Не сум бил дома од лани: Пејачот Белов во изолација во Србија

Пејачот Александар Белов, кој со својата сопруга Јелена живее во српскиот град Крагуевац, вели дека не е исплашен од кризата сo коронавирусот.

„Ги почитувам мерките за изолација и се надевам дека ова побрзо ќе помине“, ни изјави Белов, кој додава дека наоѓа занимација по дома без оглед што Србија воведе поригорозни мерки од Македонија. 

„Во ова вонредна состојба, која непланирано нѐ снајде, друга опција освен да седиме по дома немаме. Сите мораме да се чуваме за да ја победиме оваа борба со невидливиот непријател. Битно е да сме сите добро. Слободното време сега е во изобилие па го користам да слушам музика, да гледам филмови и да играм плестејшн и некако поминува времето. Гледаме и вести и прес-конференции“, вели пејаччот од Неготино, кој минатата година, по шест години врска, направи свадба со Јелена Станковиќ, економист по професија.

„Во Македонија не сум бил од минатата година, и искрено едвај чекам да ова помине за да се видам со најблиските и со нашите пријатели“, додава фаворитот од шоуто „Операција Триумф“ по кое се прослави.

„Јелена сѐ уште оди на работа, а кризава не ме плаши со оглед на тоа дека ги почитувам мерките“, ни раскажа Белов. Откако живее во Србија, тој интензивно настапува по тамошните локали со својот бенд.

Во септември лани, Белов и Јелена се свршија на Свети Наум пред свадбата во Србија.

„Решив да ја побарам Јелена токму на ова место, едно од моите и нејзините омилени. Многу се изненади, не очекуваше да биде токму на Свети Наум“, ни изјави Белов минатата година. Во претходно интервју, тој за Женски магазин ја раскажа љубовната приказна.

„Приватно се знаеме многу подолго како пријатели, но некако тој вистинскиот чекор јас го направив во периодот кога баш бев учесник во првата сезона од „Танц со ѕвездите“. Тогаш таа изненадно дојде да ми биде подршка на снимање. Таму се појавија тие први искри, неочекувано и спонтано започна од тогаш, а неколку месеци подоцна ја започнавме нашата приказна која трае до ден денес. А она што најмногу го сакам кај неа е еден подолг список на работи, но само ќе кажам дека Јелена ми е најголемата подршка и мотив, најдобар другар и пријател кој сум можел само да си го посакувам. Едноставно џабе не рекле дека Вага и Водолија е најдобрата комбинација“, изјави Белов за својата сопруга.

М.Џаровска