НОВ АЛБУМ ОД ТОШЕ ЌЕ СЕ ПРОМОВИРА НА 13 ОКТОМВРИ
На 13 октомври ќе биде промовиран албум со нови, до сега необјавени песни од Тоше Проески.
„ Албумот е со наслов "Secret place" и на него се наоѓаат седум нови песни на англиски јазик како и три преработки на познати хитови“, ни изјавија од Меѓународната Фондација „Тодор Проески“.
„ Албумот се работеше во студиото на познатиот англиски продуцент Енди Рајт, автор на хитовите од претходниот англиски албум на Тоше „The Hardest Thing““, додаваат од Фондацијата. По нивен избор, избрана е и насловна фотографија од Тоше за албумот, која е една од најдрагите на семејството и на соработниците на Тоше.
Балкански и македонски ѕвезди ќе пеат на концертот во чест на поп-ѕвездата, кој ќе се одржи на 13 октомври во арената „Борис Трајковски“ во Скопје.
„ Интензивно работиме на овој проект. Подготовките се во полн ек, веруваме дека сеќавањето за Тоше и овојпат ќе го одбележиме достоинствено“, изјавија од Фондацијата. На концертот ќе биде промовиран и четвртиот постхумен албум.
„ Се подготвуваат и три видеозаписи. Едниот е снимен во Македонската филхармонија, вториот во студио, а третиот во Крушево. Албумот се работеше во студиото на англискиот продуцент Енди Рајт. Во англиската верзија на албумот, една од песните е на внукот на Тоше“, додаоа соработниците на Тоше.
На 16 октомври, се навршуваат 11 години откако поп-ѕвездата трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа во Хрватска. (М.Џ.)