Од мажените немаме дечковци

Добивај вести на Viber

Да си сингл или (пупупу, не дај Боже) распуштеница, одма си опасност во најава за сите оние кои се во врска или брак. Дали е тоа чисто женски инстинкт кој проработува заради наводна конкуренција или е страв од тоа да не биде жената заменета со друга (најчесто нејзина помлада верзија), не знам. Само знам дека сум почувствувала на своја кожа и грб што значи да си разведена, пардон распуштеница на овие простори. Па уште ако си со дете, сеедно дал си самохрана мајка или брак кој не функционирал, е тогаш е веќе шпанска серија. Нормално, сите помислуваат дека бараш потенцијален материјал што ќе се покаже како добар за да се вдомиш и себе и детето. Никому не му текнува дека можеби таа жена одбрала да живее онака како што живее, секако со мисла дека можеби ќе си го најде своето парче среќа, што автоматски не значи дека со тоа ќе одземе нешто од нечиј дом. Не велам дека нема и ќе нема жени кои после крах на врска или брак бескрупулозно настојуваат со сите сили и средства да најдат некој, не водејќи сметка дали е со обврски или не или дали ќе нанесат штета. Но, лошо е кога се генерализира. Сум била во врски, сум била во брак и дали ми биле другарките сингл или не, дали партнерот имал другарки кои биле сингл или не, не ми менувало ама баш ништо. Ме интересирал нашиот однос и дали нештата меѓу нас биле ко што треба, без тоа да го поврзувам со моите или неговите другарки/пријателки/колешки.

Впрочем, не еднаш имам кажано дека ниту еден од нас не оди наназад со годините или изгледот. Старееме, сакале или не, сосем сеедно дали ќе се помириме со тоа. Не сум иста од пред 10 години, ама тоа не значи дека не сум задоволна со ова што го имам сега или со тоа што го живеам. Да, ми фалат работи и секогаш ќе има нешто кон што ќе тежнеам, ама тоа секако не е младоста. Оти да се разбереме, нема да се врати и само ќе се поболам ако мислам на тоа. Башка, стареењето е убав процес ако човек знае како да ужива и да го извлече најдоброто од секое доба во кое се наоѓа. Или во превод, ако ми бараш замена, бујрум. Барем денес се’ е достапно ко на шведска маса, така што, поарно не си го губи и не ми го губи времето за да се лажеме еден со друг.

Но, она за што сакав денес да зборуваме е еден друг феномен или појава. Ме поттикна едно видео на познатата српска актерка Сандра С. (да ме убиете, ама не ми текнува на презимето), кое ќе ви го прикачам на колумнава и која ја обожувам оти се’ си кажува онака како што е во машко-женските односи, без притоа да зазема страна.


Е, во тоа видео, на нејзин својствен начин го опишува моментот на гревот на “распуштеницата” која сака да има дечко, за разлика од тоа дека е сосем “нормално” да си “поштена жена, ал да уживаш са дечком”. Ме изнасмеа, оти сите замижуваме пред она што станува секојдневна појава. Да, сакале да признаете или не, секоја од нас која нема партнер или е разведена е потенцијалната “ороспија” која ќе ја уништи идилата на заедничкиот живот, без да се завртите околу вас и да видите оти таквите активности не баш резервирани за сингл жените. Самото тоа што е некоја во долга врска или брак, како да е некаква сигурност дека партнерот ви е безбеден. Ко ќе чујам “а бе, има долга врска” или “не бе, нема ништо меѓу нив и двајцата се во брак”, не знам дал да се изнасмеам или да се расплачам. Па дали сте бре свесни колку бракови наводно функционираат формално, а и двајцата си бркаат работа на страна? (има еден израз кој го користи Божо, а го вика “хефтање” и многу ме бендисува). Сексот надвор од бракот не е драги мои само машка дисциплина. Ќе се изненадите колку од женичките кои се навидум мирни, фамилијарни, па нешто и отповеќе скромни, стануваат аждери кога се во прашање туѓи мажи. Или тоа не се важи? Па секако дека не се важи, кога главното оправдување е “нема везе, таа е во брак”. Стварно? Ова со браков му доаѓа ко на работа, односно во брак сум од-до, а останатото време си бркам работа.

И не е проблемот шо си бркате работа, туку проблемот е што вие што си бркате работа имате полна уста гадотии на сметка на жените кои се сами или оние кои ставиле точка на бракот. Па уште и како со сласт низ уста ви се вртат сите погрдни изрази со кои не’ честите, секоја ви чест. Колку да не речете дека не сум ви кажала, еве да ве просветлам. Најчесто ако мажите имаат некоја, се работи за жена која е исто така во брак, оти ние самите сме преголем залак. Ние не сакаме да се криеме и не сакаме да се пикаме по хотели и евтини станови кои се издаваат на час. Сакаме врска со сите тертипи, од пазарење заедно, до минување ноќ во ист кревет. Не сме сами оти сме желни за врска која нема иднина, туку оти сакаме да најдеме нешто во кое ќе бидеме НИЕ.

А односот со мажените е веќе полесен од многу аспекти. Криењето доаѓа како афродизијак, па украдени мигови, па тоа страст дрндрн, а секој со прпа да не се дознае. Ете токму затоа да си се пазите од мажените, а не од нас. Нам и онака ни е преку глава од пораки од женети мажи во инбокс кои на долго и на широко ќе раскажат колку се несреќни во бракот и како се заедно поради деца, кредити, обавезно е дека немаат секс одамна, дека спијат во различни кревети и останати лаги кои се гледаат од километар. Такви “несреќни” мажулиња по пораки, колку ви душа сака, додека не му видите некоја слика од милата му сопруга која ќе го тагне на семејна веселба или одмор (иако нели се подразбира дека и на одмор не спијат заедно, па си велем што стандард ќе беше тој да си дозволуваат две засебни соби).

И да се разбереме, не ви се мешам во тоа како ќе си го живеете животот, без оглед дали сте мажени или не. Ниту ме интересира, ниту сакам да знам, ниту пак ми менува нешто во начинот на кој јас и останатите ко мене го живеат својот живот. Ама ми пречи кога гледам реализирана жена која има свое место за живеење, дете ( не мора), има добра егзистенција, ама гревот е што се развела. Аман, оставете не’ да дишеме и не туку пикајте го носот во нашиот дом. Впрочем, ние не сме ви влегле во вашиот за да ви ги мешаме лончињата. Не е мое да судам, знам жени кои се длабоко несреќни онаму каде што се и немаат сила да пресечат, па наоѓаат начин да преживеат. И разбирам, се’ разбирам. Ама не разбирам како не сфаќате дека навистина дојдоа времиња кога ние што сме сами сме сами оти не можеме од мажените да си најдеме дечко/партнер. Додека сте со уплав од нас, не гледате она што ви е пред очи. А најлесно е да се покаже со прст на жена која нема зад што да се скрие, па макар тоа било и еден климав брак без љубов и среќа, полн со расправии и меѓусебни обвинувања.

Спијте раат од нас, ние сепак бараме нешто повеќе од гледање на часовникот кога е некој со нас, многу повеќе од нервозно  притресување на секое звонење на телефонот и криење. Не ни ја преценувајте фаталноста, за сметка на тоа што ќе ни ги потцените потребите. Не е само до сексот, тоа може секоја од нас да го има доколку сака. До љубовта е, до споделувањето и до останувањето заедно и во добро и во зло.

И да, нашите деца верувале или не, имаат веќе татковци. Не знам баш дали сакам некој избеган од дома да биде пример каков партнер треба да бара ќерка ми кога ќе порасне. Држиме до себе и повеќе отколку што мислите. Сакаме љубов, но не по цена која мислите дека сме спремни да ја платиме, со својата чест и достоинство. Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Жените кои љубов бараат

Напорни се жените кои љубов бараат

Кои од тебе душата на астал ја сакаат

И срцето до неа како залог

Дека спремен си за нив да се бориш

И дека верба ќе имаш

Да ги пуштиш во себе

Оти нив со евтини трикови

Не можеш да ги имаш

Ниту со светликав накит да ги купиш

А со збор ниту до умот да им допреш

Та колку сакаш слаткоречив биди

Или со мудрости расфрлај се

Само кротко ќе те гледаат

Дур ѕид меѓу вас градат

Жените кои љубов бараат

Мачни се и тешки да ги истрпиш

Ако немаш што да им дадеш

Освен ноќ полна оргазми

И ден полн празнотија

Како куќа без покуќнина

Која никојпат дом нема да е

Оти таквите знаат сами да бидат

И знаат се’ за лажени да не се

Та за таквите труд треба

За да им чепниш внатре

За да засветат по тебе и однадвор

Како исполирано злато

Чиј сјај згаснал од нељубов

Која бразди наместо смејалчиња

Кај очите им оставиле

Жените кои љубов бараат

Тие и таквите

Ако знаеш оти не можеш да ги сакаш

Истај им се од патот

Кој и без тебе тежок им е

Не им клавај сол на раната

И не се пазари со нив

Оти кантар нема кој ќе стежни

На страната на која сиот себе нема да се дадеш

Жените кои од љубов живеат

И кои за љубење се родени

Не се за силата врз нив да ја покажуваш

Ниту за своите слабости нив да ги казнуваш

И грев на душа ќе си навлечиш

Ако на таква жена

Од поганлаци на срце и’ газиш

И сакаш врз неа со меч да стоиш

Како џелат да си

Оти само една солза

Од жена која љубов бара

Тежи ко црна земја

И ко карпа врз море навалена

Таква солза кога ко ќе исцедиш

Од жена која љубов бара

Поразот ти ќе го носиш

Дур си жив, дур жив си