Ни велеа дека сме светло на крајот од тунелот: Интeрвју со Дац и Александар

Добивај вести на Viber

Во времето на осумдесетите, кога имавме само три канали на телевизија и една популарна ТВ серија која одеше во одреден вечерен термин, улиците беа празни, сите беа пред ТВ екраните, чекајќи ги омилените ликови. Слична ситуација се повторуваше и изминативе месеци кај нас, со Драган Спасов- Дац и Александар Митевски во главните улоги, во нивната приказна наречена „Љубовни песни во полициски час“. Цели 54 дена, точно во девет часот навечер, дуото ни подаруваше по една љубовна песна онлајн. Луѓето се навикнаа на овој термин и ги чекаа на нивната Фејсбук страница во закажаното време. Низ љубовните песни на Дац и Митевски, поминаа и многу нивни пријатели од целиот свет. По маратонските снимања секој ден, познатиот музичар и актер ќе одморат од секојдневното темпо. Љубовни песни за мерак на публиката и понатаму ќе има, но повремено. Дац и Митевски ни ја раскажаа целата приказна за карантинското музичко дружење кое освои илјадници луѓе.

*  Колку љубовни песни за време на полицискиот час снимивите до сега?

Дац: Прво направивме настап во живо кој го нарековме “Седенка”, заедно со Бојана Скендеровски која траеше 180 минути, потоа почнаа да се редат песните што ги снимавме секој ден, а помеѓу песните направивме и една музичка онлајн емисија за нас и нашите песни која траеше околу час и половина. Се на сè, поминавме карантински 54 денови и исто толку песни.

Александар: Да, целото беше прекрасно искуство затоа што нашата публика нè инспирираше н è поддржуваше секој ден да издржиме во нашата намера. Се бараа музички желби, бараа да се телепортираме во одредено време и да ги слушнат песните што не ги слушнале со години. Ние се решивме за ваков концепт затоа што вака директно се обраќавме до нашата публика која уживаше за време на најстрогиот карантин.

*  Со кој интензитет ги снимате и како ги бирате, ако не се согласувате околу изборот, чиј збор победува?

Дац: Песните ги избиравме по нивната популарност, како што можете да забележите, нема песна што некој не ја знае. Изборот секогаш беше заеднички и се сложувавме од прва. 

Александар: Да, еднаш Дац предложуваше, другпат јас, а многупати и наши пријатели ќе ни шепнеа некоја идеја. Идентични бевме во идеите кого да поканиме за одредена песна и какво изненадување да им приредиме тој ден. Едноставно, не се штедевме и целосно се посветивме на тоа на народот да му биде поубаво и да си легнат задоволни со насмевка.

*  Како настана „Корона чао“, песна која за брзо време стана голем хит, а си ја запеа дури и Бугарскиот премиер Бојко Борисов

Дац: “Корона чао” ја мислевме уште од почетокот на карантинот. Изборот падна на мелодијата од “Бела чао” , а текстот го напишавме за една вечер преку Viber. Се договоривме со Брастет Скопје и се снимивме по дома. Останатото го знаете, “Корона чао” прерасна во балкански хит со преку два милони прегледи на Youtube, а само за три дена имаше милион. Борисов помогна за лансирање на песната, а Бугарија е побудалена по песната.  Најмногу интервјуа дадовме баш таму. 

Александар: Да, се создаде цела лавина на Балканот, па и низ Европа, тргнувајќи од Youtube, па преку Facebook, Tik-tok, Instagram.. Особено младата публика ја ширеше и шири како вирус песната снимајќи видеа. Постојано ни доаѓаат видеа од деца како ги пеат нашите песни, а тоа е нешто што не се монтира. Мислам дека не измисливме топла вода, но во вистински момент и на вистински начин секаде во регионот испративме една позитивна и духовита музичка порака за подигање на духот кај народот, а многумина го препознаа тоа. За мене ова е многу интересна работа, имам многу песни испеано и напишано во кариерата за мене и мои познати колеги, а првпат го вкусувам чувството да те прегледаат милион луѓе. Одлично е.

Добивате поддршка од сите страни, една која многу ме бендиса е од легендарниот Димче Мешковски од Лос Анџелес, за кој велите дека добил инспирација да запее со вас. Која песна би ја снимиле со Мешко?

Дац: Мешко многу не израдува со својата порака. Мене посебно ми фали нашата меѓусебна дружба, затоа што сме и посебно блиски. Кога ќе дојде сигурно ќе запееме некоја заедно, а богами и ќе одглумиме нешто.

*  Запеавте со Зафир Хаџиманов од Белград, во „Чија си“ ви се придружи и Тања Станковиќ од Чикаго, во „Све што желим у овом тренутку“ направивте хор од ваши пријатели од целиот свет. Како реагираат луѓето кога ќе ги поканите да снимите песна, со кои сè држави се музички се соединивте?

Дац: Луѓето со добра воља ја гледаат нашата добра воља, па немаше човек на кој му предложивме а не запеа со нас. Ова го сфативме како забава но и обврска, затоа што публиката навистина не бараше секојдневно. 

Александар: Сите кои ги побаравме, на прва ја прифатија нашата покана да отпеат нешто со нас по дома. Имаме уште интересни спојки, дуети и комбинации кои ќе ги презентираме во следниот период. Луѓето сакаат да видат како изгледа по дома да им запее некое интересно трио, како на пример ние со Бени да пееме босанска севдалинка, со Миле Паника, Жаре Бербер или ред други личности со кои си пеевме од мерак.

* Се дружите ли во студиото на Александар, или сите снимки се исклучиво направени- секој од својот дом?

Дац: На почетокот сите снимки беа од дома, Александар ќе ми пратеше матрица а јас пеев на неа и тој потоа ја склапаше мојата и неговата снимка во заедничко видео. Кога малку попуштија мерките се наоѓавме еднаш до два пати неделно во студиото. Но снимките за видеото повторно ги правевме на сличен начин од дома. Инаку сите видеа се од домашни услови и снимани со мобилни телефони.

Александар: Јас имам подобра аудио техника од Дац, а Дац има подобар телефон. Некогаш ќе се погодевме и во студио, па од дистанца ќе запеевме нешто студиски. Но во основа, секој ден ни беше интересна трка, како да склопиме песна, аудио и видео. Притисокот беше голем, луѓето нè чекаа во 21 часот. 

*  Има ли нешто паметно и позитивно на што нè научи оваа криза, освен сите негативни работи кои се случуваат?

Дац: Па има сигурно, првенствено тоа што заборавивме да се грижиме за себе и за другите а кризава не потсети. Не е лошо (ипосле кризава) секоја година да има мерки кои ќе ја одморат планетата од нас а кај нас да надвладее свесноста. 

Александар: Да, повеќе сме дома со семејството. Имаме повеќе време за креација. За размислување на некои работи на кои не сме размислувале. Да се задоволиш со едноставни нешта. Верувам дека сите ќе излеземе од ова со некакви поуки.

Што прво по карантинов? 

Дац: По карантинов нема ништо да биде исто, долго време ќе влегуваме во колосекот по кој се движевме. Само нека заврши. А потоа ќе видиме.

Александар:  Така е, колега.Време е да извадиме и некоја нова песна која настанала во карантинот. И би сакале конечно да се видиме ВО ЖИВО со нашата публика. Мислам дека ќе биде тоа настан за паметење. Сите тие луѓе кои ни велеа дека сме нивно светло на крајот на тунелот овој цел период треба да бидат во наша близина кога ќе се собереме.

Милица Џаровска