Пред некој ден запознав една жена-лавица (не по хороскоп, туку по карактер). Успешна, своја, убава, со ум кој работи 300 на час. Едноставно, жена за восхит и за почит. И во таков неврзан муабет кој се одвиваше во поголемо друштво, стана збор за тоа кој каде ќе оди за Новата. Јас, впрочем како и секоја година традиционално си седам дома. Кај ми студи да акам надвор, па ми е мака да се спремам за да одам некаде, туку и дочекот ама баш ништо не ми значи. Повеќе си ги љубам деновите отпосле кога земам одмор и кога планирам каде ќе заминам со ќерка ми. И доаѓа некако спонтано ред на жената да си каже каде за дочекот, кога наеднаш вели шеговито “еве, ние неколку вдовици ќе заминеме некаде надвор од градов”. Во прв миг штама, а таа додава “знам дека е чудно вака да се каже, ама тоа е животот”. Ја гледам отстрана и ја воочувам нејзината страст за животот и сила да се продолжи понатаму по загубата. Никој од нас не знае што ни носи денот, часот, мигот. Сабајлината сме тука, а до вечер....ехеееее, знаете како велат дека Бог се смее на нашите планови? Сфатив дека не само што немаме контрола врз она што треба да се случи, туку немаме ниту моќ да смениме нешто. Но, она што го имаме е изборот како ќе ги прифатиме сите работи кои не’ удираат и кои се непредвидливи.
Од нас зависи!
Само од нас зависи како ќе се носиме со она што ќе не’ снајде. И не дека е лесно или едноставно. Треба многу сила, волја, храброст за да се прифатат нештата кои ни го менуваат текот на живеачката. Само жената со која ја почнав колумнава знае со што се справува, само таа знае како и’ е во секојдневието. Колку и да сме другите емпатични или да сакаме да се ставиме во нејзините чевли, џабе е. Болката е само нејзина, но нејзин е и изборот да тагува, но живеејќи. Некако како да ни е навика дека треба туѓата загуба/болка/несреќа да е видлива и со голо око. Како да е тоа показател кој колку пропатил низ животот. А чудна работа, имам еден куп жени околу мене кои минале низ различни видови пекол, но кога ќе ги видите, изгледаат како да се тукушто излезени од салон за убавина. Зошто треба (според реакциите на останатите) да бидеме мизерни ако ни се случил земјотрес кој ни ги изместил сите правила, вредности и удобности?
Зошто треба да сме олицетворение на запуштеност, мизерија или да сме насолзени цело време ако сме сами, дали по свој или по избор на судбината? Каде е запишано дека смеата, спастреноста, стокменоста, женственоста и убоста се резервирани за оние во чиј живот оди се’ како подмачкано?
Е еве повторно дилема. Има ли воопшто некој кому му е се’ како подмачкано? Јас, низ сите овие години немам видено човек кој може да се пофали со совршен живот. Не, не станува збор за тоа кој колку е среќен, оти ако ме прашате мене, среќна сум но не ми е животот спастрен онака како што сакав или замислував. Сепак, тоа не ме прави несреќна, туку уживам во среќата на она што го имам. Зошто би било поинаку за останатите и зошто воопшто очекуваме дека среќата е ултимативно врзана со имање СЕ’. И впрочем, што е СЕ’? За болните, тоа е здравје, за осамените е љубов, за сиромашните е азно. Ако ме прашате, знам дека моето “се’” е за некој друг една голема и дебела нула. Ако ставам на кантар дека имам среќа што ми се двајцата родители живи и релативно здрави за годините, дека ќерка ми расте среќно и станува своја, дека имам привилегија да го пишувам она што го сакам, дека можам да си бидам потпора на сама себе, дека имам шака луѓе кои вредат еден цел Универзум, дека ме служи умот и ме крепат нозете...дали е тоа СЕ’, дали е тоа есенцијата на мојот живот? Е сега, немам џип ниту куќа на некој тропски остров, ама па тоа не ми ни треба. Немам сеф во кој чувам скапоцени прстени и накит, ама па не ни носам. Немам гардероба од познати брендови, ама па и не ми се дава една просечна плата за крпче кое и онака низ годините ќе заврши како крпа за чистење паркет. Немам многу работи, ама имам СЕ’. Имам се’ што ме прави среќна и исполнета.
И повторно се враќаме на тоа дека од нас зависи. Токму од нас зависи како ќе го прифатиме она што ни се случува, сеедно дали е убаво или неубаво. Од нас зависи дали од трагедијата ќе извлечеме сила од себе која не сме ни биле свесни дека ја имаме, или ќе се жалиме и тогаш кога животот е добар со нас. Од нас зависи дали и колку ќе дозволиме да бидеме третирани онака како што заслужуваме или некој ќе си игра мајтап со нашата добрина и питом карактер. Од нас и само од нас зависи дали ќе си играме живот или ќе го живееме, дури и по цена на периоди полни со солзи, беспомошност, депресија.
Нема формула за ништо. Нема формула за тоа како да се биде во љубов со себе, или како да се опстои во заедница. Најмалку има формула за среќа. Но, има неколку предуслови за да може човек да си го сака животот, себе и да е спремен да се бори за утрешнината. Моите ги научив на потешкиот начин, од свое искуство. Не бев мудра да “купувам” туѓо искуство, ама ако сум искрена, мислам дека никој ништо не научил доколку сам не го изел стапот и не пропатил. И тоа искуство ми донесе сознанија дека не секогаш мојата питомост се смета за врлина, туку за глупоштина. Осознав дека доколку премолчам нешто што ме вади од кожа, не само што ме јаде однатре, туку оставам простор повторно да ми се случи истото оти луѓето не читаат мисли и додека не си каже човек што не му се допаѓа, нема прогрес. Па осознав дека во суштина, сите сме сами и не се кажало бадијала дека сами се раѓаме и сами умираме, но (секогаш има НО) низ животот бираме луѓе со кои не сме осамени а тоа по правило и не мора да е партнер. Потоа осознав дека толерацијата кон токсичните луѓе кои ви ја разредуваат енергијата и кои се склони да ви ја цицаат крвта на сламка се во суштина луѓе кои не се сакаат себе што автоматски значи дека не се способни да сакаат и некој друг, па затоа подалеку од нив. Башка, ми стана јасно дека фетишот кон однесувањето како мајка Тереза е само чекор поблиску до незадоволство и празнотија, а и нељубење себе.
И за крај...осознав дека освен животот и смртта, навистина се’ останато зависи од мене. Не дали ќе се случи или не, туку дали ќе излезам посилна или ќе се скршам. Само од мене зависи колку и како ќе си дозволам да бидам среќна, спокојна, задоволна. Само од мене зависи и колку ќе бидам несреќна, со немир во себе и незадоволна. Почетокот на оваа година нека ви биде лесен, успешен, нека ви тече годинава како вода, без многу турбуленции и без стресови. И да знаете, од нас/ од вас зависи!
Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Велат
За секој од нас место под сонцето има
И ниту еден човек роден не е
За во туѓа сенка да се прпелка
Дека секој сончевина во себе носи
И дека со убост посебна сјае
Дури и тогаш кога небото сиво е
И кога облаците натежнале над земјата
Велат
Старите и мудрите така велат
Дека дете ко ќе се роди
Ко сонце в куќи да има влезено
И дека од него сите се греат
Небаре топло огниште среде зима баботи
Та свети куќата со радост
Од среќа распослани шербет мисли на сите страни
Велат
Ете сум чула како велат оти сонцето за сите исто е
И за него нема боја, раса ниту пол
Дека бакнежот сончев за секого ист е
И топлината која душата ја загрева
Та нема чоек кој со сласт не ја впива
Мижурајќи со глата угоре крената
И насмев на крајот од усните
Велат
Велат оти за секој од нас време има на земјава
И дека секој со секого ист е
Та сите за љубов копнееме
Од исти кошмари страдаме
На исти радости срцата ни се полнат
Од исти болки утробата ни се собира
Ко во неа камчиња мали да има
Од јад и бес, од страв и гнев
Велат
Велат оти небото доволно широко е
За под него чоек раат да си живее
И најдоброто од себе да го даде
Оти мисијата чоечка не е за војна да води
Ниту за сабја в раце да држи
Туку некоја арнина да стори
И од арнината друг да израдува
За да мирно може да спие, да заспие
Велат
Велат дека за секој од нас место има
И под сонцето
И под ова небо
И над него кога душата телото го напушта
За секој од нас место има
И за секој од нас надеж има
За под сонцето да живее
И на небото споменот да му заживее
Ете така велат
Така велат оние кои за љубов знаат