Нов дигитален мамограф во „Аџибадем Систина“: најбрзо и најпрецизно откривање на карцином на дојка со минимално зрачење

Добивај вести на Viber

Карциномот на дојка е тип на малигна болест  која може рано да се дијагностицира, а со тоа и навреме  да почне лекувањето. Радиологот од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ д-р Маја Стојчевска-Чапова укажува на важноста од превентивните прегледи и вели  дека колку порано е дијагностицирана болеста толку и решението е поедноставно, а хируршкиот зафат  помал. За оваа малигна болест, како што потенцира д-р Стојчевска-Чапова, за жал, не постојат рани  симптоми поради што  пациентот долго  не е свесен за постоење на  болеста. Првата и најважна препорака е редовно да се прават прегледи во одредени временски интервали, бидејќи само така раната дијагноза на оваа болест е возможна. Тоа значи откривање на карциномот кога е со димензии под 1cm и во таков случај е излечив и до 99 проценти.

Од исклучителна важност е и самопрегледот, кој секоја жена треба да го практикува. Еден од симптомите кои може да се утврдат при самопреглед е ако жената забележи тврдина  во градата која претходно не постоела Може да забележи и некаква промена во формата и текстурата на градите, но понекогаш и само измена на кожата (посува или поцрвенета кожа). Во некои случаи  исцедокот кој може да биде или крвав или безбоен претставува единствен симптом кој укажува на постоењето на малигна болест во дојката.

Д-р Стојчевска-Чапова потенцира дека постојат карциноми кои не се чувствуваат на допир, ниту, пак можете да ги забележите на ултразвук Тие се откриваат само преку мамографија. Нејзина препорака е мамографијата да се повторува на секои две години и да  започне помеѓу 36 и 40-годишна возраст.

„Раната навремена дијагноза на малигните болести на дојка е исклучително комплексна и потребни се три предуслови за тоа кои почнуваат со мотивација на пациентката да дојде на превентивен преглед кога е без симптоми, лекар обучен за дијагностика на дојка и секако исклучително е важно да имате соодветни алатки. Основна алатка во дијагностиката на дојка е мамографијата. Неодамна во нашата болница се набави нов дигитален мамограф кој освен тоа што нуди помала зрачна доза, поголем комфор (контролирана компресија  и поголема резолуција на графиите“, вели  д-р Стојчевска-Чапова.

Најкомфорен и единствен мамограф за изведување процедури и во лежечка положба.

Радиологот д-р Стојчевска-Чапова потенцира дека она што го прави овој мамограф посебен е уредот за стереотаксија, кој овозможува изведување на интервентните  процедури и во лежечка положба. Новиот мамограф располага со специјален додаток за дојки со вградени импланти, а истотака е достапен и за лица со инвалидитет (мамографијата се изведува во количка).

„Стереотаксијата претставува компјутерски контролирана навигација на инструментите за интервентни процедури под контрола на мамограф, како што се предоперативни бележења со жица и биопсии. Она што го чини нашиот нов мамограф посебен е можноста за изведување на овие процедури во седечка, но и лежечка положба (опција која досега не беше достапна во нашата држава). Истата освен поголем комфор на пациентите во текот на процедурата, овозможува и достапност на длабоки промени во дојката. Освен што инструментот се контролира во 3 рамнини, новиот уред за стереотаксија овозможува и вертикален, но што е уште поважно и хоризонтален пристап со инструментите при процедурите“, вели д-р Стојчевска-Чапова.

Дигиталната мамографија, потенцира докторката, нуди повеќе предности во однос на аналогната техника и денес е тенденција истата да биде стандард во дијагностиката дојка. Најзначајната разлика помеѓу аналогниот и дигиталниот мамограф, вели д-р Стојчевска-Чапова е во дозата на зрачење, која е исклучително ниска кај дигиталната мамографија и претставува еквивалент на 4 часа лет со авион.

„Резолуцијата е неспоредливо подобра кај дигиталната мамографија, што овозможува значајно попрецизна дијагноза. Дигиталните мамографи имаат на располагање повеќе софтверски алатки кои ја олеснуваат манипулацијата со сликата (зголемување, осветлување, затемнување). Новите машини имаат компјутерска контрола на компресијата соодветна на ткивото на секоја дојка, што овозможува поголем комфор во текот на прегледот. Она што е исклучително важно кај дигиталните апарати е архивата на слики, бидејќи е многу важно во текот на прегледот да се компарираат старите и новите мамографии, понекогаш еволуцијата покажува многу повеќе“, појаснува Стојчевска-Чапова.

Како најчест ризик фактор за појава на оваа малигна болест е генетската предиспозиција. Околу 18 проценти од новодијагностицираните пациенти со карцином на дојка имаат семејна историја на оваа болест. Денес се познати неколку генетски мутации кои се поврзани со појавата на оваа болест. Најчести се БРЦА 1 и БРЦА 2 мутациите. Носителите на овие мутации, како што појаснува д-р Стојчевска- Чапова имаат околу 80 проценти  да развијат карцином на дојка до крајот на животот. Зголеменото присуство на хормон-рецепторите естроген и прогестерон исто така е ризик-фактор за појава на карцином на дојка. Зголеменото присуство на овие хормони овозможува туморите да раснат побрзо. Употребата на хормонска терапија на подолг рок, како и големи дози на истата го зголемува ризикот од појава на карцином на дојка. Д-р Стојчевска-Чапова укажува и на зголемената телесна тежина, употребата на алкохол, физичка неактивност, стресот и аерозагадување, кои се исто така фактори кои го зголемуваат ризикот за појава на карцином на дојка.