Ич не сакам незавршени работи, ми создаваат товар и ме мачат, ми роварат во умот и ме оставаат неспана. Ова не важи само за меѓучовечки односи, туку и во однос на работата. Рокови или како што е денес модерно да се каже “дедлајн”, ми се ноќен кошмар и дури не ги завршам, имам чувство дека не сум комплетна. Да, има тука дел и од некоја дијагноза за која не сум стручна да си ја дадам, ама тоа ќе го оставам на психоаналитичарите. Накратко, штом имам нешто незавршено, тогаш сум нервозна и ми стои во главава. Порано, додека бев многу помлада го немав овој проблем додека не ми случи една работа од која ми се смени перцепцијата за тоа дека “остави, времето ќе си каже” е лош избор и дека е многу попаметно да се стави точка на нештата, отколку да се остават стихијно да се случат. Одиме назад едно дваесет и кусур години кога бев безнадежно вљубена во едно момче за кое никогаш не мислев дека е возможно да ми биде нешто. Но, бидна нешто што се нарекува врска која траеше скоро година и половина. Да се разбереме дека врска на 20 и нешто ситно нема никаква сличност со врска на подоцнежни години. На дваесет и кусур човек не се оптеретува со многу работи како што е тоа подоцна кога секој си е веќе изградена личност со свои потреби и обврски. И така, мојава врска си тераше иако бевме многу различни како карактери, а и реално гледано не знам како издржавме заедно толку долго кога бевме различни како ден и ноќ. И тоа си тераше така до една глупава караница, која беше толку безначајна што иако имам памтење ко слон, ден денес не можам да се сетам за што беше (што само по себе кажува колку била важна). Тогаш открив дека на сета наша различност, ја имаме најлошата заедничка особина, а тоа е инаетот.
Порано немаше мобилни телефони, или како што би рекла ќерка ми (сета ококорена и вџашена) “па како сте живееле?” така што, единствен начин за евентуално смирување беше да се слушнеме на фиксен телефон и да договориме средба. Е да, ама и не. Оти јас дежурав покрај телефонот во исчекување на повик кој секако требаше да реши дали ќе се смируваме или не, ама повикот не доаѓаше. Па жива траума кога “двојникот” ќе ја окупираше линијата, со милион прашања во главата кои секогаш се сведуваа на истото, односно- а што ако сега звони, а не може да ме добие-. Позната женска приказна, нели? Помина ден, два...поминаа и две недели, а јас повик не добив. Не излегував, оти нели, Марфи знае баш тогаш да замеша прсти и да се јави некој, а ќе беше трагедија ако не бев дома. Ех, Ано, Ано...да ти ги имам годините тогашни, ама со овој ум што ми е сега!
Нејсе, ми се јавуваат другарките и загрижени оти не сум мрднала од дома две и кусур недели, едвај ме натераа да излезам. Излегувам сета во грч, се наоѓаме и одиме де во едно де во друго кафуле и кога веќе излегуваме од второто (јас со идеја дека нема да продолжам да ги дружам, туку ќе си одам дома), на сред улица го гледаме неговиот најдобар другар. Застануваме да се поздравиме, јас барам кај другар му некаков знак дека знае, дека ќе ми даде некој ишарет за “оној мојон”, кога наеднаш другарката ми ја стиска раката и се вртам (кај мене никогаш го немало она “не се врти”, туку одма бам бам да си видам тоа што не-треба). Кај се завртев, кај се запустив. Тој мојот (веќе по сите правила бивш, а отпосле долго време нарекуван вол), рака за рака со една згодна, висока, убава. Ко да не беше сосем доволно дека има друга, па мораше да е ко излезена од часопис, делот за “колку се сегашните поубави од бившите” статија.
Тогаш ми светна оти на сиот мој инает, тишината меѓу нас секој си ја протолкувал онака како што му одговарало. Јас со чекање, а тој со ич чекање туку ставање во погон. Тогаш си реков дека ниту еден инает, ниту една флоскула од типот “си држам до себе и не се јавувам”, нема да е посилна од потребата да ги завршам работите навреме. Нејсе, го отплакав, го изнапцув, отседов дома уште малку додека се средам и нормално, животот продолжи понатаму. Тогаш сфатив дека незавршените работи се како отров кој полека, ама сигурно ја труе душата.
Како позната по тоа дека не гледам серии, а и дека доцнам со се’ (веројатно ГОТ ќе ја гледам на 70 и кусур), изминатиов период почнав да ја гледам серијата Friends (знам дека сум демоде, не мора да ми се смеете), а ме натера фамата која се крена за филмот кој беше направен и за кој се дискутираше на неколку постови кои ги видов на социјалните мрежи. Знаете дека ќе ги спомнам Рос и Рејчел, нели? Секако, еклатантен пример за незавршени релации и односи кои се провлекуваат низ серијата (сега сум до 6та сезона, да не сте зуцнале што се случува понатаму) и си помислив колкумина од нас се или биле заглавени токму заради тоа?
Моето помина во раните 20ти, ама само поради едно неубаво искуство. А што ако не се случеше тоа? Секако дека ќе си ја повторев и ќе ја повторував грешката која се нарекува “не можеш да мрднеш додека не ставиш точка или додека не ги завршиш работите, па да продолжиш понатаму”. И секако дека додека сме помлади имаме поинаква перцепција за времето, кое учиме да го цениме на повозрасни години, кога сфаќаме дека сме секогаш во трка со нештата и дека не е баш дека животот изобилува со луксузот наречен “имам време”. И во прилог на ова што го зборувам е токму она дека незавршените работи знаат да бидат премногу мачни кога веќе и ќе немаме можност да ги завршиме тогаш кога смртта ќе замеша прсти. Затоа, не сакам никогаш да се најдам во ситуација да оставам нешто незавршено, колку и да ми е болно или да не сакам да се инволвирам. Збогувањето или завршувањето се болни, но и лек. После ставањето точка, нема што понатаму освен човек да се собере и да продолжи. А како да се собере ако веќе нема кому да каже?
Сите сме различни. Дури и браќа и сестри кои се растени под ист покрив си имаат свои карактери кои не се исти, а некои пак се и сосем различни. Ама сите сме исти во едно нешто, а тоа е дека секому од нас во душата му останува лузна ако оставил нешто незавршено на кое се навраќа, макар тоа било и во мислите. Како да се започне со пишување на нова страница, ако на претходната останало нешто недопишано или не е ставена точката? Не сакам да ми тежи ништо повеќе од она што ми е секојдневна обврска или работи кои не зависат од мене. А дали ќе се јавам и ќе го направам она што треба да го направам е работа која зависи од мене. Нема да чекам и нема да оставам некој да ме чека за да се ослободам од притисокот на незавршеното.
Не вртете глава од работите за кои можеби во моментот ви е полесно да се направите дека не постојат. Тие секако ќе најдат начин да ве потсетат дека се тука и дека се уште на вашата агенда или список на работи на кои не сте ставиле штиклирано=завршено. Не дозволувајте духовите од минатото да ве мачат заради тоа што не сте спремни да се соочите со себе и да кажете “време е да го довршам ова”. Секако ќе боли ако било судено да кажете некому збогум. Ама не е исто дали ќе боли сега, а веќе од утре ќе работите на себе и на надминување на болката или ќе ве боли помалку ама подолго. Не се навикнувајте на таа болка, оти кога ќе направите математика, таа е полоша и повеќе траги остава. Бидете храбри и свои, да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
никогаш нема совршено време за љубов
како да се случува токму тогаш кога не треба
како спас од дамнешни неизлечени љубови
или како спас на човек од самиот себе
токму тогаш кога ќе научиш да си сам
да си безбеден во тишината и сопствената сенка
небаре сто животи имаш
па во овој од болка ќе куртулиш.
Никогаш нема совршено време за разделба
а јас би сакала да е поинаку
ете некој некогаш да прогласи дека од 19 до 21 часот
е време за збогум
дека секое заминување тогаш ќе е безболно
а потоа како во сказните
со волшебно стапче
сите сеќавања ќе бидат избришани
небаре никогаш не се случила љубовта.
Никогаш нема совршено време за смрт
барем јас не сум сретнала некој што ќе рече
„ајде, готов/а сум, завршив сѐ што требаше на земјава“
па смирено да ја дочека смртта како што и прилега
пречекана со насмевка и нагостена
служена со должна почит и внимание
со радост и музика
небаре за свадба сватови се пречекуваат.
Никогаш нема совршено време за плачење
ете, мене или воопшто не ми доаѓа плачот
како попатно да сум го загубила некаде
или ме фаќа сред улица
или уште полошо, сред муабет
па трепкам да одминат солзите
подголтнувам, се смешкам и дрдорам,
небаре ќе ги убијам во себе, да пресушат.
Никогаш нема совршено време за „те сакам“
ниту пак совршено време постои за „ми требаш“
а совршен момент ниту за “во душава си ми“ нема
та мериме, кроиме, се пребројуваме
времето го колнеме дека не се погодуваат работите
и животот завршува дур’ ние уште го бркаме
совршениот миг
небаре некогаш повторно ќе се родиме
во време совршено за сѐ.