Носталгија за сите генерации: Ефто Пупиноски има нов албум
„Носталгија“ е насловен новиот албум на Ефто Пупиноски. Целиот материјал веќе е достапен за преслушување на официјалниот јутјуб-канал на познатиот фолк-интерпретатор. Пупиноски информира дека станува збор за 11 композиции, внимателно одбрани и изработени за секој кој, како што вели, сака убава песна и квалитетна музика.
- Сакавме да создадеме современи квалитетни песни кои ќе останат. Намерата и желбата беа да отпеам разновидни теми за сите генерациски вкусови и искрено се надевам дека секој ќе си ја најде својата песна - објасни тој неодамна кога го најави проектот.
Пупиноски кој важи за еден од доајените на новосоздадената македонска народна песна скоро четири и пол децении е активен на естрадата. Пред повеќе од две децении го отпеа хитот „Туѓа си бескрајно“, песна без која последниве години не поминува речиси ниту една свадбена веселба.
- Ја искомпонирав и испеав во далечната 1992 година, но пред неколку години ја најави својата експлозија. Сега се пее по неколкупати на свадби, веселби и на концерти. Оваа тема на „јутјуб“ има фантастични над три милиони прегледи, ако се земе в предвид дека повеќето домашни хитови имаат едвај половина милион преслушувања - изјави Пупиноски во една прилика.
Во истото интервју раскажа дека неговиот придонес во музиката можеби ќе бил уште поголем ако низ годините не променил неколку професии и дел од животот не му поминал на тие полиња.
- Можеби требаше на мојот народ да му подарам уште некој хит. Но, никогаш не е доцна. Секогаш подарувам нови песни, нека слушаат и уживаат - порача тој.
Ѓ.С.