Облиците на љубовта

Добивај вести на Viber

Комплексноста на љубовта доаѓа со годините. Како стареам станувам се’ потерсене и сфаќам дека ми е потешко да кажам “те љубам”. Младоста со сета своја самоувереност и дрскост многу ја поедноставува љубовта. Не знам дури дали на младост сме способни за љубов, или страста и хормоните, еве нека е и хемијата меѓу двајца станува синоним за нешто што е многу подлабоко. Младешкиот облик на љубовта е лесен за живеење. Но, она што ни го прави животот и ударите кои ги добиваме, потоа и обврските не’ прави не само потешки за да не’ сака некој, туку станува потешко човек да се ослободи и да се препушти. Лузните кој секој од нас си ги носи со себе, разочарувањата и очекувањата ич не помагаат во тоа да се опуштиме и да го изживееме она што ни се случува во моментот. Мозокот станува приоритет, па ако порано ни било доволно некој да не привлече и да се обидеме да стапиме во врска, сега веќе критериумите се поинакви и посложени.

Што е исправно? Во општество во кое живееме, а кое наметнува лажен морал, вредности кои се менливи и минливи не е едноставно да се најде љубов. И нејсе, кога ќе се најде прашањето е колку може да се одржи и да трае. Оптеретени сме со статусни симболи, што мислат другите, што ќе каже семејството, пријателите. Бараме некакви потврди дека изборот кој што сме го направиле е добар, без да се прашаме себе што ни треба и што сакаме. И имате ситуации во кои двајца кога ќе се најдат, тој не заработува многу, но од друга страна жената наспроти него ја чува како капка вода на дланка. Интересни сме ние луѓето. Бараме посветеност, внимание, безусловна љубов, а ако ја добиеме од некој за кој нашите блиски ќе кажат дека не е добра прилика, не’ јадат сомнежи. Знам врски кои функционирале совршено, во кои тој бил тука секогаш кога било потребно и со сето свое присуство покажувал дека ја љуби жената, но ете, заради тоа што не можел да и’ приушти лесен и удобен живот, работата не ја бивало. Од друга страна, има врски и бракови во кои навидум тече мед и млеко, патувања, подароци, вечери и луксуз кој е всушност само параван за да се прикрие шуплив однос во кој нема вистинска љубов и почит. И најчесто жените прават калкулации дека им е поважно да живеат во благосостојба, попатно замижувајќи пред неверства или пороци. Сликата на совршено семејство, кое е добростоечко станала поважна од молкот кога се сами и тагата која е неизбежна во таквата самотија.

Или обратно, таа е прекрасна жена, ги има сите квалитети за кои тој сонувал сиот живот, го обожува, но семејството и’ е сиромашно, или е разведена, или “најстрашното”, не само што е разведена, туку има и дете. Па тука има коментари од страна на неговите дека ќе треба да гледа “туѓо дете”, бидејќи нели, не се брои дека не е тоа туѓо дете, туку на жената која е центар на неговиот свет. Па на крај, доколку мажот потклекне на ваквите малограѓански гледања, завршува со некоја која не може да ја гледа или која е само декор во домот, некоја која е добар трофеј за да му завидува светот.

Слободата на изборот за се’ во животот е непроценлива. Да се одбере она што се сака, да се живее истото, да се стои зад својот избор е најтешката и најубавата работа на светот. Слободата да се живее она што ни прави мир и не’ дразни на оној убав креативен начин не се мери со статус во општеството. Тие две работи едноставно не одат една со друга. Или ќе бидете робови на туѓото мнение, или ќе бидете среќни. Трето нема. Ако мислите дека трето е да се помирите со ситуацијата е невозможно. Сепак, ние луѓето сме хедонисти и пред се’ сакаме да ни е убаво и да се чувствуваме среќни. Парите доаѓаат и си одат, ги трошиме, бизнисите процветуваат и прецветуваат, пропаѓаат, но она што е најважно е кога ќе се прибереме дома, да имаме кој да не’ сослуша, утеши и да ни покаже дека е тука, без оглед на се’.

Жалосно е да не си дадеме шанса и можност да сме среќни. Љубовта не се купува со пари, ако пилето не ти пее. Она што сите го носиме во себе, тоа сме ние. Пилето не пее кога е најадено, туку кога е слободно и среќно. Зошто сами си ставаме сопки, за кои потсвесно знаеме дека ќе не’ паднат на земја и дека си го упропастуваме животот. Станав пребирлива од многу аспекти. Не ме интересираат пари и статуси, ме интересира кој ми носи насмевка и утеха кога ми е тешко. Не ме интересира материјалното, оти дур ме крепи умот и имам две раце, сама ќе заработам се’ што можам. Сакам муабет, надополнување, сакам да можам да дрдорам или да молчам и да ми е удобно и во едното и во другото. Среќата ја мерам во душата, дали мирно спијам, дали ми се моите и детето живи и здрави, дали ми се пријателите среќни, дали со некој го имам кликот кој ми е потребен за да се разбуди жената во мене. Се научивме да сме површни во се’. Јадеме за да се најадеме, пиеме за да се напиеме. Забораваме дека храната е ритуал на задоволство и дека пиењето е уживање. Одамна не можам со било кој да седнам на маса и да јадам, едноставно залаците ми заглавуваат во грлото. Површноста ја издигнавме на ниво на совршенство. Па за мене и пишувањето на колумна е ритуал во кој се внесувам себе и си ја отворам душата. не е колку да нашкрабам нешто и да бројам лајкови или читаност. Ако е поинаку, не би можела ниту реченица да склопам.

Не сме посветени на она што го правиме. Не сме посветени ниту во односи со најдрагите во нашите животи. Сакаме само да протрчаме низ животот, додека еден ден не сме побелени па ќе се чудиме каде ни отишле годините. Сакам смиреност, не досада туку смиреност која ќе ми даде мудрост да сум 100 проценти присутна во својот живот и во она што го правам. Дали ќе е тоа прошетка и муабет со ќерка ми, испиено кафе со моите, седнување на пијачка со пријателите, или водење љубов, сеедно. Глумиме живот, среќа, оргазми, пријателства. Глумиме родителство, брак, љубов. Го сакам најчистиот облик на љубовта. Оној кој нема да ми создава мачнина и кој ќе ми донесе лекост во се’ што правам. Го сакам наједноставното и најтешкото нешто за живеење. Оти да се разбереме, за таквиот живот и за таквото љубење требаат тестиси и тоа големи и издржливи. Оти тоа бара откажување од лажните вредности, соочување со сопствените слабости и несовршености, бара труд, напор. Но, верувам дека цената која ја плаќаме за откажување од она што не сме е помала од онаа која ќе ја платиме ако живееме по теркот на другите. Никој, па дури ни моите родители не можат да знаат што ми прија а што ме прави несреќна. Тоа го знам само јас, тоа го знаете само вие.

Велат дека среќата ги следи храбрите, а јас верувам во тоа. Верувам дека секое откажување од себе носи болест, која го јаде умот и телото. Бидете храбри и живејте онака како што ви кажува пилето во градите. До вас е дали ќе пее или ќе замолкне. До вас е дали ќе му ги отворите вратите ширум и ќе го пуштите на слобода, или ќе го држите затворено и несреќно. Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Љубов која не боли

Која мачнина не носи

Која за тага не знае

Која мудрост носи

Љубов која дише

Дури и тогаш кога последниот здив се испушта

Онаа која живее

Која телото го надживува

Љубов која е чиста

Како тазе испеглана кошула

Неизгужвана од лаги

И со искреност намирисана

Љубов која жед гаси

Чија храна во живот одржува

Која знае кога да премолчи збор

И која знае кога да проговори

Љубов која расте

Како дете во утробата на мајката

Која свој пат има

И сите препреки ги минува

Љубов во која свој си

Која не трпи глума

Во која воздишката вистинска е

И трепетот на телото е раѓање

Љубов која копнее

И од копнежот сила добива

А од силата корени си пушта

Та дрво зеленее и плодови има

Љубов во која пилето пее

И кое замолкнато не е

Кое на слобода крила шири

И песната не му замира

Љубов која сиот живот ја бараме

И во која животот друг облик добива

Во која ние секогаш се таа и тој

Испреплетени ко бршлен околу столб

Љубов

Ах љубов во која љубов има

И која вреска од среќа

Која се кикоти ко дете

Која е накитена ко млада мома

Која е храбра ко момче младо

Кое по невестата оди

Која не знае за сомнеж

Ниту за двоумење знае

Таквата љубов која еднаш расте

Како ретка билка

Која скапоцена е ко алтан

А која во алтани не се мери

Таквата љубов да ми е да ја имам

И таквата љубов мене да ме има

До тебе да цутам

До мене да седиш

Рака в рака до старост

Дур еден од нас не си замини

А во другиот да остане да живее