Невидливите да станат видливи: Ако сретнете лице со сончогледов симбол, важно е ова да го знаете

Колкумина од вас го знаат значењето на лентата со сончогледи?
Сигурно многу малку.

Сончогледовата лента не е нов тренд, инициран од некој инфлуенсер. Тоа е симбол што се користи претежно на фреквентни места (железничка станица, аеродроми, супермаркети) за дискретно предупредување на вработените дека лицето има невидлива попреченост.

Идејата за сончогледи потекнува уште од 2016 година кога Лондонскиот Gatwick аеродром се запрашал како би ги препознале лицата со невидлива попреченост?!
Тогаш приватна компанија го креира брендот "Сончоглед" кој ќе помогне дискретно да бидат забележани лицата на кои им треба помош и повнимателен однос кон нив.
Го земале симболот „Цвет од сончоглед" бидејќи симболизира радост, позитива, сила, самодоверба, раскажува Јасна Милкиќ жената која се залага оваа иницијатива да се применува и во Македонија, инаку и креатор на Фејсбук групата „Хуманитарна помош-граѓанска иницијатива“.

-Иако не сум лично засегната сметав дека е еден хуман и убав подвиг во ова време на нервоза и нетрпеливост да се примени оваа иницијатива и кај нас - вели Јасна Милкиќ.

Иницијативата ја прифатиле многу светски земји а кај нас дојде преку споделен пост низ некоја Фејсбук група.
Кога дознала дека во светот постои вакво нешто, Јасна веднаш стапила во контакт со Отец Оливер и Маргарет Курт кои, како што вели Јасна секогаш се први за помош со Хуманитарната организација Св. Спас.

Така почнале соработка со девојка по име Дијана, која боледува од болест која не е видлива, затоа сака да помогне да се зголеми и подигне свеста на народот за лицата како неа.

Јасна вели дека веќе се понудиле неколку лица да направат сончогледови ленти, почнале да им пишуваат и различни здруженија и невладини организации за поддршка и соработка.

Оваа иницијатива е поддржана од повеќе организации и фирми низ светот, за жал кај нас се' уште не се практикува.

-Нашата цел е оваа идеја и иницијатива да биде одобрена од државата и да се практикува и во Македонија, потенцира Милкиќ.

Тривијални нешта, како чекање во ред, може да биде невозможно едно дете со аутизам да ги разбере.Ако видите дека некој носи видлива лента со сончоглед, значи дека таа личност или лицето кое го придружува може да има скриена попреченост, физичка или психичка, па доколку го знаете значењето, ќе ги пропуштите тие лица во редот пред Вас, можеби ќе им оставите малку повеќе простор, можеби ќе им пружите повеќе разбирање или можеби доколку сакате ќе ја споделите оваа информација со други лица. 

Ако на аеродром, железничка станица, во јавен превоз или на кое било друго место сретнете мајка како го носи овој симбол, и држи дете за рака, имајте трпение и дајте му предност, бидејќи тоа претставува дека лицето има потреба од дополнителна поддршка поради скриена попреченост или аутизам.

Луѓето кои ја застапуваат оваа иницијатива се борат што повеќе институции да ги поддржат, така што вработените ќе ги препознаваат овие лица по лентата и ќе добиваат предност без да мора некому да кажат зошто и да се ставаат во непријатни ситуации.

Покренувачите на оваа иницијатива во Македонија меѓу кои и Јасна, апелираат да се споделува Фејсбук групата „Сончогледи за невидлива попреченост“ со цел да се опфати пошироката јавност и да се пријават невладини организации, фирми спонзори, здруженија и лица кои ќе помогнат ова да профункционира и кај нас така што би донирале ленти со сончоглед или пак би помогнале во изработка на истите и да им се поделат на лица со невидлива попреченост.
Од таму исто така се вели дека ќе се испратат и барање до Владата, да се вклучи во оваа акција и овие лица да добијат предност во сите државни институции, бидејќи покрај подигнување на свеста, целта е ова и законски да биде регулирано 

Да ја подигнеме свеста кај сите и да ги почитуваме повеќе луѓето со невидлива попреченост - потенцираат во оваа група.

Што значи следниот пат кога во маркет, продавница, чекална, автобус, аеродром, железничка станица или на која било друга јавна површина, ќе сретнете лице што носи лента со сончогледи околу врат, треба да бидете трпеливи и да ја сфатите пораката без многу противење, зборување, превртување очи.

Периодот од 18.10 - 24.10.2020 година е неделата на невидливата попреченост. 

*Р.Ж.М