,

НЕ за телефони во преден џеб, тесни фармерки, пиво, лута храна: За машкото здравје со Д-р. сци.мед. уролог Маја С. Главинов

Добивај вести на Viber

фотографии: приватна архива 

Во земјава има само четири жени уролози, од кои едната е во пензија, а само една од нив е доктор на медицински науки - д-р сци.мед. уролог Маја Софрониевска – Главинов. 

Таа е пред сè мајка на четири деца, од кои три машки и е професионалец што работата никогаш не ја дели на „машка“ и „женска“, ниту во однос на професијата ниту во било кој друг сегмент од животот, а сепак руши предсрасуди со својата професија во која е 23 години, како една од малкуте жени уролози.

Во ноември, месецот посветен на машкото здравје, на оваа тема разговараме токму со д-р Софрониевска – Главинов - уролог и општ хирург на Универзитетска хируршка клиника „Св.Наум Охридски“, Скопје.
Во последниве неколку години, благодарение на движењето „Мовембер“, на светско ниво почна да се зголемува свесноста за машкото здравје, но каква е ситуацијата кај нас, прават ли мажите редовни уролошки прегледи, како несвесно си наштетуваат на здравјето и кои симптоми најчесто ги занемаруваат, како се прави самопреглед и за ризикот од канцер на простата зборуваме со д-р сци.мед. уролог Маја.

 Кога е во прашање машкото здравје, на кои симптоми и појави најмногу треба да внимаваат мажите, а кои инаку, често ги занемаруваат?

- Со влегување во петтата декада од животот и кај мажите како и кај жените се случуваат промени во организмот, кои се должат на започнување на процесот на стареење. Тоа не значи дека тие се веќе стари, но процесот започнува - кај кого порано, кај кого подоцна. Со самото тоа се менуваат и навиките поврзани со здравјето, па така често ќе слушнеме дека сопругот, пријателот, колегата и сл. почнал почесто да станува преку ноќ со потреба за уринирање. Најчесто тоа мажите го поврзуваат со зголемен внес на течности, но кога ќе ги насочиме внимателно да анализираат и да водат дневник за внес на течности и измокрена количина урина, доаѓаме до заклучок дека причината е во нешто друго, а не во пиењето течности. Ноќното мокрење е најчесто првиот симптом на бенигно зголемување на простата.

На помладите мажи пак на возраст од 20 до 40 години им препорачувам самопреглед на тестисите, исто како што е самопрегледот на дојки кај жените. За секоја промена во големината и конзистенцијата на тестисите треба да се обратат кај уролог, независно дали имаат болка или не.

 Дали постои нешто од секојдневието што многу мажи го прават, а со што несвесно си наштетуваат на машкото здравје - потенција, плодност...?

- Како мајка на четири деца, од кои три се машки, но и како уролог, голем противник сум на носењето на мобилни телефони во предниот џеб од панталоните/фармерките, а тоа често го гледам. Не само заради зрачењето, но и заради промената на температурата во близина на скротумот (телефоните се загреваат при подолго ракување). Истото се случува и со носењето на многу тесна и неудобна облека. Зголемувањето на температурата во близина на тестисите влијае на плодноста, но и на други патолошки состојби на тестисите.

Исто така зголеменото конзумирање на ладни и газирани напитоци, недестилиран алкохол (пиво) и екстремно лута храна може да ги потенцираат симптомите на бенигно зголемување на простата, заради што треба да се избегнуваат или барем нивното козумирање да се сведе на минумум.

Цигарите секако доведуваат до констрикција (стеснување) на крвните садови, појава на артериоскероза, а првиот симптом на ова нарушување многу често е импотенцијата.

 Самопрегледот на половиот орган, тестисите и спермата се едни од основните работи кои машкиот пол треба да ги применува, па како и колку често треба да се прават тие самопрегледи, на што треба да обратат внимание, односно во кој случај да се јават кај лекар?

- Како што споменав и погоре, од големо значење е самопрегледот. Најчесто тој се врши при капење, затоа што тогаш некако природно и несакајќи правиме инспекција на целото тело. При секоја промена во големината на тестисите, појава на цврст оток, независно дали боли или не, треба да се консултира прво матичниот лекар, па потоа и уролог. Исто така и секоја појава на црвенило на половиот орган, присуство на необичен секрет со или без мирис, појава на крв во спермата и урината е знак дека треба час поскоро да се обратат на лекар.

Не значи дека секоја промена е „страшна“ и дека треба да помислуваат на најлошото, но секако треба да побараат лекарско мислење. Голем противник сум на „гуглањето“ поврзано со појавата на симптоми, затоа што многу често, ако не и секогаш, тоа ги води во погрешен правец. Затоа на пациентите секогаш им препорачувам за секоја промена поврзана со здравјето да зборуваат исклучиво со доктор, независно дали е тоа матичниот доктор или специјалист.

 Колку често треба мажите да посетуваат уролог?

- Прегледите кај уролог до 40-тата година од животот треба да се случат доколку има потреба. По влегувањето во петтата декада препорачливо е барем еднаш годишно да се направат основните инвестигации за следење на состојбата на простатата преку матичниот лекар и доколку има било какви отстапувања да се јават кај уролог. Ние, уролозите, проценуваме врз основа на констатираната состојба и поставената дијагноза дали има потреба пациентот да доаѓа почесто, или тоа ќе го прави еднаш годишно. Сепак останува можноста, пациентот кога ќе забележи било какво отстапување на „машкото здравје“, да се јави и на дополнителен преглед.

 Во последниве неколку години, благодарение на движењето Мовембер, некако како на светско ниво да се зголемува свесноста за машкото здравје, но каква е ситуацијата кај нас? Прават ли мажите редовни уролошки прегледи?

- Морам да кажам дека моите пациенти се исклучително редовни и посветени на своето здравје. Сметам дека „Мовембер“ полека но сигурно го постигнува посакуваниот ефект како во светски рамки, така и кај нас. Се разбира никогаш не е доста од зголемувањето на свесноста или барем одржувањето на истата. Ние како уролози постојано сме посветени на подигањето на свесноста за машкото здравје, не само во рамките на „Мовембер“ туку преку бројни стручни состаноци, вебинари и работилници со матичните лекари индиректно се трудиме дополнително да ја подигнеме свесноста на нивните и потенцијално наши пациенти.

 Рак на простата е во фокусот на оваа движење, бидејќи е втор најчест карцином кај машката популација, па кога станува збор за превенција, кога мажите треба да почнат со прегледи, колку често и какви, кои мажи се во ризични групи, кои се симптомите?

Сите мажи се изложени на ризик од карцином на простата. Најчест фактор на ризик е возраста. Колку е постар мажот, толку е поголема шансата да добие карцином на простата. Поголем ризик да заболат или да умрат од карцином на простата имаат Афроамериканците или оние мажи кои имаат семејна историја на крцином на простата.

Зголемен ризик за карцином на простата предизвикан од генетски фактори има доколку во семејството има повеќе од еден роднина од прв степен (татко, син или брат) кој имал карцином на простата, вклучително и роднини во три генерации од страната на родителите (татко и мајка) во семејството.

Симптомите на карциномот на простата се различни, а може и воопшто да ги нема. Често пати тие се слични со симптомите кои се јавуваат заради бенигно зголемување на простатата, со оглед на фактот дека едното заболување не го исклучува другото. Тука спаѓаат тешкотии со започнување на мокрење, слаб или испрекинат млаз на урина, често мокрење, особено ноќе, тешкотии со целосно празнење на мочниот меур, крв во урината или спермата, болна ејакулација, болки во карлицата кои не исчезнуваат и друго.

Дијагностиката освен основниот преглед опфаќа и тест на крвта наречен тест за специфичен антиген на простата (PSA). Ова е протеин кој се создава простатата. Нивоата на PSA во крвта може да бидат повисоки кај мажите кои имаат карцином на простата, но нивото на PSA може да биде покачено и во други состојби на простатата. Многу фактори, како што се возраста и расата, можат да влијаат на нивото на PSA. На нивоата на PSA, исто така, може да влијаат одредени медицински процедурли, лекови, зголемен волумен на простата, инфекција на простата и друго.

Заради сето погоре кажано, исклучително е важно мажите на време да се обратат кај матичен лекар, а потоа и кај уролог, бидејќи секое навремено откривање на болеста ја зголемува шансата и за излекување.

За крај, како што веќе споменавме, како една од ретките жени уролози кај нас, д-р Софрониевска – Главинов вели дека сé зависи од желбата и љубовта кон некоја работа, па одовде и самата професија не треба да се дели на „машка“ и „женска“.

- Лично сакам да сум позитивен пример за моите следбеници и да им покажам дека кога се има силна желба и посветеност за она што се работи, успехот доаѓа сам по себе. Веројатно овој став го чувствуваат и моите пациенти и искрено не сум се соочила со негодување или одбојност затоа што посетуваат жена уролог. Напротив, многумина доаѓаат со мисла дека жените се подетални во анализата и понежни во работата, но јас не мислам така. Сето тоа е многу индивидуално и кога докторот ќе се постави одговорно и професионално, не е важна половата припадност.

Постои само различен пристап кон нештата вклучително и здравјето, но тоа зависи од една индивидуа, а не од полот на кој му припаѓа. Во досегашната пракса од 23 години сум имала можност да видам илјадници различни перцепции на болка и болест и заклучокот е дека тоа е многу индивидуално. Не би рекла дека мажите се поранливи од жените, но природата нé создала така да во животот жената се соочува со состојби кои за неа се физиолошки (менарха, месечен циклус, бременост, породување, климактериум), а кои за мажите се непознати. Од тука произлегува различната перцепција и манифестација на болка и болест. Но ќе повторам - нема правило кога станува збор за ранливост на здравјето.


*Љ.И