Нема да бидам ѓубре и ќе оставам половина од медот за пчелите: Интервју со Дритон Вејсели

Добивај вести на Viber

Популарниот актер Дритон Вејсели, кој во јавноста направи бум со улогата на Талат во серијата „Преспав“ деновиве е актуелен поради една сосема поинаква улога. Делегацијата на ЕУ го прогласи Дритон за европеец на годината. Шарматниот актер, миленик на сите генерации вели дека Европа за него е близок поим. За Женски магазин, тој раскажува како ќе ја оправда оваа улога, но и за тоа што очекува од ликот на Талат во четвртата сезона на „Преспав“, која ќе се снима на есен. 

* Делегацијата на ЕУ ве прогласи за Европеец на годината. Дали очекувавте дека токму вие ќе ја добиете оваа награда, со што мислите дека ја заслуживте? 

- Изненаден бев, особено затоа што и останатите номинирани личности оставија силен печат и позитивен општествен пример со своите дела и дејствувања во измината година. Им честитам и им благодарам што ја промовираат нашата земја во Европа и светот. 

Иако сум многу благодарен што Делегацијата на ЕУ, како и јавноста, ме препознаа како човек кој негува и промовира европски вредности, не би можел да не нагласам дека ова признание се однесува и на целиот колектив на серијата “Преспав“ што во изминатите три сезони, низ карактерите и ситуациите, на комичен начин, кршејќи табуа, допринесе во процесот на европеизација. 

Дритон со амбасадорот на ЕУ Самуел Жбогар 

* Што ќе направите за да ја оправдате оваа титула?

-“Нема да бидам ѓубре“ и “ќе го оставам половина од медот на пчелите“! 

* Во која смисла Дритон размислува европски?

- За мене Европа не е само географска целина, еден тон конвенции и законски регулативи, десетици институции со тешки имиња и заедничка валута! За мене, како млад човек и актер, Европа и европските вредности се блиски поими. Она што го имам на ум во насока на општествени вредности и промени е навистина долга тема, но она што во моментов би сакал да го истакнам, од позиција на Европпеец на годината, а го чувствувам како моја лична актерска мисија е надежта и желбата практично да ни се случи европеизација во културата. Тоа за мене значи можност еден ден, без формални и бирократски пречки, да ги користиме постоечките уметнички платформи со цел да се зајакне професионалната актерска размена, да се промовира отворено европската култура од која и самите сме дел, да се случуваат почесто ко-продукции, европска премиера на нова драма, актерски проекти за актуелни политички прашања, соработка помеѓу разни меѓународни фестивали, конференции за важни политички и уметнички теми, тркалезни маси со уметници, менаџери од култура и политичари со намера да привлече и вклучи пошироката публика; проекти со млади уметници и млада публика; литературни и академски публикации и нови работни стратегии.

Сцена од „Преспав“ 

* Очекувавте ли дека ликот на Талат од Преспав ќе направи еден таков бум кај домашната јавност, беше ли тешко да се создаде еден толку уникатен лик?

- Преку ликот Талат во серијата се внесува рамнотежа во етничките односи во општеството, а на тој начин се кршат стереотипите што ги имаме едни за други, особено оние популарните што владеат меѓу Македонците и Албанците. Мене ме радува што публиката воопшто и не ги става карактерите од Преспав во “етнички кутии“. Многумина забораваат дека во приказната Талат е македонски Албанец од Џепчиште, а и зошто би било тоа важно?! Го поврзуваат само со неговите автентични карактерни особини и го сакаат токму поради тоа што е. И не беше тешко да се создаде еден таков лик, затоа што тој е многу реален. Талат постои и е одлика на една генерација и една категорија. Али добар е, и не мисли лошо никому, хахаха. 

Дритон со колегите од „Преспав“: Јелена Јованова, Васил Зафирчев и Игор Ангелов

* Имате ли информации за сценариото на четвртата сезона, што според вас би требало да направи Талат, како да се развива понатаму неговиот лик?

- Четвртата сезона е во подготовка. Со продукцијата и со тимот сценаристи на „Преспав“ имавме многу неформални разговори во која насока ќе се развива ликот на Талат, но во оваа фаза не би можел да издвојам нешто. Од продукцијата добив информација дека сценаријата се речиси во финална фаза и на есен почнуваме со снимање. 

Искрено, верувам во нашите сценаристи и со нетрпение ја очекувам во раце првата скрипта со сценариото за првата епизода од четвртата сезона. 

Кои други актерски ангажмани ве очекуваат? 

- Токму вчера ја имавме премиерата на новата хит претстава во Театар Комедија “Жени пред нервен слом“ во која имам улога, а до крајот на годината следуваат уште неколку премиери во рамки на мојот матичен театар. Се разбира и четврта сезона “Препасв“ на есен! 

Милица Џаровска