, дека гостите не се гости, туку дел од магијата која изобилува со преубава арома на вино и храна која е се’, освен обична и “досадна”. По којзнае кој пат ми се потврди дека кога нештата се прават со љубов и посветеност, искреност и спонтаност, нема шанса да се утнат. Персоналот не е персонал, туку дел од “семејството” на Софка и Дани во местото кое дише и мириса на дом. И така доживеав катарза. Седиш, муабетиш, мезиш, пиеш вино, ти се погодува песната (ди-џејот беше врв!) и без мислење стануваш и си денсаш за пак да си седнеш. Ете, тоа е Ботаника!
Седам и нормално дека имам моменти кога се исклучувам, ама убаво ми е. Седам со уште 4 прекрасни дами, секоја успешна во својата професија (2 докторки, балерина), реализирани не само во својата работа туку и како личности кои знаат како со себе, кои си го сакаат животот (да, си ставиле ЛАЈК НА СОПСТВЕНИОТ ЖИВОТ), жени во чие присуство се чувствувам спокојно (иако 2 од нив запознав вечерта за првпат). Во тие моменти кога ме нема на масата туку мислите ми се со себе, ги гледам луѓето околу себе. Сите насмеани, ечи од пеење, танцуваат, уживаат и во себе и во друштвото во кое се.
Знаете, многу ретко гледам среќа околу мене. И кога велам среќа, не мислам на онаа глума која сите често ја практикуваме и тоа најчесто од погрешни причини.
Сум глумела среќа за да можам да се вклопам и да не бидам аутсајдерот.
Сум глумела среќа за да не ме прашуваат што ми е и да не се наметнува една непријатна ситуација во која сум се чувствувала како животинче во кафез во кое сите гледаат.
Сум глумела среќа, мислејќи дека ако глумам доволно долго и посветено, ќе можам навистина да бидам среќна.
Сум глумела среќа оти така треба, оти е нормално, оти е друштвено неприфатливо да си на астал молчелив.
Сум глумела среќа до повраќање и чувствување мачнина да бидам нешто што не сум, нешто што не можам да станам оти душата ми бара поинаку и си сака други дразби.
Сум глумела среќа оти ми било страв дека нема да ме сакаат, дека ќе бидам “онаа напорната што се занесува дека е различна”.
Сум глумела среќа од чувство на паника дека ќе бидам оставена.
Сум глумела среќа кога душата ми плачела и сум мислела дека ќе ми експлодира срцето од болка.
Сум глумела среќа совршено и најдобро кога сум била депресивна, за после да се распаднам на милион делови и да не знам од каде попрво да почнам да се собирам и составувам.
Вчера сфатив дека има места, луѓе и моменти на кои, со кои и во кои нема потреба од глума. Ниту дека сме среќни, ниту дека сме ок...затоа што никој ништо не очекува од нас и затоа што сме оставени да блеснеме токму онакви какви што сме. А секој од нас блеска на свој начин, кој не мора да биде спектакуларен. Секој од нас кога е оставен да си е свој без да е “силуван” да се вклопи, се покажува во своето најдобро светло. И не е тоа местено, не е форсирано, не е изглумено. Слободата која ја даваме на себе и на другите да (што би рекла Лоперка) си ги покажеме сите вистинските бои, не’ ослободува од пресијата на “мора” и “треба” од разно-разни причини. Слободата на тоа да се дише и да се издишува автентичност е богатство, а да се биде меѓу луѓе со кои го имате тоа без да се пазарите или да се објаснувате, е здравје...ментално и физичко.
И не глумете среќа, никогаш и за ничиј ќеф или атер. Наместо да глумите среќа, бидете со оние со кои ќе ја чувствувате однатре и која ќе ви даде утеха, топлина и ќе ви ја наполни душата. Од пуста глума си го поболуваме умот. И да, не мора да сте среќни 365 дена во годината. Не постои критериум, мерка или колку е нормално или ок да е човек среќен. Ултимативна среќа не постои, тоа се моменти кои остануваат и кои се паметат за да си ги враќаме во сеќавањето кога нештата одат удолу, за да се потсетиме дека може и поинаку. За мене, моментот на среќа се жените со кои минав прекрасна вечер на прекрасно место, во потполна слобода и прифаќење на тоа кои сме и какви сме во атмосфера на еден многу поинаков простор, во кој никој од никого ништо не очекуваше. Беше миг на СЕГА.
Беше миг на ТУКА.
Беше миг на СРЕЌА.
Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Колку е потребно за среќа?
колку треба за да ти игра срцето
и очите со смеа да ти се наполнат
да ти биди убо во градите
лесно и спокојно ко облак во нив да имаш
ама не
од алчност
од “дај, многу дај”
од тоа душите ни патат
од стрвност за најаска до блуење
за напивање до опивање
за љубов до нељубов
од тоа си патиме
од она шо велеше баба ми
“дури и животното знај кога му е доста
само ние луѓето умираме од премногу”
а мене со годините телово веќе ништо отпоќе не ми прима
ниту храна
ниту вода
ниту среќа
само со тагата беља си имам
ете, кантаров таму нешто грешно ми мери
па си се тешам дека никој совршен не е
и некако врвам, вака или онака
скоро 51-но лето сум свикнала
а и од својата кожа нема бегање
колку
колку е тамам за чоек мирен да е
да му стивне во умот и срцето
без тежини и вулгарна еуфорија
мирно да си тера
ама за така скроен треба да си
оти не се учи тоа, никаде го нема
ниту во училишни клупи
ниту пак прирачник има
“спокој во 100 чекори”
та да си читаш навечер кога тивко е
и со книжулето под перница да спиеш
а сабајлината раат да станиш
и да не ти ѕенѕа во утробата
ех
колку ли е доволно за среќа?
за да немаш свенати усни
ниту темни кругови под очите
колку е потребно за да му се насмееш на денот
и во себе да се помолиш
да кажиш фала што жива сум
за детето да си го гушниш и мирисот детски да го вдишеш
та од младоста срцето да ти се подмлади
и навечер пред да си легниш
да се збогуваш со денот
со надеж дека следното утро ќе се разбудиш
а потем дека си научил нешто
дека среќата е во мигот
во пиењето кафе на студот
и мирисот на дождот
во ветрот кој под капутот ти се пика
и смеата со твоите луѓе
во неговиот поглед
и здивот во твојот врат
во моментот кога влегува во тебе
а ти под кожа му се пикаш
кога ќе нашкрабаш песна
и кога некој дур ја чита си вели
“како јас да ја пишав!”
колку треба за среќа
и мудрост за од малку-многу да сториш
еве учам
уште учам
и барам
внатре во себе барам
кантарот го местам
редам и прередувам
за да најдам колку ми е потребно
за среќна да бидам