Нино Величковски за настапот на „Прилеп фест“: Додека бев на сцена ги голтав солзите од жал за Мерима-песната требаше да ја пееме во дует
Легендарниот фолк пејач Нино Величковски синоќа настапи на возобновениот „ Прилеп фест“ со песната „Сами се казнивме“. Вели дека оваа тема за него има посебно значење и секогаш кога ќе ја пее, ќе му навираат спомените за неговата покојна колешка Мерима Његомир.
- Идејата беше оваа песна да ја отпееме во дует на валандовскиот фестивал. Огнен Неделковски прво го напиша текстот. Кога и го испратив таа се воодушеви. Потоа неговиот син Филип ја направи музиката. За аранжманот се погрижи Цане Петров. Но, судбината имала други планови. Мерима се разболе, а набрзо и почина. Изгубив не само прекрасна колешка, туку и многу голема пријателка. Собрав сила сепак да ја отпеам сам, во нејзина чест. Додека ја пеев во студио, а и синоќа кога бев на сцената ги голтав солзите од жал за Мерима – ни изјави Величковски.
Мерима Његомир и Нино Величковски првпат запеаа во дует на „Фолк фест Валандовово“ во 2008 година и победија со темата „Ние двајца“.С.А.Н