ОБЈАВЕНА КНИГАТА „ДХАММАПАДА. МУДРОСТА НА БУДА“

Добивај вести на Viber

Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје, неодамна ја објави позната книга за будизмот – „Дхаммапада. Мудроста на Буда“.

„Дхаммапада“, чиешто авторство му се припишува на самиот Буда, е еден од најпознатите и најважните текстови од будистичката литература напишан на палијазикот, кој ги утврдува основните етички принципи и го полага филозофскиот фундамент на раниот будизам. Вклучен е како составен но целосно независен дел во средниот дел Сута-питака од Типи­та­ка, т.е. од будистичкиот Пали канон. Текстот претставува збир од 423 изреки групирани во 26 тематски поглавја. Изреките се кратки и лаконски и се одликуваат со изразена едноставност, а често се во форма на теза и антитеза, но со поетичноста, реалистичноста и многубројните совети оставаат силен впечаток кај читателот. Нишката која ги поврзува сите нив е прашањето на моралното и неморалното живеење, јасното исцртување на доброто и на злото и согледувањето на патиштата кои водат кон среќата и кон пропаста. „Дхаммападата“исто така може да се сфати и како еден патоказ кој ни укажува на тоа дека ние самите на себеси сме си господари, заштитници и непријатели.

Сидарта Гаутама – Буда од budh (разбуден, се будам) е мудрец роден во 486 година пред нашата ера во аристократско семејство во Лум­бинија, место сместено на денешната граница меѓу Индија и Непал. Во својата 29-та година сфатил дека богатството во коешто живеел дотогаш не му донесло среќа, па тргнал да ги истражува различните учења на тоа време за да го пронајде клучот за човечката среќа. По шест години учење и медитација го пронашол средниот пат, а остатокот од животот го поминал пренесувајќи го своето филозофско учење кое го нарекол Дхамма и врз кое подоцна настанала будистичката религија.

„Дхаммапада“ е првпат објавена на македонски јазик. Преведена е од руски јазик, преводот е на Ленче Тосева, а е базиран врз руски превод од палијазикот.