Одличен концерт на Антички: Влатко Стефановски свиреше во чест на пожарникарите во Охрид

Влатко Стефановски свирел повеќе пати во Античкиот театар во Охрид, но сношти за него беше посебна вечер, затоа што младите музичари од неговото трио Иван Кукиќ на бас и неговиот син, Јан Стефановски на тапани, за првпат свиреа во Охрид. 

Влатко, Иван и Јан звучат како едно и меракот со којшто „пловат“ од една музичка приказна до друга, публиката го препозна и го награди. На почетокот, Стефановски им упати емотивна посвета на пожарникарите.


-Ве молам, пред да продолжиме да свириме, да ги поздравиме пожарникарите кои храбро се борат со огнените стихии низ Македонија, и да се надеваме дека наскоро ќе се смират“, рече Влатко.

Со убаво осмислен репертоар кој нè прошета од „Си заљубив едно моме“, и „Елено ќерко“ преку приказната за „Сеир“, песните од „Леб и сол“ до темите од новиот албум „Taftalidze Shuffle“, Влатко како да ги испеа песните на своите гитари. Просто да уживаш, од почеток до крај. 


Расположен и ведар каков што го знаеме, тој раскажа и два вица во кои тој е главниот лик. „Оди Влатко Стефановски во бурекџилница и вели: Дајте ми 7/8 бурек со месо“. Оваа симпатична приказна беше одличен вовед во неговото познато: „Јен два три, јен, два, јен, два“, песните во седум осмини кои со години наназад ги свири дома, во поранешна Југославија, низ Европа и низ целиот свет. „Јовано Јованке“ на пример е еден од неговите заштитни знаци каде и да се појави.


Гостинката на концерот не беше најавена, а секогаш е одличен избор Весна Ѓиновска- Илкова, особено во комбинација со Влатко. Беспрекорно, како што само таа знае ја испеа „Македонско девојче“, и уште една светски позната тема „Con te partiro“ од Андреа Бочели, со изведба- да се наежиш.  Овој концерт ќе се памети и по енергичноста во изведбата на Јан Стефановски, на кој му пукна добошот среде концерт, но по брзата реакција на организаторите, му стаса нов. 

А Влатко не би бил Влатко, ако за на бис не ја остави „Учи ме мајко, карај ме“ и „Скопје“. Убавината на „Бистра вода“, тој ја најави како нумера која му е многу драга и е актуелна и по 30 години.


Концертот го организираа „Баги комуникации“.

Милица Џаровска