Оксана Палиј од Украина: Со сопругот спасивме 40 возрасни и 20 мали кученца од Харков

Оксана Палиј и нејзиниот сопруг Антон Лобојченко од Харков, Украина, се професионални одгледувачи на кучиња. Нивниот живот до пред пет месеци бил секојдневно поврзан со грижата за своите миленици. Често пати патувале низ Европа на изложби, на кои нивните кучиња освојувале највисоки признанија.

Оксана Палиј била сопственик на „Fashion RID”, а нејзиниот сопруг Антон Лобојченко на „Aventutas en Alaska“.

- Главната раса во одгледувачницата на мојот сопруг се Алјаските маламути. Јас имам Папилони и минијатурни Пинчери.На 23 февруари се вративме дома од одмор, а на 24 февруари во 04 часот и 50 минути се разбудивме од експлозија и од силен оган надвор од прозорецот. Стана јасно дека се случило тоа за што се зборуваше во последно време. Страшен збор е „војна“. Русија ја нападна Украина. Првите денови од војната беа страшни и не беше јасно што понатаму– вели Оксана.

Седум ноќи поминале со нејзиното семејство и со малите кучиња во подрумот. Биле многу загрижени за големите кучиња кои живееле надвор во куќарки.

- На осмиот ден од војната решивме да го напуштиме Харков. Нашето семејство има големи минибуси. Тоа ни помогна да го евакуираме целото семејство, нашите вработени и нивните семејства. Излеговме надвор со 40 возрасни кучиња и 20 мали кученца.Најмалите кученца беа стари само две недели.Пет дена патувавме кон Западна Украина. Решивме да одиме со нашите кучиња во Европа. Благодарение на пријателите од странство, успеавме да ги однесеме кучињата во различни земји. Нашите Алјаски маламути живеат во Франција во одгледувачницата на Анжелик Паскје,  која ни обезбеди нејзини куќарки за удобен живот.Нашите Папилони и минијатурнитеПинчери живеат во одлични услови во куќа во Србија. Им благодарам на моите пријатели, Миодраг Вретеничиќ, што им обезбеди сместување и на Рале Цекиќ за сеопфатната помош во Србија– потенцира Палиј.

За време на војната, со сопруготим помогнале на неколку одгледувачници да се преселат од Харков на безбедни места. Оксана сега живее помеѓу три држави - Франција, Србија, Украина.

-Мојот сопруг остана во Украина. Заедно им носиме и им доставуваме хуманитарна помош која доаѓа од Европа на многу сопственици кои престојуваат во Харков со своите миленици.Секогаш кога е можно, се трудиме да не го заборавиме нашето хоби - изложбите на кучиња. Наоѓајќи се во Европа, адекватно ја претставувавме нашата земја на саемот за кучиња од највисоко ниво. Во ЕДС (EDS), кој се одржа во април во Париз, Франција, нашите кучиња ги добија титулите Јуниорски европски победник (Папилон) и Победник на Француското првенство (Алјаски маламут). Во Србија, исто така, посетив неколку изложби за кучиња и мојот Папилон стана вицепрвак во Шоуто во градот Врање.

Навистина се надеваме дека разумноста ќе победи и војната ќе заврши наскоро и ќе можеме да се вратиме во нашата Украина и нашиот сакан град Харков – се надева Оксана.

Соња Алексоска Неделковска

Фото: Приватна архива