Неле Карајлиќ со хитовите на „Забрањено пушење“ го отвара „Таксират“
Во четврток од 20 часот, во МКЦ концерт ќе одржи познатиот босански музичар, актер, писател и режисер др. Неле Карајлиќ. Концертот е по повод отварањето на фестивалот „Таксират“.
Настанот се одржува токму на некогашниот југословенски празник Денот на републиката- 29 ноември, поради песната која Неле ја испеа со „Забрањено пушење“, „Дан републике“. Оваа година, Д-р Неле се врати на сцена со спектакуларен концерт кој го одржа пред повеќе од 40.000 посетители во Белград, а во Скопје гостува по пауза од повеќе 20 години со своевидно „патување низ времето“ на кое го претставува „целокупниот Неле“ и оној од „Забрањено пушење“ и оној од бендот „No smoking orchestra“ и некои нови остварувања.
Билетите во претпродажба се достапни во мрежата на МК тикетс по цена од 500 денари, а на денот на концертот, на билетарницата во МКЦ, нивната цена ќе биде 700 денари.
Д-р Неле Карајлиќ, роден во Сараево во 1962 година како Ненад Јанковиќ, е мултимедијален уметник. Во раните 80-ти години ја оформува групата „Забрањено пушење“, која многу бргу станува југословенски феномен. Во исто време работи во Радио Сараево, подоцна и на Телевизија со сатирично-хумористичната емисија „Топ-листа Надреалиста“, која остава длабока трага на целокупниот југословенски медиумски простор.
На почетокот на војната во поранешна Југославија се сели во Белград каде што ја продолжува работата со групата „Забрањено пушење“ со која објавува уште еден албум „Ја нисам одавле“, од кој песната „Жени нам се Вукота“ во изборот на некои ТВ станици беше прогласена и за хит на 20-тиот век. За Радио Телевизија Србија во 1996-та година ја снима и хумористичната серија „Сложни браќа“.
Една година дена подоцна, д-р Неле Крајлиќ соработува со филмскиот режисер и поранешен басист на „Забрањено пушење“ – Емир Кустурица – на саундтракот за филмот „Црна мачка, бел мачор“ од кој произлегува идејата за оформување на групата „The No Smoking Orchestra“. Групата станува светски призната и настапува во сите поголеми градови во светот. Во 2013-та година работи на хумористично-сатиричната ТВ серија „Надреална телевизија“, а само година подоцна го објавува и својот прв роман „Фајронт во Сараево“, кој станува бестселер не само во Србија туку и во целиот регион. Во 2016-та година на 160-годишнината од раѓањето на Никола Тесла во Сава центар во Белград и Српскиот народен театар во Нови Сад, го поставува мултимедијалниот спектакл „FBI Досие Тесла“.
Актуелен е со новиот роман „Солунска 28“ кој излезе оваа година.