Не постои работно време кога работите за да сте успешни: Интервју Светлана Пљакоска - извршен директор на Олимпиа Моторс
Како извршен директор на чело на семејната компанија Олимпиа Моторс застанала кога имала само 24 години.
И требало време за да знае што сака да направи и создаде, а токму тоа време инвестирано во компанијата се исплатило. Денес Олимппиа Моторс е успешна бизнис приказна која трае 33 години.
Светлана Пљакоска е дамата, директор и менаџер на Олимпиа моторс и Олимпија моторс аутлет со која разговараме во ова интервју.
Покрај грижата за клиентите и вработените оваа компанија се грижи да биде опшествено одговорна и тоа го покажува постојано.
За почетоците, подемите, рецептот за успех, новитетите во секторот, мотивацијата во животот на Светлана Пљакоска, читате во редовите подолу.
Јас ја живеам и живеам со работата секој ден. Не постои работно време кога работите за да сте успешни....тоа е животен стил кој или го сакате или е премногу за некој. Образованието е важно, но пресудно е да се има континуитет во новитетите и истите да се следат, како и континуираната работа на себе, на личен развој но и развој на најблиските соработници со кои ги градите успесите-вели Светлана.
Важно е човек да знае што сака и да најде начин за самиот да се инспирира.
*Раскажете ни за вашите почетоци со Олимпиа Моторс – како почна
приказната, колку години сте на чело на компанијата?
-Она што денес го работиме е резултат на семејниот бизнис кој отпочна уште пред 33 години. Моите родители од секогаш се занимаваа со автомобилизам и беше природно да се продолжи по истите чекори. Почетоците се во Охрид каде отпочнавме со работа како еден од првите дистрибутери за возила, прво со брендот Nissan, а потоа со Opel и Chevrolet. Во 2004 год го проширивме нашето работење во Скопје со сегашната Олимпиа Моторс која годинава прави 18 години.
Секако низ годините самиот бизнис помина низ различни фази на транзиција, за среќа до ден денес сите успешни.
Денес Олимпиа Моторс е овластен сервисен центар за Opel и Chevrolet, како и мултибренд сервис за лимаро-фарбарски услуги. Во 2017 групацијата на Олимпиа Моторс ја прошири својата делатност со уште една компанија Олимпиа Моторс Аутлет, која е лидер на пазарот на премиум користени возила во Македонија, но и лидер во продажба на користени електрични возила. Дејноста оваа година ја надополнивме со продажба на полначи за струја на електричните возила за кои станавме дилери на Wallbox и Keba.
*Што е новитет во вашата компанија, на што актуелно работите, кои се новостите во секторот ?
-Следејќи ги светските трендови во автомобилската индустрија, земајќи ги предвид предизвиците поврзани со фосилните горива и последиците кои тие ги носат врз планетата земја, се приклучивме на глобалната заедница која има за цел да создаде свет напојуван од обновлива енергија. Како резултат на одлични реакции од клиентите – правни и физички лица, сигурни сме дека ќе се развиваме во оваа насока но воедно и свесни сме за потребата од вложување и во инфраструктура за полнење на електричните возила која недостасува во нашата земја.
Нашето мото е да направиме свет поубав за живеење, преку паметно користење на ресурсите и преку наша севкупна општествена одговорност. Во таа насока оваа година ја реализиравме инвестицијата на вградување на фотоволтаична централа поставена на двата објекти со кои располагаме.
*Инвестираат ли паметно македонските граѓани кога станува збор за возила - кое е вашето мислење согласно вашите искуства ?
-Многу различности и различни преференции имаат Македонските купувачи. Најголем дел од населението се одлучуваат за користени возила со повеќе години старост, согласно што и куповната моќ истото го диктира.
Секако дека дел се одлучуваат и за понови премиум модели, на кои сме ние генерално фокусирани.
Морам да признам дека тешко прифаќаме промени, особено ако истите се непознати. Па во тој контекст даваме вистински напори да ја направиме разликата на пазарот и да ги увериме купувачите во предностите на користење на електричните возила.
Не оди лесно, но истото е голем предизвик и ни прави големо задоволство.
*Како се снајдовте во пандемиската криза, остави ли белег врз вашата компанија ковид-19, како успеавте да го сочувате здравјето на вработените?
-Како што и претходно кажав, компанијата помина низ различни транзиции и поради производите кои ги продаваме, меѓутоа и поради светските случувања. Според мене брзо прилагодување и прифаќање на состојбите се нешто кое мора да го направиме за да успешно продолжиме со работа.
Стравот од пандемијата секако дека беше голем, особено бидејќи не знаевме како да се однесуваме. Имавме среќа што заедно со колегите поминавме лесно, а со тоа го одржавме и континуитетот во работењето.
Морам да потенцирам дека целиот тим беше свесен за целата ситуација и вистински се дадоа напори во работењето за годината сепак да бележи финансиски успех.
*Кои се вашите планови за тековната година?
-Годинава е уште еден предизвик со кој се соочуваме, но од друга страна покачувањето на цените на горивото се во наша полза, бидеќи возењето на струја е поисплатливо од кога и да е. Денес за 1л гориво кое чини нешто повеќе од 100ден, вие возите 100км со електрично возило. Оваа година ќе се фокусираме на едукација на нашите клиенти, особено компании кои користат возила за своето работење и секако и на продажба на истите.
*Вие сте и мајка. Како успевате да ја комбинирате кариерата и домашните обврски?
-Единствено времето е најограничен ресурс со кој располагаме. Јас имам среќа што работата ми дозволува сама да го организирам времето и истото добро да го избалансирам.
*Тежок ли беше вашиот пат до успехот, што сметате дека е клучно во Вашиот живот за жената која сте денес?
-Доколку го работите она што го сакате, тогаш секоја тешкотија или проблем е предизвик, за кој барате решение како да го надминете. Ако не успеете да го решите проблемот, тогаш на тоа гледам како на научени лекции.
Секако дека има и многу предизвици, но и многу научени лекции.
Упорноста и вредната работата се по мене, успехот на секој човек!
*Кога бевте најгорди во кариерата?
-Секоја фаза низ која сум поминала е своја за себе. Секоја година кога правам ретроспектива за работењето има нешто посебно за истата. Она што денес го работиме во делот на електрични возила нè прави горди, бидејки сме едни од ретките кои ја препознаваат потребата од електрични возила и се фокусираме во правење промени на начинот како треба да се размислува со цел да креираме подобро место за живеење.
*Чиј и кој совет и денес го памтите и со задоволство му се враќате?
Совети има многу, но како мој личен совет и филозофија на живеење кој ме освестува секој ден е:
“Животот е премногу краток, за да не го правите тоа што го сакате и уживате во истото секој ден”.
*Кога би можеле да го вратите времето на почетокот на кариерата, што би промениле?
-Јас почнав да работам како извршен директор на компанијата на само 24 години. Ми требаше време пред се за себе да знам што сакам да направам и да научам истото како се прави. Растевме заедно со компанијата од прв ден и времето инвестирано тогаш со сигурност се исплатеше. Веројатно не би променила ништо во патот кој го минав...можеби само повеќе патувања низ светов (се смее) .
*Што ве мотивира во животот, што ве турка напред кога ќе почувствувате пад?
-Секој ден е инспирација за мене. Ме мотивира тимот кога ќе сподели некоја идеја за подобрување, клиентите кога ќе ни дадат позитивен но и негативен feedback. Најмногу ме мотивираат луѓе што сакаат да развијат нова бизнис идеја, независно дали заедничка или не. Тогаш вистински се вклучувам комплетно и давам максимален напор за да стигнеме од идеја до позитивна реализација.
*Што би им советувале на младите кои се на почеток на кариерата?
Успешноста бара пожртвуваност. Јас ја живеам и живеам со работата секој ден. Не постои работно време кога работите за да сте успешни....тоа е животен стил кој или го сакате или е премногу за некој. Образованието е важно, но пресудно е да се има континуитет во новитетите и истите да се следат, како и континуираната работа на себе, на личен развој но и развој на најблиските соработници со кои ги градите успесите.
Важно е човек да знае што сака и да најде начин за самиот да се инспирира.
Ирена Ставрова