НЕМА ДА СЕ ЖЕНАМ ДО КРАЈОТ НА ЖИВОТОТ: ВЛАДО ЈАНЕВСКИ ПРОЗБОРЕ

Добивај вести на Viber

Владо Јаневски го прекина медиумскиот молк, на денешната промоција на спотот за песната “Главен град на тагата“. „Можеби изминатиов период бевте лути на мене, си велевте: Што му е на овој намќор, но јас навистина немав што да кажам. Сега кога славам 25 години кариера, „Авалон“ продукција исто така слави 25 години, се подготвувам за два концерта, имам муабет со вас“, рече Владо на промоцијата. На Илинден, тој ќе одржи концерт во Охрид, во Античкиот театар, а на втори или на трети ноември ќе пее во Арената „Борис Трјаковски“. 

Расположен за разговор, тој самиот им се понуди на медиумите за изјави. Кантавторот на повеќе евергрини прозборе и за својот приватен живот. 

„ Ретко излегувам, повеќе сакам да седам дома. Ако порано ме гледавте по сите кафулиња и локали, сега веќе не е така. Се повлеков, убаво ми е и љубовниот живот сосема го запоставив. Немам девојка, не се вљубив, не се оженив и нема да се женам до крајот на животот. Јас не сум како Џорџ Клуни. Тој рече дека никогаш веќе нема да се жени, но не го одржа ветувањето. Јас ќе го одржам моето“, изјави Владо за Женски магазин.

„Авалон“ продукција најави концерт на Јаневски минатиот месец на стадионот на АРМ. но настанот се одложи поради лошото здравје на Владо.

„ Имав некоја посилна настинка, а и времето тогаш не беше како што треба. Не сакав да се доразболувам, а и времето можеше да не изневери. Затоа се одложи тој концерт. Сега сум здрав, добар и спремен за нов во Скопје, на втори или на трети ноември.“, ни изјави Владо. Тој додава дека е среќен и возбуден што во Охрид ќе пее токму во Античкиот театар.

„Не сум пеел таму уште од времето кога Вера ми беше менаџерка“, се присети Владо на неговата поранешна девојка и менаџерка која сега живее во Австралија. „На овој концерт ќе покажам што сум научил за овие 25 години работа“, ни рече Владо и најави нова песна пред скопскиот концерт.

Тој е автор на музиката и на текстот за песната „Главен град на тагата“, а аранжманот е на Роберт Билбилов. Во спотот, кој е во режија на Бане Поповиќ, а го изработи „Томато продукција“, главна женска улога има моделот Дунавска Трифуновска. „Таа е класа лик и му дава убавина на спотот“, изјави Владо. Тој додаде дека другите девојки во видеото се избрани според тоа што се обични, нормални, и токму поради тоа се убави. 

М. Џаровска