(ФОТО) Белов се сврши на Свети Наум, свадбата закажана во Крагуевац
Поп-пејачот Александар Белов денеска се сврши со својата долгогодишна девојка Јелена Станковиќ. Белов ја изненади Јелена, ја побара за жена на како што вели едно од неговите омилени места, манастирот Свети Наум во Охрид.
Пејачот последниве неколку години, со Јелена која по професија е економист, живее во нејзиниот роден град, Крагуевац во Србија. Свадбата на фаворитот на некогаш многу популарното музичко шоу „Операција триумф“ е закажана за крајот на месецот, во еден ресторан во Крагуевац.
„Решив да ја побарам Јелена токму на ова место, едно од моите и нејзините омилени. Многу се изненади, не очекуваше да биде токму на Свети Наум“, ни изјави Белов кој со идната сопруга е на одмор во Охрид.
„Сега не чекаат слатки обврски. Подготовки за свадбата на која многу ѝ се радуваме. Решивме да ја правиме во Србија, а ќе дојдат сите наши најблиски од Македонија“, додаде пејачот кој интензивно настапува низ повеќе српски градови.
Својата љубовна приказна со Јелена, Белов ја раскажа во претходно интервју за Женски магазин.
„Приватно се знаеме многу подолго како пријатели, но некако тој вистинскиот чекор јас го направив во периодот кога бев учесник во првата сезона од „Танц со ѕвездите“. Тогаш таа изненадно дојде да ми биде подршка на снимање. Таму се појавија тие први искри, неочекувано и спонтано сѐ започна од тогаш , а неколку месеци подоцна ја започнавме нашата приказна која трае до ден денес. Одамна на шега изјавив дека ќе се женам на 33 години, и како што тргнало не сум далеку да и тоа се случи тогаш, но сепак може да биде и порано. Живееме долг период заедно и бракот и свадбата е еден драг момент кој треба да се случи и ќе се случи“, ни изјави пејачот на почетокот од минатата година.
На 7 февруари во 2020 година, Александар ќе наполни 33 години.
М.Џаровска