Нов телевизиски проект „Нихао” на Телма телевизија во 12.30 часот

Добивај вести на Viber

Предновогодишните денови се период на подарување - време, внимание, подароци, убави зборови. Aмбасадата на Народна Република Кина заедно со „Виар продукција” на 27 декември ќе им подари на гледачите минути уживање за една од најстарите, најбогатите и прекрасните култури во светот. Од недела на Телма телевизија во 12.30 часот, гледачите ќе имаат можност да се запознаат со богатата кинеска традиција, архитектура, технологија, вештини, хармонија, филозофија, кинеска кујна, спорт. Ќе имаат можност да ги видат сите бои на Кина, да ги почувствуваат нејзите мириси, звуци, да го почувствуваат вкусот на најубавиот чај на светот.

Eмисијата „Нихао” која на кинески јазик значи „Здраво” ќе има за цел да го покаже вистинското значење на Кина, она што таа му го дала на светот во секој контекст. Се работи за телевизиски проект кој ќе се емитува еднаш на четеринаесет дена со времетраење од половина час.

Водител на емисијата е Јулија Цветковска - „Нихао” е проект кој што искрено сакав да ми се случи одамна. Неверојатен предизвик, на кој што целокупниот тим кој што работи, е подготвен да одговори. Пред да почнам да работам на Нихао, знаев многу малку за оваа култура. Сега веќе полека почнувам да се вљубувам во делови од нејзе. Го пробав најубавиот чај, сфатив дека многу полесно поминуваме низ образованието, слушав кинески џез на кој што немам никакви забелешки, веќе имам и омилени кинески рецепти...Но, сè ова сепак е само почеток. Плановите се многу поголеми и пошироки. Авторката на проектот Ивана Дамовска знае како треба да расте и да се развива Нихао, особено што оваа фасцинантна земја и се што таа поседува е голема непознаница за овој дел од светот. А запознавањето со неа е наш предизвик и отворање нова врата за ваши нови искуства. Ве носиме на едно неверојатно патување во сегашноста на Кина, каква што речиси и не ја знаеме. Патувањето го организиравме за Вас.

Тимот на „Нихао” е сериозен и броен, во постојана релација и комуникација со новинари, музичари, уметници од Кина. Академијата за музичка уметност од Кина, специјално за емисијата направи музика - современа со компонирани кинески традиционални звуци. Она што може да го вети тимот на „Нихао” е дека во новата година ќе дадат се од себе да ја запознаете Кина – таква каква што е сега- земја на милион можности, земја чија историја ве одушевува, а сегашноста ве фасцинира.

Фотографии: Марина Трајковска