Не ме прашувај за пубертетот на ќерките, лудница е: Жера и „Црвена јабука“ одржаа фантастичен концерт во Скопје

Добивај вести на Viber

Долго време му требаше на Дражен Жериќ- Жера фронтменот на групата „Црвена јабука“ да си замине од сцената во скопскиот „Интермецо мјузик бар“. Сите сакаа да се сликаат со него по настапот сношти во Скопје, а Жера како и секој сараевчанец, човек од „рајата“, со сите најде по некој збор муабет.

По повод 35 години од една од најзначајните групи во поранешна Југославија, „Црвена јабука“, сношти беше во Скопје. Добија полн клуб, хорско пеење на сите хитови од старите фанови, а заслужуваат и полна сала за поголем концерт, што веќе се има случено претходно во Македонија. Жера, тинејџерскиот идол за оние родени во шесетите, седумдесетите и осумдесетите, сега има неполни 58 години. Упорно го негува стариот имиџ, бушавата фризура и старките- овој пат беа бели. Има млада жена, Барбара која е 24 години помлада од него, и близначките Петра и Мареа кои имаат 13 години.

- Ќерките се во пубертет. Не ме прашувај за тоа, лудница е“, изјави тој за Женски магазин накусо, по концерот. „Токму во време на пандемијата, решив да почнам да се занимавам со уште еден бизнис, отворив свој бар кој се вика „Жера бар“ во Загреб. Одлично оди. Повелете, дојдете“, ни рече Жера кој во хрватскиот главен град живее долги години, уште од времето кога заврши војната во Босна и Херцеговина. Најтешките мигови, тој ги помина во своето Сараево, дружејќи се со Кемал Монтено и со Даворин Поповиќ од „Индекси“, по подрумите, кои во лошите денови за сараевчаните беа какако кафеани и им ги одржуваа духот и вербата во подобро.

Жера, кој сега има сосема нова постава на „Јабука“, одлично ги пее старите песни, поинаку, позрело, но истите емоции и носталгија во гласот. „Nekako s proljeća“ за Кемо,„Bacila je sve niz rijeku“ за Даворин, „Tuga ti i ja“ за сите нас, „Zobvi nas ulice“ да нè потсети на едни побезгрижни времиња, „Ima nešto od srca do srca“, за да ја пренесе пораката што Жера постојано ја повторува: љубете се, сакајте се!

Најверните фанови побараа бис за крај. Бендот како едвај да чекаше. Ќе пееја и уште, без проблем, да не беше ограничено времето. „Нема више времена“, вели една нивна песна, а ова концертно дружење докажа дека времето за некои убави нешта како да стои. Песните се тие, енергијата е таа, а „Црвена јабука“ е секогаш таму каде што почнува љубовта. (Tamo gdje ljubav počinje).

Милица Џаровска