Николче од Демир Хисар се оженил со украинката Јулија: Живеат во Германија а нивната приказна ја раскажаа за Женски магазин
Како се запознале, каков е животот во Германија, и многу интересни нешта дознаваме од нив во редовите подолу.
*Зошто заминавте од Македонија, како се
снајдовте во Германија, дали имавте помош од некој, во кое место живеете таму?
- Како последица од корона вирусот останав без работа, фабриката се затвори. Разочаран од нефункционалноста на системот, помешаноста на политиката во секоја пора од општеството и не вреднувањето на квалитетот се решив да се преселам во Германија. Без нечија помош во друга држава е многу тешко, јас таа помош ја имав од другари кои живееја таму подолго. Местото во кое живееме е малечко, но многу симпатично градче кое се вика Фаинген.
*Две и пол години сте таму, се навикнавте ли брзо на животот, што ви беше најтешко, а што најлесно?
- Секој нов почеток е тежок, повеќе од една година бев сам, без партнерка и тој период ми беше најтежок. Исто така голема тешкотија ми претставуваше тоа што не знаев Германски јазик. Јас сум човек кој брзо се прилагодува во секоја средина, бидејќи претходно променив повеќе градови на живеење, живеев во Скопје, Битола и во мојот роден град Демир Хисар. Животот од Македонија е различен во поглед на организираноста, сѐ се знае кога, како и што треба - се функционира добро. Чувствуваме поголема сигурност и заштита од државата. Не можеш да останеш долг период без работа, што значи можеш да си испланираш и дозволиш повеќе работи кои ги сакаш.
*Ни кажавте дека сте во брак со Украинка. Како се запознавте, како се вика – раскажете ни ја вашата љубовна приказна?
- Мојата сопруга се вика Јулија, таа е една прекрасна, амбициозна и културна личност која е многу посветена на семејството. Таа повеќе од десет години има работено во различни држави како аниматор на деца. Ние се запознавме преку наши заеднички пријатели, комуникацијата ја започнавме преку социјалните мрежи па по краток период Јулија ја напушти работата во Турција и дојде во Германија. Веднаш сфативме дека сме еден за друг, дека имаме исти интереси и погледи во животот. За среќа наша сѐ ни се одвиваше брзо и убаво како што си замисливме.
*Родители сте на мало бебенце. Како се вика, како се снаоѓате, имате ли помош од некој во обврските?
- Да, круната на нашата љубов е
нашето прво дете, Тадеј. Се снаоѓаме одлично бидејќи како што кажав Јулија
имаше големо искуство за работа со деца, а за тоа што беше ново за нас добро се
едуциравме и брзо сѐ вклопиме во улогата родители. Моментално имаме помош од
мајката на Јулија, а моите родители доаѓаат од време на време.
*И двајцата сакате да патувате, кои места досега ви оставиле посебен впечаток и зошто токму тие?
- На тоа поле најмногу се погодивме со Јулија, таа имаше прошетано над 25 земји, а јас нешто помалку. Пред да се роди Тадеј успеавме да прошетаме во неколку околни европски земји, а имаме големи планови за во иднина. Секое слободно време го користиме да отидеме во некое ново село, град или друга држава. Најголем впечаток ни оставија Париз и Милано, а тоа е така бидејќи тие се европски метрополи богати со историја, традиција и култура. Магични се !
*Дали вашата сопруга била во Македонија?
- Пред точно една дојдовме во Македонија заедно со Јулија ама само на неколку дена и успеавме да прошетаме само во Битола и Охрид.
*Летово ќе дојдете во татковината да правите крштевка и венчавка. Планирате ли можеби да останете да живеете тука, или сепак не?
- Ова лето во Август имаме закажано крштевка заедно со венчавка и една мала фамилијарна забава. Сега засега плановите ни се да останеме во Германија, но никогаш не ја исклучуваме можноста за враќање во Македонија.
*На Инстаграм сте активни и често споделувате интересни видеа, ситуации и корисни работи за родителите. Што ве поттикна на таа идеја?
Откако постојат социјалните мрежи двајцата споделувавме свои фотографии од местата што сме ги посетувале, но откако ни се роди Тадеј одлучивме тоа да го правиме повеќе и малку на повисоко ниво, да создадеме една приказна за семејството од самиот почеток. Тоа се покажа многу забавно пред сѐ за нас, а и за повеќето кои моментално нѐ следат. Правиме фотографии, монтираме видеа и го изучуваме функционирањето на социјалните мрежи. Реакциите се навистина позитивни и тоа ни дава мотив и понатака да продолжиме.
Ирена Ставрова