Никола ни донесе радост во домот: Антонија Ристовска во улога на баба

Дизајнерката Антонија Ристовска ја заврши 2019 и ја почна новата 2020 со радост и на професионален и на личен план. Ја промовираше новата колекција на венчаници Infinity Bride - 2020 наменета за самосвесни и нежни невести, а истовремено стана и баба на малиот Никола.

Постарата ќерка Елена, раководител на одделот за корпоративни комуникации во А1 и зетот Маријан, дипломиран забен техничар-протетичар со своја приватна ординација, ѝ го подарија првото внуче, прво, па машко.

- Поубав завршеток на старата и почеток на новата година, со сопругот Кире не можевме да посакаме. Никола е наш прв внук (и од двете страни) и радоста и убавината на напливот на убави емоции со него е посебна. Тој е многу мил, сончко на баба. Во нашето семејство ни внесе свежина, радост и опуштеност. Децата се дар Божји и радост голема. И мојата сестра има женски деца, како и јас. Освен Елена, ја имаме и помладата ќерка Ања која се' уште не е мажена - среќна е Антонија.

Познатата дизајнерка која е присутна на македонската модна сцена 25 години, претпоставува дека е и прва баба меѓу домашните креатори.

- Фала богу, имам уште енергија и за професионален ангажман и за чување на внуче. Со невестинските колекции станавме омилени меѓу младите девојки и посебно ми е драго за тоа,а  сега енергијата ќе ја трошам и на малиот Никола кој наполни четири месеци. Ние сме млади баба и дедо - вели Ристовска.

Младата брачна двојка која преклани правеше свадба во јуни, а во април се венчаше во прекрасниот амбиент на манастирот „Свети Јован Бигорски“, Новата година со бебето Никола ја славеа во Солун, покрај море, на чист воздух. Антонија со сопругот ја дочека новата година кај пријатели.

- Ова беше негова прва Нова година. Му извадивме и личен пасош. Сега засега како бебе е мирен како бубачка, му се допадна и патувањето. И помагам на ќерка ми околу капењето на бебето и се што ќе и затреба. Никола од сите страни го галиме , се надевам дека нема да го разгалиме и дека ќе го воспитуваме најправилно - раскажува Ристовска.

Ќерката Елена со зетот

Антонија во 2020 година очекува успех на професионално поле, а пред се' здравје, мир и слога.

- Заедно со Никола, на сите ви ја честитаме Новата година, да ви биде година на радости и успеси - ни посака среќната баба. 

Л.С.