Во име на религијата и црквата, направени се најголемите
злодела во историјата на човештвото. Најинтересно е што секоја религија, ама
баш секоја пропагира љубов, а не омраза, мир наместо војни. И да, точно е тоа
дека религијата и сиромаштијата се главното оружје за народот да се држи мирен
и покорен, односно да се манипулира со него. Она што е најчудно од се’ е што оние кои се
црковни лица најмалку го живеат она што го зборуваат на своите верници, кои во
тешки времиња секогаш се вртат кон црквата. Така, наместо да имаме скромни
свештени лица кои ќе бидат пример за достоинствен живот и богобојазност, ние
имаме попови и оџи кои се прпелкаат во пари, живеат луксузно, имаат прекумерна
тежина, возат џипови и се се’, освен олицетворение на скромност.
И во принцип, секогаш сум за тоа човек да живее онака како што сака, без да дозволува да му се мешаат во живеачката, без да слуша туѓи совети, но сето тоа да е во согласност со она да не се прави зло на останатите. Впрочем, има одредени кодекси кои со себе ја носат тежината на одредена определба или професија. Тоа ми е исто како кога доктори кои пропагираат здрав живот, во кафеани се забораваат од пиење, јадење и труење со цигари. Не оди, нели?
Не ме распнувајте затоа што не сум верник. Никогаш не сум била и нема да бидам. Секогаш повеќе милувам да кажам дека мојата верба е во Универзумот и неговите правила, според кои мора да постои баланс. Лоша мисла и лошо дело, се враќаат со лошо. Ако човек е чесен и ако има љубов во себе, колку и да е обесправен, сепак на крајот добива повеќе од оние другите. Ако ништо друго, чистата душа е награда сама по себе. Не верувам во пекол и рај, оти сум видела дека и живеачкава тука може да е пекол за некого. Исто како што сум видела дека секој сам си го прави рајот додека е жив. Плашењето од Бог е само наметнат страв од нешто непознато кое во суштина казнува ако не сме пиони на оние кои имаат моќ тоа да го злоупотребат. И секогаш ме мачи она дека повеќе сакаме да се плашиме од она што е невидливо и надвор од нас, отколку од она што е во нас самите. Да, сум имала лоши мисли кога некој ќе ме изнервира или кога сум се чувствувала исфрустрирано од нешто. Во истиот миг ме фаќа страв дека станувам нешто што не го сакам. Стравот од себе е оној кој кај луѓето прави од корен да се менуваат. Сакам да сум пример за ќерка ми, впрочем секој родител тежнее кон тоа. Тој страв, да не утнам нешто во нејзиното воспитување е меродавен за да се трудам секогаш да бидам подобар човек, па и мајка. Ќерка ми не е крстена во црква и еднаш кога разговарале за тоа во училиште со другарчињата, ме праша зошто не е. Мојата задача и улога како родител не е и нема да биде да наметнувам работи во нејзиниот живот кои не ги разбира. Правото на избор е основно човеково право според мене. Така, единствениот одговор на нејзиното прашање беше дека кога ќе биде доволно возрасна за да ја разбере религијата, да се едуцира и да има свои сознанија, треба сама да си одлучи дали ќе се крсти во црква или не. Тоа ми е исто како и ставањето обетки на мали девојчиња. Чуму? А што ако не сака во животот да носи обетки? Имањето право на избор и доаѓање сами до одредени ставови и заклучоци е примарно за воспитувањето на децата, барем за мене и ќерка ми.
За жал, многумина мислат дека одењето в црква, палењето свеќи и коленичењето за да се помолат е доволно за да им се избришат гревовите. И она што ме запрепастува е кога гледам дека токму тие луѓе немаат проблем со совеста и со спиењето навечер. Како може оставањето пари на икони и свеќите да ги исчистат душите ако се валкаат секој ден? Како може совеста да се успие и да не го јаде човек со едно одење во црква или џамија? Дали религијата и вербата е сведена само на рутина со која некој си обезбедува место во рајот, наместо да го живее дур е на земјава! Не сум против религијата, имам пријатели кои се верници и кои живеат скромно и чесно. Имам пријатели кои се ко мене, кои исто така живеат онака како што тоа го вели Библијата. Но, од се’ што гледам околу, некако ми се чини оти најголеми верници се токму оние кои ги прават најголемите неправди. Па ќе ги видите истопорени во црква со божемна скромност и наведната глава, па тоа донации за градење цркви, па тешки постови, глума која е за Оскар.
Свртете се околу себе. Колкумина познавате кои со сласт и јавно го прекршиле она “додека смртта не не’ раздели”. И не, не се чувствуваат виновни заради тоа. Колкумина знаете кои се одродени едни од други, раскарани, кои рака не си подале едни на други никогаш во животот. Јас знам такви многу. Знам такви кои во овие исклучително тешки времиња, наместо да покажат емпатија и човечност, излегле ѕверови какви што нема во животинскиот свет. Ете, таквите ќе глумат богобојазност на сите верски празници, со наведната глава и свеќата в раце и тоа до излегување надвор. Не се гледа табиетот на било кој од нас кога е заплашуван со виши сили. Не се гледа кој каков е и што е во црква, туку во секојдневниот живот.
Не можам да слушам зборови од оние кои не одат по погреби или веселби затоа што семејството е сиромашно за да плати. Не верувам во оние кои не плаќаат данок на државата, а профитираат од народот. На овој народ не му треба да го плашите со Бог, оти доволно страв буди секој осамнат ден кај оние кои се прашуваат како ќе го истуркаат денот со приходите кои ги немаат. Овој народ се плаши оти се’ помалку го гледа крајот на сопствената агонија во која живее.
Љубовта кон ближниот свој не е нешто што треба да се глуми или да се кажува на глас, а во умот и душата да е поинаку. Љубовта кон ближниот за мене е љубов кон секое човечко битие, без да треба да памтам која заповед беше таа. Таквата љубов не се стекнува со страв или наметнување, туку започнува во домот и преку воспитување. Џабе е ако на децата не им всадите љубов, туку ги терате на сила да се плашат од Бог и пекол. Џабе е ако имате икони и дома, ако не ја живеете добрината. А таа не е нешто што може да се одглуми, барем не на долг рок. Кај секого од нас се гледа што човек е, кај некои веднаш, кај некои треба повеќе време. Ама носењето верски симболи, секако дека не ве дефинираат како луѓе. Секогаш сум се прашувала дали оние кои грешат, а носат ланчиња со крстови, ги вадат кога знаат дека ќе направат некое злодело.
Можеби и затоа се вели “со крстот на чело”, а не на врат! Живејте убаво, а кога велам убаво, мислам на достоинствена живеачка. Живејте така што кога ќе дојде време да си заминете, нема да имате валкана совест. Живејте за со гордост да ве паметат луѓето околу вас, децата и внуците. Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Нема поубава живеачка
Од онаа која носи лесна смрт
Оти велат дека како си живеел
Така и од овој свет ќе заминиш
Та некои со песна одат
Со светлина околу себе
Која насмев им мами
Оти знаат дека и по смртта
Живи во туѓи срца ќе се
А други пак
Има и такви кои со стисната душа одат
Кои долго од земјава се одлепуваат
Како удолу да ги влечи
Како за гуша фатени
Та ни ваму ни таму се
Ѓоа душата испоганета
Та тежи и не дава в небо да се вивнат
Погрда живеачка нема
Од онаа која го држи чоек
Да се радува на алтани
И на силата своја
За солзи да предизвика
На зборот сабја
Кој сечи полошо од сите сечила
Која полна завист е
И стиснати усни
Од кои убав збор не излегува
Та колку и да си видел лошо од таквите
Жал да те фати за нив
Оти тие ниту на животот се насмеале
Ниту на смртта заплакале
Тие како камен во срцата станале
Та не си ни да им се лутиш
Ниту сеир да им фаќаш
Туку само грев да ти е
Оти сиот живот попусто им заминал
Нема
Нема поубава живеачка
Во која љубов цутела
И од која љубов расцутила
Која ко плодна земја плодови дала
За убост на правнуци да остави
И од неа презимето со светлина да остани
Нема и нема да има
Поубава живеачка од онаа
Која скромен чоек ја има
Та од едно парче леб, три ќе стори
И три усти ќе нарани
Три души ќе наполни
Како што во молитвите е
Како за Отецот
Синот
И светиот дух
Како за амин во кое љубов се раѓа