Не сакам љубов како Ромео и Јулија

Добивај вести на Viber

Деновиве многу размислувам за љубовта, за начинот на кој сакаме или не’ сакаат. И ден денес како оној највпечатлив синоним за љубов се спомнуваа онаа на Ромео и Јулија. И кога сме млади, полни идеали и сила, таквата љубов е токму онаа вистинската. Пред извесно време видов на инста една интересна сликичка на која тој и’ се обраќа на жената која ја заведува и и’ вели “Сакам да се сакаме како Ромео и Јулија”, а таа нацртана онака ладна му вели “А ти си ја читал книгата? Знаеш како завршува?”. Ете така некако. Ми одмина времето, а богами и ми изумреа идеалите за љубов како во филм или книга. И не, не сакам љубов која својата сила и големина ќе ја покаже преку таква жртва.

Сакам саглам љубов, во која ќе нема жртви и ќе има само чисти чувства и борба да се одржи истата. Сакам љубов во која никој нема да страда и да има тежина. Дали е возможна? Ич не знам, ама знам дека таква сакам. Иако мислам дека е сосем возможна доколку и двајцата расчистиле со оние патетично сентиментални размисли дека љубовта мора да боли. Ма јок! Од болка на овие години признавам само болење коски, глава и евентуално стомак пред добивање. Другото веќе ми станува преценето, а и чиста будалаштина. Деновиве баш на оваа тема правев муабет со една драга личност која е помлада од мене. И она што ме изненади беше дека и младите дури го напуштаат поимањето на љубовта на начин на кој мојата генерација го поимаше.

Не, не треба да боли. Треба да дава сила и храброст да се поместуваат граници.

Не, не треба да ве остава без сон. Вистинската љубов полни со енергија.

Не, не треба да биде со сомнежи. Сомнежите се отров кој ретко која љубов го преживува.

Не, не треба да биде полна стресови. Напротив, треба да сте опуштени и свои.

И на крај, ич не треба да е со жртви, оти тогаш не е љубов туку е само средство за да кажете или да ви кажат “гледаш што направив за тебе?”.

Вистинската љубов треба да е синоним за слобода. Да може да го извади најдоброто од нас. Луѓе, треба да блескате, а не да бидете со темни кругови под очите и да патите.

Се’ што е поврзано со патење, сомнеж, недоверба, страв, не е љубов. Мене ми требаа многу години за да го научам ова и уште толку да почнам да го практикувам. Границите не ги поставував јас, туку оставав простор. Секако дека ја направив најголемата грешка што можев да ја направам. Граници се ставаат веднаш. Не грубо, туку со образложување зошто нешто не сакам и/или не можам. А она од што доброволно се откажувам во име на љубовта останува моја одлука со која знам да се носам. Не за да обвинам или да се величам себе дека еве јас знам да сакам штом се откажувам од нешто свое. Не, тоа е само мојот начин кој може ама и не мора да е начин на оној карши мене. На крајот, секој љуби согласно своите можности и сила. Тоа е како да мериме праг на болка или кој колку може нешто да поднесе. Има луѓе кои имаат праг на болка 1 од 10, а има и такви кои можат да одат и над 10. Важно е да се даде максимумот од себе и да не очекуваме дека начинот мора да е ист како нашиот.

Е, сега. Има само еден мал проблем во сето ова што нели, вака напишано е малтене идеално. А тоа е следново. Сакаме дразби и тоа големи. Што е можно поекстремни, без многу да мислиме дали можеме да ги поднесеме психички. Дразбите се како дрога. Даваат нова димензија, не’ прават да се чувствуваме полетни, живи. Тогаш е се’ поинаку. Боите се појасни и поинтензивни, мирисите се посилни, вкусовите поинакви. Дразбите се тие кои ни даваат чувство дека навистина живееме. Мора да е интензивно, со многу страст, губење глава. И да, љубовта е без усул, ама па каде е балансот?!

И колку што е човек наклонет повеќе кон уметноста, толку повеќе му требаат дразби. Точно, се пишува поубаво, се црта/слика поинаку, се создава музика која е невообичаена. И тоа така, со тој жар, страст, интензитет трае извесно време.

Е сега...колку сме ние умешни и свесни да го одржиме нивото на дразба доволно горе за да создаваме, а доволно зауздано за да не не’ изеде живи. Слаткиот вкус на љубовта која не’ вади од сопствените стеги е афродизијак. Ама па, нели не’ учеа дека less is more? И сега? Каде со сето ова. Како да се најде и пронајде, а и да се внимава на онаа тенка линија меѓу еуфорија и паѓање во бездна. Оти налет љубов со поболување. Ич не ја бива, знам. Сум била таму и не сакам повеќе назад.

Мудроста не знам дали доаѓа со годините или со искуството. Не знам дали е во моќта на разумот или искуствата. Еве, тоа ич не знам. Само знам дека сакам да пробам поинаку. Сакам човекот до мене да може да извади песна, ама откако ќе ја напишам да не сум со чувство на болка, туку олеснување и да можам да го терам денот. Сакам да сум некому движечка сила која ќе го извади креативното и убавото, без да има напор. На претходната колумна која беше за тоа како љубат вистинските мажи, имав критика од мажите кои мислам дека не ја ни прочитаа колумната, туку впечатокот го стекнаа од воведниот дел кој го ставив на фб.

Епа, еве...вистинските мажи и жени љубат без да ви го загорчат животот, без да ве остават со чувство дека некаде сте згрешиле, но без објаснување. Вистинските мажи и жени не љубат за да ви ја префрлат љубовта како товар, туку за да ви го светнат животот. Вистинските луѓе во вашиот живот носат светлина и топлина. Носат сила за да блеснете во полн сјај. Жената да биде поубава, мажот да е помажествен. Вистинските луѓе кои се во вашиот живот и ви се пријатели, ве прават да бидете самоуверени и да знаете дека се тука, секогаш и без исклучок. Тие не се тука кога е се’ прекрасно и без проблем. Но, никогаш своето присуство не го користат за да ви наметнат дека нешто им должите. Тие ве сакаат, такви какви што сте, ќе ве испердашат кога е потребно и молкум само ќе се тука кога ќе сакате да се исплачете.

Не барајте љубов како онаа на Ромео и Јулија. Барајте мир во љубовта која нема да ја оставите без страст и барајте страст која не значи дека нужно е да го нема мирот. Најдете го балансот во себе за да си го олесните животот и да уживате во она што е движечка сила...љубовта, онаа кон себе и луѓето околу вас. Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

А на младост да ме прашаше некој
Каква љубов ќе сакав да живеам
Ќе треснев без мислење
Ама без ич умот да ми проработи
Оти сакам пеперутки во стомакот
Сакам срцето да ми прерипува
Да не можам еден залак да каснам
Без да ми се заглави касајот в грло
Од помислата за него шо в гради ќе ми стои
А и вода ко ќе пијам
Да се засркнам од срцево по него шо ќе тропа
На младост да ме прашаше некој
Шо е љубов и каква сакам да ја живеам
Ко прле пред магаре ќе се излетав оти мора да боли
Ѓоамити ако не боли-не е љубов
Демек болката мерило и дразба за убост е
Та ќе везев зборој оти нема сон ко љубиш
Та месечариш ко улав по цели ноќи
И колку ти се кругојте под очи поголеми и поцрни
Толку појќе го сакаш и не можиш без него
Да ме прашаа на младост љубов шо е
Со сиот ум ќе речев оти ко вљубен си
Мир во срцето немаш
Оти сето време на светов го арчиш во мислите за саканиот
Ех, пусти години
Млада ко бев
Толку млада шо баба ми и дедо ми уште живи беа
Та како сега да е, пред очи ми се
Љубовта нивна досадна ми беше
Таа го вардеше ко мало дете
Де намести му ја вратоврската
Де челите светни му ги
Та ќе го чистеше во костумот од невидливи прашинки
И косата ќе му ја подместуваше
Ко за на бендис да ќе оди
Смирено и без нервоза
Без возбуда
Туку со спокој кој мене здодевен ми беше
А тој пак
Тој па од дворот трендафил ќе набереше
И горе пред врата ќе и’ го остаеше
И двесте пати ручекот ќе го пофалеше
Ко компир манџа првпат во живот да имаше пробано
И ко ќе одеше баба ми кај Сајмето за фризура
Знаеше кога пред порти да се курдиса
Со цигарата в рака и да ја чека
Глумејќи оти ете баш тогаш му се присакало да слези до долу
Млада ко бев
Толку млада шо љубов да ми сервираа пред нос, не ќе ја познаев
Мајтап си играв со нив
Со оние за чија љубов денес велам
Оти имаше корења до центарот на земјата
И не разбирав ко дедо ми на баба ми ќе и’ речеше
“Абе Марика
Ниту ти си за да заминиш без мене
Ниту пак јас за да останам без тебе”
И така беше
Таа не замина
Ниту тој без неа остана
Туку нему ракот градите му ги изеде
А таа остана однадвор уба, а внатре тагата да ја јади
До дента ко пишано и’ беше
И тогаш младоста ми умре
Ми умре идејата за љубовта шо ја имав
И ниту појќе болка во неа барав
Ниту пак сакав пеперутки кои в стомак вијат
Од тогаш во љубовта спокојот го барам
И чоек кој без мене нема да замини
Ниту пак јас без него ќе останам
Чоек без кој јас нема каде да имам да одам
А ниту нему без мене ќе му се останва
Ко нив
Kо нивната реч
Ко нивната љубов