Не го врти и другиот образ
Оние кои ме познаваат, знаат дека сум мирен човек. Или да ви појаснам, кога другарка ми Тања беше дојдена од Франција и престојуваше кај мене, една вечер двете ловевме богомолка цел саат, за да ја пуштиме надвор. Од оние луѓе сум, кои стрпливо ќе седат со отворен џам, за да излезе мувата или осата од дома. Насилството никогаш не сум го сфаќала ниту пак сум се трудела да најдам оправдување. И кога велам насилство, мислам и на она менталното и на физичкото, или на комбинацијата на двете. Не ја разбирам желбата, потребата, поривот за да се повреди намерно друго битие, да се нанесе лузна која исто боли и преку кажан збор и преку физички напад. Искажувањето и покажувањето надмоќ и сила врз послабите е секако тема и прашање на која најдобро можат да одговорат психијатри и психолози. Како дете памтам дека бев сведок кога од највисокиот спрат на зградата беше фрлено мало маче, од кое буквално остана само флека на плочникот. Паметам колку тоа ме вознемири, па неспани ноќи, трауми. Мојот детски ум (а бога ми и овој сега што го имам) не прифаќаше дека ете, едноставно има луѓе кои сакаат да прават лоши работи со кои ќе ги загрозат другите, дал луѓе или животинчиња, сеедно.
Не можам и не сакам да го сфатам мигот на сатисфакција кога се крева рака на некој послаб од себе или некој кој што не може или не знае да се одбрани. Затоа, коса на глава ми се крева кога ќе видам родител кога тепа дете, а еднаш и јас ќе изедев ќотек кога бурно изреагирав на плач од ќерка ми, додека еден пред мене в кола мафтајќи наназад си ги тепаше децата. Велат дека децата се сунѓер. И тоа е точно, оти впиваат се’ што се случува во нивната околина, а најмногу дома. Не џабе се рекло дека ако сакаш да знаеш какво е едно семејство, само набљудувај ги децата, тие се вистинскиот показател. И нема никаква врска дали детето расте со еден или двајца родители, дали е семејството со поголеми или помали примања, туку дали во тоа семејство постои хармонија и меѓусебна почит. Не очекувајте дека онаму каде што при секоја расправија се користат погрдни изрази и ќотек наместо аргументи, ќе има потомство кое нема да го следи истиот пример. Можеби не толку драстично, но сепак тој модел на воспитување ќе остане засекогаш вкоренет во психата на детето.
Она што посебно почна низ годиниве да ме вознемирува, а е поврзано со развој на технологијата, е потребата која ја имаат насилниците да ја снимаат жртвата и дополнително да се изживуваат со неа. Ова снимањето стана еден вид забава, која во суштина е една голема перверзија. Се снимаат разговори, се прават скриншотови, се снима сексуален чин. И сето тоа во служба да се истрауматизира жртвата, да се уценува, заплашува или и понатаму искористува. Перверзијата оди дотаму што и медиумите не се либат да го пласираат тоа во јавност, а јавноста да споделува. И никој, колку и да осудувате, плукате, морализирате, не се става во улогата на жртвата која е натопорена на сите медиуми, вашите ѕидови, со лик, па некогаш и со име и презиме. Наместо да се води сметка за тоа дека сепак сме народ со полно предрасуди и дека уште повеќе со споделувањето ја креваме тензијата, нам како да ни е поважно во тој миг на сите околу да им покажеме дека го осудуваме чинот. Да покажеме...или да се покажеме. Мислете малку пошироко. Мислете на тоа дека лицата на жртвите треба да се сокријат. Мислете на тоа дека уште сме на степен на развој во кој владее правилото “што ќе речат комшиите”, ”еј, абе како не ја знаеш”, ”дали чу дека ќерка му на....”.
Да, го видов видеото кое кружеше наоколу деновиве. Како мајка на женско дете (а верувам дека секој родител размислува истото, без оглед дали има син или ќерка дома), буквално ми зовре мозокот. Како жртва на прикриено насилство за кое еднаш пишував во рамките на #сегакажувам, ме обзема невиден гнев. За оние кои не знаат или не прочитале, сум била во ситуација каде што сум била демнета од некој кој и после 20 и кусур години ме потсети дека е тука. И не, не го знам. Може да е било кој. Во времето на фиксните телефони, ловецот не помогна. Полицијата исто така. Вознемирувањата беа дотаму што имавме повици и на сред ноќ, со детално раскажување кај сум била, со кого сум била, како сум била облечена. Пред некоја година, од лажен профил бев потсетена дека сум уште “под присмотра”. Моќта на менталното насилство и наметнатиот страв за да се вртите зад себе секогаш кога влегувате во влез е огромна. Моќта на физичкото насилство за да оставите некому траума за цел живот е огромна. Јас бев преплашена тогаш, а и сега не ми е сеедно. Но, ако нешто знам со сигурност, тоа е дека нема да седам со скрстени раце.
Нема вртење на другиот образ. Нема срам од тоа што сте биле жртви. Нема страв. Има да им помогнете на жртвите со тоа што ќе ја сочувате нивната приватност, а веќе кога ќе ги знаете кои се, да немате предрасуди. Никој од нас не бира да биде жртва на нешто или некому. Не џабе велам дека секој што има женско дете, ако ништо друго треба да го научи на основите на самоодбрана. Вртење на другиот образ доаѓа предвид ако е нешто што не ме загрозува физички или ментално. Ме заболе глуждот на левава нога ако некој дрдори за мене. Не се потресувам дали некому му се допаѓам или не и дали тоа јавно ќе го каже. На таквите никогаш не сум им реплицирала, ниту сум чувствувала потреба да се објаснам себе или моите постапки. Но, првиот момент кога ќе дојдам во животнозагрозувачка позиција, не важи ништо погоре. Како жена, како пол кој што е физички послаб во однос на машкиот, свесно одбивам да сум жртва.
Имајте на ум дека жртвите не треба да бидат жртви по втор пат. Заштитете ги, водете сметка дека тоа можело да е вашето дете, внуче, детето на вашата најблиска особа. И не продавајте лажни вредности и морал. Тоа дете не смее да е обележано за сиот живот.
И најсериозно да почнеме да водиме сметка за воспитувањето на нашите деца. Под итно! И тоа само за да не бидат од било која страна на оваа неубава приказна. Да ги подучиме на вредностите кои станаа потценети и исмејувани, оти се демоде. Не знам за вас, ама за мене домашното воспитување и израснувањето на децата во добри луѓе нема никогаш да излезе од мода. Да сте ми живи и здрави и да се грижиме за децата...и за нашите и за туѓите...оти и тие се наши.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
За дете не
поминува
и боли
а не знаеш зошто
ама боли од мигот на зачнување
дур во себе го носиш
со рацете на стомакот
како да го штитиш
да го покриваш во себе
и ќе го износиш
цел универзум од себе ќе извадиш
кој тежи едвај неколку килограми
и потем цел живот така
ќе плачеш со него
дур сестрата вакцини става
та ќе ти иди да ја плеснеш по рака
и да ја отераш во мајчината сосе шприцот
ќе лелекаш на првото запче
одраното коленце со бакнежи ќе го покриваш
и дур спие ќе проверуваш дал дише
на секоја температура ноќи ќе бдееш
и душата ќе те боли
а ко ќе порасне
не дека нешто ќе се смени
ете
ќе сакаш од луѓето да го штитиш
а знаеш дека не можеш
дека по својот пат ќе врви
ама ќе те боли
секоја солза
и секој трепет
како твој да е
та ќе проколнуваш
оти не можеш да го покриеш
со раце да го заштитиш
како во стомакот дур ти спиело
таа болка
таа никогаш не минува
само други облици добива
чекање на прозорец дур се врати од некаде
тахикардија дур се јави
повторно од некаде
не поминува
никогаш не минува
и не слабее стравот
а како врват годините
стануваш ко баба ти
па се молиш
иако во Господ не веруваш
и си велиш
“само со ред да е, со ред да биди”
оти за дете
за дете не поминува